Владата го претстави буџетот за следната година. Најрекорден и најамбициозен досега. Планира да потроши дури 5,5 милијарди евра или 200 милиони повеќе од тоа што лани испланира да троши во текот на годинава. Со буџетот за 2024 година, Владата планира да собере пет милијарди евра или дури половина милијарда повеќе отколку планираното за годинава.
Стопанствениците и експертите се согласија дека проекциите се нереални и дека и овој буџет е список со желби за поубаво утре. Тие предупредуваат дека компаниите стагнираат, сè потешко доаѓаат до свежи пари, а амбициозните планови за зголемување на платите не одат во корист на намалувањето на инфлацијата.
Дупката во буџетот идната година е планирана на 544 милиони евра, таа е помала од минусот од годинава и е во согласност со намерите за фискална консолидација и намалување на дефицитот.
Но странските релевантни институции се плашат токму за дефицитот. Тој ќе зависи од реализацијата на проектот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата. Ако тој заживее, ќе се остварат плановите, ако тој се претвори во ново „Синохидро“, ќе влијае негативно на растот, а особено на минусот во буџетот.
А пари не дека нема, европскиот план за регионот на Западен Балкан предвидува дури шест милијарди евра, но за тоа треба да исполниме одредени услови, кои стануваат потешки кога ќе се земат предвид нашите капацитети.
За тие што имаат и пари и способности, неделава анализиравме што е најисплатливо за вложување, но и какво ќе биде влијанието на вештачката интелигенција на пазарот на трудот, како и што ќе биде пресудно при изборот на кандидати за работа во услови кога помладите генерации имаат сè понизок коефициент на интелигенција.
И за крај, дека не е сè така само црно и бело покажува младата убава и паметна Тејлор Свифт. Уште нема 34 години, а веќе е милијардерка. Првата песна „Lucky You“ ја напишала на 12 години, а од 16 испишува историја. Е па, среќничка.