Собранието со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Христијан Мицкоски е 13-ти премиер, а ова е 20-та влада од осамостојувањето на земјата.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
ББА анализа: Како плови „Петрол“ низ регулаторните предизвици?
Во текот на изминатите три години (2021-2023), „Петрол“ доживеа значителни флуктуации во приходите и профитабилноста, особено во 2022 година, кога оствари рекорден висок приход, а истовремено имаше нето загуба, констатираат аналитичарите на „Блумберг Адрија“ во анализата на работењето на оваа компанија објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
„И покрај падот на продажбата, профитабилноста значително закрепна во 2023 година. Цените на енергетските производи се стабилизираа под нивото од претходната година (иако сè уште се високи во споредба со периодот пред кризата), што доведе до намалување на влезните трошоци и олеснување на ценовните регулативи“, велат аналитичарите.
Божиновска: Државата мора да биде мнозински сопственик во големите енергетски проекти
Сања Божиновска, првата министерка за енергетика, рударство и минерални суровини во Македонија на оваа позиција доаѓа од Чешка каде од 2018 година работеше како независен консултант за енергетика. Во јавноста е позната како жесток критичар на политиките во областа на енергетика на претходната влада.
Во интервју за „Блумберг Адрија“ вели дека недомаќинското работење, превработеноста и корпуцијата се главните причини што домашните енергетски компании, ЕСМ и МЕСПО се во долгови. На ова погодуваше и енергетската криза „бидејќи таа беше оправдување за префрлање на огромни пари, наводно како субвенција за струјата потршена за задоволување на потребите на домаќинствата. И тоа се правеше без никаков отчет така што се потрошени огромни пари за кои државата се задолжуваше и истите сите ние ќе треба да ги вратиме“, вели таа.
Развој на приватното пензиско осигурување за помал одлив на работници
Македонија подолг период се соочува со масовно иселување, што придонесува за намалување на работната сила и само дополнително го зголемува негативното влијание врз пазарот на трудот предизвикано од континуираното стареење на нацијата односно од падот на наталитетот. Истовремено, во државата постои сива економија што го поткопува финансискиот систем и многу лица што работат како фриленсери или на црно не се пензиски осигурени, што во иднина може да биде голем проблем за финансиската стабилност на земјата, бидејќи по завршувањето на нивниот работен век тие би станале товар на државата.
Ваквите демографски и економски предизвици се причина повеќе за дополнителен развој на тростолбниот пензиски систем односно приватното пензиско осигурување, бидејќи искуствата одамна покажуваат дека првиот столб базиран на генерациска солидарност е неодржлив и дека без оплодување на средствата на осигурениците што се влеваат во вториот и третиот столб во иднина би била загрозена социјалната сигурност на населението.
ЕУ ги преживеа изборите во 2024 година, иднината останува криза
Изборите за Европскиот парламент во 2024 година донесоа значителни промени во политичкиот пејзаж на Европската унија. Овој изборен циклус забележа умерен пораст на десничарските партии, пад на влијанието на либералните и зелените партии, што претставува продолжување на променливата политичка меѓупартиска динамика во ЕУ.
Истовремено, Унгарија од 1 јули го презема ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, ставајќи ги во преден план сопствените приоритети и агенда. Сите овие процеси се одвиваат во сенка на американската изборна кампања и руско-украинската војна.
Кој ќе победи во трката до Месечината?
Пред пет години Џеф Безос стоеше на затемнета сцена во Вашингтон, а големата црна завеса ја прекриваше платформата зад него. Облечен во сив костум и црна кошула, тој ја објасни вредноста на истражувањето на Месечината на толпата новинари и вселенски ентузијасти. „Не е далеку. Се стигнува за само три дена“, изјави Безос. „Ќе можете да одите на Месечината кога и да посакате“.
Уште поважен момент во новата вселенска трка се случи два и пол месеци подоцна на оддалеченост од 2.735 километри. Илон Маск гледаше во живо на мониторите како челична мини-ракета во облик на силос за жито го запали својот мотор во калливите рамнини во Јужен Тексас. Прототипот на „Спејс Експлорешјн Технолоџис“ (Space Exploration Technologies) накратко полета, а потоа слета во исправена положба. Тоа беше еден од првите таканаречени тестови за идната ракета „Старшип“ (Starship) на „Спејс Икс“ (SpaceX), наменета да демонстрира техника што леталото со целосна големина еден ден ќе ја користи за слетување на други планети - вклучувајќи ја и Месечината.