Почина папата Франциско, објави кардинал Кевин Фарел, а пренесе италијанската новинска агенција АНСА.
Тој беше 226-от римски бискуп и шеф на државата и суверен на Ватикан. Ја водеше Католичката црква од 13 март 2013 година, а почина на 88-годишна возраст.
„Драги браќа и сестри, со длабока тага морам да ја објавам смртта на нашиот свет отец Франциско. Во 7 часот и 35 минути утрово Римскиот бискуп Франциско се врати во домот на Отецот. Целиот негов живот беше посветен на службата на Господ и Неговата црква. Тој нè научи да ги живееме евангелските вредности со верност, храброст и универзална љубов, особено во корист на најсиромашните и најмаргинализираните. Со неизмерна благодарност за неговиот пример како вистински ученик на Господ Исус, душата на папата Франциско ја поклонуваме на бескрајната милосрдна љубов на Едниот и Троичен Бог“, објави кардинал Фарел.
На 14 февруари, понтифот беше примен во болница со тешка респираторна инфекција, а беше отпуштен на 23 март. Тој вчера кратко се појави на балконот на базиликата Св. Петар за благословот Урби и Орби и им го честиташе Велигден на верниците.
Прочитајте повеќе: Папата имал мирна ноќ, но ризикот по здравјето останува
Секуларното име на папата е Хорхе Марио Бергољо. Роден е на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, главниот град на Аргентина. Тој беше првиот језуит и првиот латиноамериканец, како и првиот член на црковниот ред од Григориј XVI (1831–1846) и првиот неевропеец по Григориј III (731–741) кој беше на папската позиција.
Папата Франциско ќе остане запаметен и во нашата историја како прв поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија. На 7 мај 2019 година на централниот плоштад во Скопје папата Франциско одржа света литургија, а по неговата посета порача дека „Македонија е портата преку која христијанството влезе во Европа", а жителите на македонското тло биле првите Европејци на кои апостолот Павле им го пренел Христовото учење. Тој притоа напомена дека „Бугарија и Македонија се две древни, но и различни нации", истакнувајќи дека „македонскиот народ има голема културно-историска традиција, но дури неодамна успеа да ја конституира својата државност".
Ажурирано со информацијата за историската посета на папата на Македонија