Индија и Пакистан во средата се нападнаа меѓусебно со воени напади по шести пат од 1947 година, кога Велика Британија се повлече оттаму и двете нации стекнаа независност.
Во тој период двете земји се стекнаа со нуклеарно оружје, што го зголеми влогот за каков било конфликт, а истовремено постави и ограничување за тоа колку ќе ескалираат тензиите. Таа динамика се чини дека беше присутна и во најновиот судир поврзан со спорниот регион Кашмир, при што двете влади во средата ја нагласија неескалаторската природа на нивните дејства, дури и кога Пакистан предупреди дека може да има уште поголеми акции.
Сепак, додека обете земји во воена смисла имаат способност да нанесат неопислива штета, во економска смисла Индија има многу повеќе карти за игра, но и многу повеќе може да изгуби. Растечкиот бруто-домашен производ (БДП) на Индија сега е повеќе од осум пати поголем од оној на Пакистан, според Светската банка, јаз што приближно се дуплирал од почетокот на векот.
Прочитај повеќе

Тензично во Азија: Индија и Пакистан разменија вооружени напади
Индија во соопштението рано денеска соопшти дека спровела „прецизен и воздржан одговор“ кој бил „дизајниран да не ескалира по природа“.
07.05.2025
Индија, исто така, брзо се искачува по технолошката скала - станувајќи глобален центар за производство на паметни телефони, соларни панели и автомобили, додека ја проширува својата улога како центар за заднинска поддршка на светот.
„Засега не знаеме како ќе реагира Пакистан“, рече Башјам Кастури, поранешен директор на Секретаријатот на Советот за национална безбедност на Индија. „Но Индија има повеќе да изгуби“.
Граница меѓу Индија и Пакистан
Narinder Nanu/AFP/Getty Images / Bloomberg
Дури и додека инвеститорите на расцветаната берза на Индија во голема мера ги игнорираа најновите судири - при што акциите вчера пораснаа - судирот покажува дека потенцијалот за разорен конфликт со Пакистан останува латентен ризик за подемот на нацијата на глобалната сцена. Спорот околу Кашмир, каде што милитантите минатиот месец брутално убија 26 цивили на територија контролирана од Индија, останува политички громобран без изгледи за решение.
Економската разлика меѓу соседите изгледа само дополнително ќе се зголеми. Премиерот Нарендра Моди има цел да ја позиционира Индија како победник од трговската борба меѓу САД и Кина, привлекувајќи повеќе странски компании како „Епл“ (Apple Inc.) да го префрлат производството во Индија. Неделава на пример Индија склучи трговски договор со Велика Британија и продолжува да се движи побрзо од другите нации кон склучување договор со претседателот Доналд Трамп за намалување на царините.
Нарендра Моди, премиер на Индија
Francis Chung/Politico/Bloomberg
Во меѓувреме Пакистан само што почнува да излегува од долгогодишната економска криза што ја доведе земјата до работ на банкрот и се потпира на програма за заем од седум милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Еден од показателите колку земјата паднала е БДП, кој по жител во Пакистан до 2009 година беше поголем од индискиот, а сега е приближно половина од тој на Индија, според податоците од ММФ. Главниот берзански индекс на Пакистан вчера падна на петмесечен минимум.
„Индија може многу да прокоцка ако дојде до каква било ескалација на границата со Пакистан и ако состојбата излезе од контрола и се предизвика поширок конфликт“, рече Абхишек Гупта, индиски економист во „Блумберг економикс“. „Тоа може да ја намали довербата на инвеститорите во Индија како безбедно засолниште од царините на Трамп, а ограничувањата на капацитетите на политичко ниво може да го оттргнат фокусот од економијата“.
Рејтинг-агенцијата „Стандард и Пурс“ (S&P) изјави дека долготраен конфликт би можел да ги комплицира напорите на странските инвеститори што сакаат да се прошират во земјата и да ги диверзифицираат своите синџири на снабдување.
Во изминатите неколку години, пред најновиот судир, децениското ривалство меѓу Индија и Пакистан во голема мера исчезна од радарот на надворешната политика. Функционерите во Њу Делхи го насочија својот фокус кон други прашања - како што се зајакнување на врските со САД, спротивставување на Кина, подобрување на односите со Русија и себенаметнување како лидер на земјите од Глобалниот Југ.
Нападот од 22 април во Кашмир покажа дека тензиите меѓу Индија и Пакистан може да се искачат на врвот на агендата во секој момент. Вчера индискиот министер за надворешни работи Викрам Мисри рече дека нападите биле неопходни за да се одвратат идните напади откако „немало докажан чекор од Пакистан дека презема мерки против терористичката инфраструктура на нејзина територија или на територијата под негова контрола“.
Мисри го нарече одговорот на Индија „пропорционален“ и „одговорен“, додавајќи дека во нападите не била цел никаква воена или цивилна инфраструктура. Нападите беа најдлабокото навлегување на пакистанската територија од војната во 1971 година, една од трите војни меѓу тие земји.
На 7 мај тенкови се транспортираа близу Лахор
Murtaz Ali/AFP/Getty Images / Bloomberg
Пакистан негира вмешаност во нападот во Кашмир и тврди дека Индија ја отфрлила неговата понуда за спроведување независна истрага. Министерството за надворешни работи во Исламабад ги нарече дејствата на Индија „чин на војна“, тврдејќи дека во нападите од страна на Индија биле убиени 26 цивили. Пакистанската армија вчера соопшти дека по нападот соборила индиски авиони - вклучувајќи три „рафали“ (Rafal), еден „МиГ-29“ (MiG-29) и еден „Су-30“ (SU-30), тврдење на кое Индија сè уште официјално не одговорила.
Засега, малку е нејасно како или дали воопшто Пакистан ќе одговори. Последен пат кога двете страни беа блиску до војна беше во 2019 година, кога Индија започна воздушни напади преку границата како одговор на нападот со автомобил-бомба во кој загинаа 40 индиски паравоени војници во Кашмир. Пакистан собори индиски борбен авион како одговор. По жестоките преговори за враќање на заробениот индиски пилот, конфликтот се смири.
„Цената би била огромна за Пакистан ако избувне тотална војна“, рече Арати Џерат, автор и политички аналитичар од Њу Делхи. „Ниту една од двете земји не може навистина да си дозволи воен конфликт“.
Доколку Индија и Пакистан некогаш постигнат мировен договор, потенцијалот за економски придобивки е огромен. Заедно тие сочинуваат околу 20 проценти од светската популација и имаат меѓусебно разбирливи јазици. Иако делат граница од 2.000 милји (3.200 километри), трговијата меѓу нив е минимална и лани изнесуваше 322 милиони долари.
Уништена зграда во Пакистан
Farooq Naeem/AFP/Getty Images / Bloomberg
Кога Моди првпат ја презеде власта во 2014 година, оптимизмот беше висок во врска со потенцијалот за мировни преговори меѓу нациите. Следната година тој направи ненадејно патување во Лахор, станувајќи првиот индиски премиер што го посети Пакистан по повеќе од една деценија.
Сепак, секогаш кога ќе започнеа разговори, борбите во Кашмир или некој прекуграничен напад ќе го попречеа процесот. Деценија подоцна, важноста на Пакистан се намали по повлекувањето на САД од соседниот Авганистан, додека Индија се издигна по углед и како економска сила и како противтежа на Кина.
„Тие реагираа наизменично и со иста мера, па се надевам дека сега ќе можат да престанат“, рече вчера Трамп. „Ние се согласуваме многу добро со двете земји, имаме добри односи со двете и сакам да видам дека тоа ќе престане. И ако можам да направам нешто за да помогнам, ќе бидам таму“.
Иако економските проблеми на Пакистан го направија помалку релевантен на меѓународната сцена, тој сè уште има потенцијал да ги наруши напорите на Индија да стане извозно ориентирана нација што е клучен дел од глобалниот синџир на снабдување, особено затоа што се стреми да привлече компании од Кина, според Прамит Пал Чаудари, раководител за Јужна Азија во „Евразија груп“ (Eurasia Group).
„Ова ја зголемува вашата премија за ризик“, рече тој. „За Индија, ова ја зголемува сликата што не ја сакате“.
— Текстот е напишан со помош од Елтаф Наџафизада, Свати Гупта и Суди Ранџан Сен.