text size
Годинава се одбележуваат 50 години од панкот, музичко и културно движење што се обликуваше во средината на седумдесеттите години на минатиот век на клупските сцени во Њујорк и Лондон. Првите акорди на бендови како „Рамонс“ (The Ramones), „Секс пистолс“ (Sex Pistols) и „Клеш“ (The Clash) го означија почетокот на суровиот, гласен и бескомпромисен бунт против тогашниот општествен и културен поредок. Настанат како реакција на сè покомерцијализираната рок-музика, но и на економската стагнација, невработеноста и растечкото незадоволство кај младите, панкот набргу ги надмина рамките на музичкиот жанр и стана глас на генерацијата што бараше промена.