text size
Најверојатно ќе требаат години за поврат на финансиската инвестиција во проектите за реновирање на македонските студентски домови и ресурсни центри, иако по години, па и децении во кои македонската иднина живееше во мизерија, исплатливоста нема цена пред достоинството. Реновирањето Македонија не го плати сама, впрочем дел од парите се позајмица со камати, но веќе месецов студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе биде пуштен во употреба откако е завршен проектот за целосно реновирање. Станува збор за проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Северна Македонија“, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Освен „Стив Наумов“ се обновуваат уште осум државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом за средношколци во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес. Повеќето од овие згради се изградени во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, а студентскиот дом во Битола потекнува уште од 18 век. Клучна алка за обновата е енергетската рехабилитација.
„Најевтината и најчистата енергија е онаа, која никогаш не ја трошиме. Со повеќе од 21 милион евра грантови од Европската Унија преку REEP и WBIF, оваа инвестиција ги намалува емисиите и истовремено ја менува секојдневната реалност на илјадници студенти и ученици. Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Северна Македонија кон Европската Унија.“, вели Стефано Елеро, Шеф на Сектор за соработка, Делегација на Европската Унија во Северна Македонија.
Прочитај повеќе
Обновуваме фасади, менуваме столарија, климите работат, а и натаму ни е жешко. Каде грешиме?
Архитектот Марко Дабровиќ објаснува зошто зградите и денес често се проектираат според климатски услови што повеќе не постојат.
06.08.2026
По обновата, вкупната потреба за енергија по дом треба да се намали за просечно 56 проценти, а емисиите на CO₂ за 49 проценти. На ниво на целиот проект тоа значи заштеди од 7.700 MWh годишно и 3.400 тони CO₂ годишно, при што обновливите извори учествуваат со околу 12 проценти во потрошувачката на енергија.
REEP
Вкупниот расположлив буџет изнесува 85,56 милиони евра од кои заемот од KfW е во износ од 60 милиони евра; грантови од Европската Унија се во износ од 21 милион евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF); и 3,85 милиони евра од Министерството за образование и наука.
Реализација на проектот ќе трае до декември 2031 година. Се очекуваат и дополнителни финансиски средства, со што проектот во перспектива би надминал 100 милиони евра.
Проектот се спроведува во три фази, а во првата освен „Стив Наумов“ е и студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, кој треба да биде завршен најдоцна до крајот на годината.
Соба во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ по реновирањето/ Извор: REEP
Во втората ќе се завршуваат преостанатите седум домови, со тендери во завршна фаза, а наскоро се очекува да започнат реконструктивните активности и во „Никола Карев“ во Охрид. А во третата фаза се опфатени ресурсните центри и ученичкиот дом, а проектирањето започнало во април оваа година. Проектот се очекува да биде завршен во 2031 година.
Четири домови во Охрид, Прилеп, Штип и домот „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје ќе бидат обновени според уште повисок стандард, близу до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија (NZEB), со стручна проектантска поддршка од германскиот Фраунхофер институт.
„ Ова е темелна рехабилитација - сè се обновува, од конструкцијата до системите, кои трошат енергија и токму затоа намалувањето на потребата за енергија е околу 56 отсто по дом, а не десет или петнаесет. Четири згради одат чекор понатаму, близу до NZEB стандардот, со проектантска поддршка од Фраунхофер институтот.“, вели Роберт Шарламанов од KfW Скопје.
„За KfW ова е долгорочна обврска до 2031 година, низ три фази, финансирана преку комбинација на заеми, грантови и поддршка од Европската Унија. Токму грантот овозможува сериозна и темелна, а не козметичка обнова: без неа, работите би биле поплитки, а заштедите далеку помали. Она што се добива е инфраструктура што ќе троши помалку енергија многу години што доаѓаат.“, вели Оливер Јунгер, портфолио менаџер, Развојна банка KfW, Франкфурт.
Дамјан Стојковски од Министерството за образование и наука и Единицата за спроведување на проектот истакна дека крајната цел е подобрување на секојдневниот живот на студентите.
„Не станува збор само за тоа колку енергија ќе заштедиме, туку какви услови ќе им обезбедиме на младите луѓе во објектите во кои поминуваат значаен дел од своето секојдневие“, рече Стојковски.
Тој посочи дека кај старите објекти постојат непредвидливи конструктивни и технички предизвици, поради што проектот бара сериозна координација меѓу институциите, стручните организации и партнерите.
Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) е започната во 2013 година како заедничка иницијатива на Европската Унија, KfW и ЕБОР за Западен Балкан. Досега се мобилизирани повеќе од 1,1 милијарда евра, 184,6 милиони евра грантови од ЕУ и 982 милиони евра заеми од меѓународни финансиски институции. Програмата обезбедува заштеди од 1.220 GWh годишно и 730.000 тони избегнат CO₂ годишно, како и 90 законски и стратешки резултати во регионот. Се спроведува преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Соба во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ пред реновирањето/ Извор: REEP
Застарени згради
Македонија инаку има голем фонд на јавни објекти изградени пред неколку децении. Реконструкцијата на студентските домови треба да биде модел и за училиштата, болниците и другите јавни објекти, но по се изгледа за тоа ќе биде потребен подолг период.
Неодамна Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека почнуваат активности за енергетско реновирање на 14 јавни згради во Северна Македонија.
Процесот се спроведува во рамките на програмата PEEB Cool, со поддршка на Француската агенција за развој (AFD) и во координација со GIZ и надлежните институции.
За секоја зграда ќе биде потребно да се исполнат најмалку два од трите клучни критериуми: заштеда на енергија од најмалку 40 отсто, намалување на емисиите на стакленички гасови од 40 проценти и заштеда на вода од 40 отсто. Покрај тоа, за згради без системи за ладење ќе биде потребно подобрување на топлинската удобност од најмалку 20 проценти.
Инаку новиот Закон за енергетска ефикасност предвидува најмалку 3 отсто од јавните објекти да се реконструираат секоја година, а кај новите или реконструирани јавни објекти да се вградуваат и обновливи извори на енергија.
Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ) годинава оцени дека Македонија има напредок во законската рамка, но дека паметното следење на потрошувачката и автоматизираното управување со јавните објекти сè уште се во рана фаза.
И на глобално ниво, зградите и натаму учествуваат со околу една третина од вкупната потрошувачка на енергија и емисиите на CO₂. Затоа акцентот во Европа сè повеќе се става на длабока реконструкција на постојните објекти наместо само на изградба на нови „зелени“ згради.