Новите ограничувања за извоз на батерии, кои Кина неодамна ги најави, би можеле сериозно да влијаат на американските компании, предупредуваат аналитичари.
Иако Пекинг претходно ги користеше ретките метали како оружје во трговската војна со Вашингтон, сега се чини дека батериите стануваат нова точка на притисок. Кина има водечка позиција во светската индустрија за батерии, а побарувачката во САД расте поради потребата за складирање енергија — особено за центрите за податоци поврзани со вештачката интелигенција и стабилизацијата на електричната мрежа.
Новите правила, кои стапуваат на сила на 8 ноември, опфаќаат голем дел од синџирот на снабдување со батерии. Тоа вклучува големо-напонски литиум-јонски батерии, катодни и анодни материјали, како и машини за производство на батерии — области каде Кина има доминација.
Прочитај повеќе

Нов трговски земјотрес: Трамп се закани со 100% царини за Кина
Американскиот претседател најави високи царини за Кина од 1 ноември, како одговор на кинеската закана за извозни ограничувања.
11.10.2025

Како Кина го вознемири Трамп: Со блокада на ретките метали сака да го закочи производството на чипови
Кина го затегнува обрачот: новите ограничувања на ретки метали го загрозуваат светскиот пазар на чипови и ја зголемуваат трговската тензија со САД.
11.10.2025

Милијарди во добивки од криптовалути исчезнаа за неколку часа
Потрес на криптопазарот: биткоинот потона над 12 проценти поради царинскиот удар на Трамп, со рекордни ликвидации од преку 30 милијарди долари...
пред 3 часа
Како и со претходните мерки, компаниите ќе мора да добијат лиценци од кинеското Министерство за трговија пред да извезуваат. Тоа ѝ овозможува на Кина селективно да го користи извозот како средство за политички и економски притисок.
„Иако ова не ги погодува сите индустрии, Кина има толкава контрола врз синџирот за батерии што ефектите можат брзо да се почувствуваат од американските компании“, вели Метју Хејлс, аналитичар за трговија и синџири на снабдување од „Блумберг НЕФ“ (BloombergNEF).
Според податоците, во првите седум месеци од 2025 година, околу 65 отсто од увезените батерии во САД доаѓале од Кина — што значи дека новите ограничувања директно ќе го погодат американскиот пазар.
Побарувачката за батерии во САД експлодира, особено поради растот на вештачката интелигенција. Според истражување, потрошувачката на струја од страна на центрите за податоци во САД се има повеќе од удвоено од 2017 до 2023, и се очекува да тројно да се зголеми до 2028 година.
Кина можеби се соочува со ограничувања за пристап до напредни чипови од САД, но токму енергијата е најголемото „тесно грло“ за американската ИТ инфраструктура, велат експертите.
Големите батерии служат за складирање вишок обновлива енергија и нејзино користење кога е најпотребно — тоа е клучно за избегнување прекини и за стабилност на мрежата. Само во 2024 година, САД достигнаа вкупен капацитет на батерии од 26 гигавати, а само во Тексас беа инсталирани околу 4 гигавати – доволно за напојување на околу 3 милиони домови.
Кина цврсто го држи синџирот за снабдување со батерии
Bloomberg
„Блумберг НЕФ“ предвидува дека следната деценија ќе бидат додадени уште 136 гигавати капацитет, од кои голем дел ќе мора да дојде од Кина — зашто нема доволно алтернативни извори.
Иако производството на батерии во САД расте, тоа сè уште не е доволно за да се задоволи домашната побарувачка. Дополнително, и самите фабрики во САД зависат од кинески суровини. Кина контролира околу 96 отсто од глобалното производство на аноди и 85 отсто од катоди, според „Блумберг НЕФ“.
Вклучувањето на овие клучни компоненти во новите правила претставува „огромна ескалација“, вели Кори Комбс од „Тривиум“ (Trivium China), бидејќи компаниите надвор од Кина се речиси целосно зависни од нив.
„Фабриките за батерии кои никнуваат низ југоисточниот дел на САД ќе бидат директно погодени — тоа се нивните основни материјали“, додава Селина Миколајчак, поранешна раководителка на производството на батерии во „Тесла“ и „Панасконик“.
Акциите на ФЕ (Fluence Energy Inc.) паднаа за повеќе од 12 отсто во петокот, а акциите на „Тесла“ се намалија за 5 отсто — двете компании зависат од кинески компоненти.
„Овие потези на Кина додаваат уште еден слој сложеност во глобалниот синџир на снабдување и уште повеќе ја нагласуваат потребата за забрзана домашна иновација“, изјави Денис Фарес, директор на ДЕ (Dragonfly Energy), американски производител на батерии со фабрика во Невада.
Од друга страна, и Кина може да се соочи со негативни последици. Нејзината батериска индустрија вредна милијарди долари е силно зависна од извозот, особено поради презаситеноста на домашниот пазар. Останува нејасно како точно Пекинг ќе ги спроведе овие нови правила.
Аналитичарите сметаат дека мерките имаат двојна цел: да се користат како адут во трговските преговори, но и да се заштити водечката позиција на Кина во индустријата.
„Кина отворено кажува дека не сака да ги сподели своите клучни технологии“, вели Иларија Мацоко од Центарот за стратешки и меѓународни студии. „Очигледно е дека сака да биде водечка сила во оваа област со децении.“
Колку Кина ќе реши да ја користи својата моќ во батериите ќе зависи и од исходот на трговските разговори. Претходно, Кина ги обнови испораките на ретки метали кон САД по договор со администрацијата на Доналд Трамп во јуни.
Се очекуваше Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг да се сретнат во Јужна Кореја подоцна овој месец за нов трговски договор. Но, по новите мерки на Кина, Трамп изјави дека „нема причина“ да присуствува на состанокот и најави дополнителна царини од 100 отсто за кинески производи преку серија објави на социјалните мрежи.