Новите глобални царини од 10 отсто на американскиот претседател Доналд Трамп стапија во сила, со што Белата куќа го започна обидот да ја зачува трговската агенда на претседателот откако Врховниот суд ги поништи неговите првични сеопфатни давачки.
Трамп минатиот петок потпиша извршна наредба со која ја одобри царината од 10 отсто, само неколку часа по судската одлука. Потоа тој се закани дека стапката ќе ја зголеми на 15 отсто, но до вторникот во 00:01 часот по време во Вашингтон, кога мерката стапи во сила, Трамп официјално не издаде налог за зголемување на царината.
Белата куќа работи на формален акт со кој глобалната царинска стапка би се зголемила на 15 отсто, изјави претставник на администрацијата. Временската рамка за примена на повисоката царина сè уште не е утврдена, рече истиот извор, кој сакаше да остане анонимен.
Прочитај повеќе
S&P 500 паѓа поради неизвесност околу царините, „Енвидија“ зајакна пред резултатите
Царинската неизвесност повторно ги разниша берзите во САД, но светла точка е „Енвидија“. Аналитичарите оценија дека акцијата е премногу евтина за да се игнорира.
23.02.2026
ЕУ го одложува трговскиот договор со САД поради новата неизвесност
ЕУ е подготвена да го замрзне процесот на ратификација на својата трговска спогодба со САД и бара повеќе информации од администрацијата на Трамп за новата царинска програма откако Врховниот суд на САД ги укина претходните давачки...
23.02.2026
Кои земји се победници, а кои губитници откако судот ги блокираше царините на Трамп?
Додека Трамп последователно објави планови за глобална стапка од 15 проценти, „Блумберг економикс“ пресмета дека тоа би значело просечна ефективна царинска стапка од околу 12 проценти.
23.02.2026
САД бара партнерите да ги почитуваат царинските договори додека Трамп се прегрупира
Овие договори - што администрацијата ги склучи со партнерите, вклучувајќи ги Кина, Европската унија, Јапонија и Јужна Кореја - остануваат на сила, изјави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир
23.02.2026
ЕУ ќе го суспендира ратификувањето на трговскиот договор со САД поради царинскиот хаос
Шефот за трговија на Европскиот парламент ќе предложи замрзнување на процесот на ратификација на трговскиот договор меѓу Европската унија и САД сè додека не се добијат детали од администрацијата на претседателот Доналд Трамп за новата трговска политика.
22.02.2026
Властите во Токио загрижени поради хаосот со царините на Трамп
Висок функционер на владејачката Либерално демократска партија на Јапонија ги нарече американските тарифи „вистински хаос“ откако претседателот Доналд Трамп ги зголеми давачките како одговор на одлуката на Врховниот суд дека неговите претходни тарифи биле незаконски.
22.02.2026
Недостигот од јасни сигнали од Вашингтон создаде конфузија низ светот околу царинската агенда на Трамп. Државите и компаниите ги анализираат постојните трговски договори за да проценат како би поминале под најновите закани на Трамп. Клучни трговски партнери, меѓу кои Европската Унија и Индија, нагло ги запреа тековните трговски преговори поради неизвесноста.
Трамп ја применува основната царина од 10 отсто според Секција 122 од Законот за трговија од 1974 година, која му овозможува на претседателот да ја воведе мерката во период од 150 дена без одобрение од Конгресот. Кон овој пристап се сврте откако судот пресуди дека го прекршил законот за вонредни овластувања, користејќи го за воведување на таканаречените „реципрочни“ царини за стоки од земји низ светот.
Со наредбата се задржаа одредени ослободувања, вклучувајќи ги и стоките што се усогласени со северноамериканскиот трговски договор меѓу САД, Канада и Мексико, како и исклучоци за дел од земјоделските производи што постоеја и во рамките на царините на Трамп што судот ги поништи.
Просечната ефективна царинска стапка во САД ќе се стабилизира околу 10,2 отсто, вклучувајќи ги и овие ослободувања, што е намалување од 13,6 отсто пред судската одлука, покажува анализата на „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics). При глобална царина од 15 отсто, ефективната стапка би изнесувала околу 12 отсто, се наведува во истата анализа.
Планот според Секција 122 не успева да ја замени ИЕЕПА
Тимот на Трамп соопшти дека царините ќе останат клучен дел од неговата трговска политика, повторувајќи ги плановите за поведување низа истраги со забрзани рокови што му овозможуваат еднострано воведување давачки, со цел повторно да се изгради царинскиот режим што судската одлука практично го урна.
Ниту едно од овластувањата што ги наведува Белата куќа, како Секција 301 и Секција 232, не е толку флексибилно како вонредните овластувања што Трамп претходно ги користеше за вршење притисок врз трговските партнери.
Администрацијата се подготвува да поведе истраги за влијанието од увозот на низа индустриски производи, вклучувајќи ги батериите, леаното железо и железните приклучни елементи, опремата за електроенергетските мрежи и телекомуникации, пластичните цевки и одредени хемикалии, врз основа на прашања поврзани со националната безбедност.
Овие истраги, кои сè уште не се официјално најавени, претставуваат најава за нови царини, но нивното завршување може да трае со месеци.
Додека реагираат на одлуката на судиите, претставници на администрацијата ги повикаа трговските партнери да ги почитуваат договорите што ги имаат склучено со САД во текот на изминатата година.
„Сакаме да разберат дека овие договори ќе бидат добри договори“, изјави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир во емисијата „Соочување со нацијата“ (Face the Nation) на „Си-би-ес“ (CBS) во неделата. „Ги поддржуваме. Очекуваме и нашите партнери да ги поддржат.“
Овој аргумент не увери некои од големите економии. Европската Унија во понеделникот ја замрзна ратификацијата на договорот со САД сè додека Трамп не ги прецизира своите најнови царински планови. Во Њу Делхи, официјални лица наведоа слични причини поради кои Индија ги одложи разговорите во САД оваа недела за финализирање на привремениот трговски договор.
Трамп во понеделникот се закани со уште повисоки царини за партнерите што „си играат игри“ со постојните договори.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, изјави дека е „критично важно“ глобалната трговија да добие „јасни сигнали“ од американската администрација.
Заканата на Трамп дека ќе ја зголеми основната глобална царина на 15 отсто вознемири и некои традиционални сојузници што склучија договори со него. Обединетото Кралство минатата година договори стапка од 10 отсто со администрацијата, а повисокото ниво би можело да создаде понеповолна ситуација за неговите извозници.
Во меѓувреме други поконфронтациски земји, меѓу кои и Кина, би можеле да ја зацврстат својата позиција во преговорите со Трамп, сега кога неговите вонредни овластувања се ограничени. Американскиот претседател треба да го посети Пекинг кон крајот на следниот месец на долгоочекувана средба со својот колега Шји Џјинпинг.
Царините стапија во сила неколку часа пред Трамп да го одржи годишниот говор пред Конгресот за состојбата во земјата, на кој ќе присуствуваат демократите и дел од републиканците што се спротивставија на елементи од неговата трговска политика.
Се очекува говорот во ударниот термин да биде фокусиран на економската агенда, додека републиканците се обидуваат да формулираат порака за среднорочните избори за гласачите што се разочарани од трошоците за живот. Анкетите покажуваат дека јавноста сè повеќе ги гледа трговските политики на Трамп како фактор што ги турка цените нагоре. Анкета на „Вашингтон пост“ (The Washington Post), „Еј-би-си“ (ABC) и „Ипсос“ (Ipsos) покажа дека 64 отсто од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со царините, наспроти 34 отсто што го одобруваат.