Десет полициски службеници добија кривична пријава во врска со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани во кој починаа 61 лице, а над 200 беа повредени.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност“ против 10 лица полициски службеници, информираат од МВР.
Кривични пријави добиле П.С. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место помошник-началник во СВР Штип), Ј.Т. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место главен инспектор за сообраќај во Одделението за полиција во СВР Штип), М.С. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место началник на одделение во Одделението за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место началник во СВР Штип), В.П. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип), Д.А. (во времето на извршувањето на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А.А. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место помошник-началник на СВР Штип), В.И. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работното место командир на ПС ОН Кочани).
Прочитај повеќе

Министри, директори, инспектори - истрага за 45 физички и три правни лица за трагедијата во Кочани
Наредба за проширување на истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со нови 19 лица донесе Основното јавно обвинителство Кочани.
13.04.2025

Протест на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани
Со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата.
12.04.2025

Се приведуваат поранешни министри и функционери за пожарот во Кочани
Од Обвинителството велат дека надлежните институции координирано ќе ја информираат јавноста штом бидат завршени дејствијата кои се во тек.
12.04.2025
Првопријавениот П.С. на 7 декември 2012 година потпишал акт и го доставил до Министерство за економија со кој дал согласност дека кабарето „Пулс“ поседува елаборат за заштита од пожари и опасни и експлозивни материи и ги исполнува законските услови во делот на сообраќајот, со што придонел на правниот субјект од Кочани од страна на Министерството за економија да му биде издадена лиценца за вршење на угостителска дејност на кабаре од 13 декември истата година.
Второпријавениот Ј.Т. и третопријавениот С.Д. на 10 февруари 2018 година доставиле мислења, а не извршиле целосна проверка пред да ги подготват мислењата и согласноста, каде што спротивно на членот 6 став 3 од Законот за угостителска дејност констатирале дека кабарето „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавниот ред и мир и во делот на сообраќајот.
Четвртопријавениот М.С. и петтопријавениот Љ.Т. иако знаеле и биле должни да знаат дека кабарето „Пулс“ не ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавниот ред и мир и сообраќај, на 10 февруари 2018 и 24 јануари 2019 година одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавниот ред и мир и сообраќај. Шестопријавениот В.П. на 24 јануари 2019 и 21 јануари 2022 подготвил акт до Министерството за економија со кој доставил известување и констатирал дека кабарето „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на сообраќајот, но притоа не ги извршил потребните проверки со кои би утврдил дека не се исполнети законските услови за давање согласност во делот од сообраќајот, информираат од МВР.
Седмопријавениот Д.А., пак, на 21 јануари 2022 година подготвил акт со кој на кабарето „Пулс“ му издал согласност за вршење угостителска дејност и го доставил до Министерство за економија, спротивно на членот 6 став 3 од Законот за угостителска дејност. Иако знаел дека во кабарето имало нарушувања на јавниот ред и мир, не извршил никакви проверки, туку се повикал на одговорот од ОВР Кочани во однос на нарушувањата на јавниот ред и мир, во кој пак не била правилно отсликана вистинската фактичка состојба, по што констатирал дека „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на јавниот ред и мир и сообраќај.
Осмопријавениот А.А. и второпријавениот Ј.Т. на 21 јануари 2022 година одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавниот ред и мир и сообраќај.
Деветтопријавениот В.И. на 21 јануари 2022 година подготвил телеграма во која наместо да даде точни и целосни податоци дека во кабарето „Пулс“ и во близината на истото кабаре има пријавени нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела, истиот тој дал податоци само дека во кабарето во 2021 година имало едно нарушување на јавниот ред и мир и иако знаел дека има нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела и во 2019 и 2020 година, не дал никакви податоци за истите тие.
Десеттопријавениот А.Т. иако знаел и бил должен да знае дека има повеќе пријавени нарушувања на јавниот ред и мир во близината на кабарето „Пулс“, истиот тој вака подготвената телеграма ја контролирал, одобрил и потпишал.
Пријавените како службени лица овозможиле правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, така што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност по животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе, при што на 16.3.2025 во кабарето „Пулс“ е настанат пожар во кој животот го загубија 61 лице, посочија од МВР.
Од пријавените, лишени од слобода се шест лица, по едно се трага, а тројца од претходно издржуваат мерка притвор.