Европскиот парламент во вторникот одобри привремен договор со земјите членки за измена на правилата за известување за одржливоста и обврската за длабинска анализа на компании. Преработената рамка го стеснува кругот на обврски и ублажува некои од барањата, со цел намалување на административниот товар и зајакнување на конкурентноста на европската економија.
Најголемите промени се однесуваат на обврската за известување за социјални и еколошки теми, која отсега ќе се применува на значително помал број компании. Известувањето ќе биде задолжително само за компаниите од ЕУ со повеќе од 1.000 вработени и нето-годишен промет поголем од 450 милиони евра. Истите прагови ќе важат и за странските компании што генерираат таков промет на пазарот на Европската Унија, како и за нивните подружници и компании ќерки ако имаат промет поголем од 200 милиони евра во ЕУ.
Со стеснувањето на кругот, законодавците одлучија значително да ги поедностават самите барања. Секторското известување станува доброволно, а истовремено се настојува да се спречи големите компании да го префрлат товарот на помалите бизнис-партнери. Компаниите со помалку од 1.000 вработени нема да мора да доставуваат податоци што не се опфатени со доброволните стандарди за известување. За да се олесни спроведувањето на новите правила, Европската комисија најави воспоставување дигитален портал со обрасци и насоки за националните и европските барања.
Прочитај повеќе
Неисполнети ветувања: Посиве зелената агенда во регионот
Зелениот договор не исчезна, но ентузијазмот во Европа се претвори во замор, а на Балканот во враќање кон фосилните горива, што ја продлабочува разликата меѓу плановите и реалноста.
27.11.2025
ЕСГ може да биде брана за високата корупција и иселувањето на младите од регионот
Социјалните и работните услови најмногу влијаат врз одлуката на младите да заминат.
25.06.2025
Мукаетов: ЕСГ веќе не е избор, туку чекор кон поголема конкурентност
Борбата против корупцијата, транспарентноста и етичкото лидерство се клучни за зајакнување на довербата на инвеститорите
04.06.2025
ЕСГ падна во немилост, но парите сè уште сакаат „зелено“
Фондовите ги отфрлаат акронимите, но и натаму инвестираат во соларната енергија, шуми и биодиверзитет.
06.04.2025
Примена на новите правила за одржливоста
Поконкретно се дефинирани обврските за длабинска анализа, односно проверка на негативниот ефект од бизнисот врз луѓето и животната средина. Според преработените правила, таквите анализи ќе треба да ги спроведуваат само најголемите компании, односно оние со повеќе од 5.000 вработени и нето-годишен промет поголем од 1,5 милијарда евра. Истите критериуми се применуваат и на странски компании што имаат ист износ на промет во ЕУ.
Што се менува?
Известувањето за одржливост е задолжително за компаниите со повеќе од 1.000 вработени и 450 милиони евра нето-годишен промет.
Правилата важат и за странските компании со 450 милиони евра промет остварен во ЕУ.
Длабинска анализа е задолжителна само за компаниите со повеќе од 5.000 вработени и 1,5 милијарда евра нето-годишен промет.
Секторското известување станува доброволно.
Се укинуваат обврските за планови за транзиција на бизнис-моделите.
Примената на новите правила почнува на 26 јули 2029 година.
Тие компании ќе мораат да ги идентификуваат ризиците во нивните синџири на активности, но од бизнис-партнерите со помалку од 5.000 вработени, информациите ќе можат да ги побараат само ако не можат да ги добијат на друг начин. Истовремено, од променетите правила целосно се отстрануваат обврските за планови за транзиција што досега бараа усогласување на бизнис-моделите со преминот на одржлива економија.
Bloomberg
Одговорноста за непочитување на правилата останува на национално ниво, а казните можат да достигнат до три проценти од нето-глобалниот промет на компанијата. Новите правила, сепак, нема да се применуваат веднаш. Директивата за длабинска анализа ќе стапи во сила дури на 26 јули 2029 година, што им остава на компаниите неколку години за да се приспособат.
Предлогот на директивата е усвоен со 428 гласа „за“, 218 „против“ и 17 воздржани, а Советот на ЕУ треба да го потврди официјално. По објавувањето во службеното гласило на Европската Унија, директивата ќе стапи во сила по 20 дена.
Преработените правила се дел од пакетот „Омнибус“ (Omnibus I) на Комисијата за поедноставување на прописите, претставен во февруари 2025 година. Пакетот е смислен за да се намали бирократијата и да се олесни усогласувањето на компаниите со правилата за одржливост, особено по одложувањето на примената на дел од обврските поврзани со известувањето и длабинската анализа. Брисел се обидува да најде баланс меѓу амбициозните цели за одржливост и притисокот за задржување на конкурентноста на европската економија во глобалното опкружување.