Грција е дестинација број еден за туристите ова лето, тврди Хенли Васкез, косопственичка на туристичката агенција Fora. „Минатото лето тоа беше Сен Тропе, а претходното лето Амалфиското крајбрежје во Италија. Сега луѓето резервираат во Грција – сè што има во понуда.“
Посетителите се слеваат во оваа земја поради нејзините недопрени плажи, култните сино-бели кикладски градчиња, античките знаменитости и, секако, секогаш свежата гастрономска сцена. Побарувачката е толку голема што авиокомпаниите ги променија своите распореди, што доведе до рекорден број од 28,2 милиони закажани меѓународни авионски седишта кон Грција за ова лето.
Прочитај повеќе

Како да престојувате во најлуксузните хотели во светот речиси бесплатно?
Користењето поени од програмата за лојалност и милји за резервации на најлуксузните сместувања може да звучи како невозможна мисија, но не е така.
01.05.2025

Девет највозбудливи отворања на луксузни хотели во Европа во 2025 година
Се очекува дека ова ќе биде добра година за отворање високобуџетни хотели.
28.01.2025

Откријте ги 50-те најдобри хотели во светот за 2024 година
Втора година по ред, основачите на листата за 50 најдобри ресторани и барови во светот се фокусираат и на најдобрите хотели.
22.09.2024

Реномиран американски магазин ги одбра најдобрите хотели во Хрватска
Уредниците на Condé Nast Traveler лично го посетиле секој хотел и напишале рецензии од прва рака.
27.07.2024
Грчката туристичка конфедерација, која ги обезбеди податоците за летовите, наведува дека забележува налет од клучните пазари како САД и Велика Британија, и покрај глобалната економска неизвесност. И Delta Airlines и American Airlines ги зголемуваат капацитетите кон Атина, дури и додека ги прилагодуваат годишните прогнози, предвидувајќи побавен раст на побарувачката отколку што беше очекувано.
За оние што веќе резервираат или само размислуваат, има сè поголем број фантастични места за престој. Новите и реновирани ресорти ова лето вклучуваат прибежиште на карпа на Санторини и приморско одморалиште на помалку од еден час од центарот на Атина.
Во продолжение ги претставуваме шесте најатрактивни новитети на хотелската сцена кои вреди да се земат предвид:
Летувалиште на плажа со древна историја
Фото: Grecotel
Cape Sounio, A Grecotel Resort
Сместен 45 минути југоисточно од центарот на Атина, овој популарен хотел се наоѓа на еден крај од модерната Атинска ривиера – дестинација која нуди лежерна островска атмосфера без потреба од траект. Од своето отворање, Cape Sounio е познат по спектакуларниот поглед кон Храмот на Посејдон – мермерна градба од 5 век п.н.е. на рид над морето.
Бидејќи ресортот со текот на времето станал малку застарен, неодамна беше целосно реновиран, но го задржа својот статус кај патниците. Сега располага со 139 бунгалови, апартмани и вили распоредени низ борова шума што води кон морето, во светол и отворен амбиент – многу бунгалови имаат приватни базени.
Имотот е семејно ориентиран, со детски базен, клуб за деца и активности како часови за готвење. За возрасните, има низа активности во и околу Егејското Море – нуркање, снорклинг и приватни вечерни прошетки до храмот посветен на богот на морето.
Цените на собите започнуваат од околу 400 евра (455 долари).
Приказ од новиот хорел Four Seasons на Миконос
Фото: Four Seasons
Four Seasons Mykonos
Ширењето на Four Seasons на Кикладите е долго очекувано. Нивниот прв хотел во Атина е еден од најдобрите во земјата, и се очекува истото и на островот Миконос.
Хотелот е наменет за гости кои бараат спокој на Миконос – каменести плажи, куќи како коцки шеќер – без ритамот на познатиот ноќен живот.
Новиот ресорт со 94 соби ќе ја понуди токму таа комбинација, на помалку развиената југозападна страна на островот, со „бесконечен“ базен со поглед кон Егејското Море и модерна интерпретација на традиционалното миконско кафуле (kafenio).
Може да се очекуваат подобрени варијанти на freddo cappuccino, добро изматени и со пена, плус многу лигњи. Датумот на отворање и цените ќе бидат објавени дополнително.
Приказ на обновен апартман во хотелот Andronis
Фото: Andronis
Andronis Luxury Suites
Овој хотел на карпа, само за возрасни, е популарен поради идеалната локација – на пешачко растојание од градот Оиа во сини тонови, со совршен поглед кон зајдисонцето.
За да понудат подостапен престој за повеќе гости, хотелот се проширува со спојување со сестринскиот имот Alta Mare. Со ова обединување, сопствениците воведуваат дизајнерски стил со изразена употреба на бели и беж тонови – и во ентериерот и на фасадите, во духот на традиционалната кикладска архитектура.
Сите апартмани ќе имаат приватно џакузи или базен со поглед кон морето, кога хотелот повторно ќе се отвори во мај.
Цените на собите започнуваат од околу 800 евра.
Плажа во рамки на Beach House на Антипарос
Фото: Beach House
Beach House
The Rooster брзо стана најпопуларното место на Антипарос откако се отвори во 2021 година, ставајќи го ова мало островче на светската мапа на хедонизмот. Сега, Атанасија Комнинос – сопственичка на хотелот, стилистка и наследничка на бродска империја, поранешна соработничка на Vogue Greece и дизајнерка на ентериери – го презеде малиот пансион со осум соби на јужната страна на островот.
Во јуни објектот ќе ги отвори вратите со нов изглед, верен на рустичниот-шик стил на Комнинос. За толку мал хотел, ќе има импресивна листа на погодности, вклучувајќи филијала на познатиот атински ресторан Cookoovaya, бар на плажа, мал спа-центар и детско игралиште скриено меѓу маслиновите дрвја.
Цените започнуваат од околу 470 евра за ноќевање.
Вила со приватен базен во Parilio
Фото: Marios Stavridis
Parilio
Кикладскиот остров Парос последниве години доживува препород на хотелската понуда, иако сè уште е релативно помалку популарен и поевтин од соседните Миконос и Санторини (се очекува отворањето на меѓународниот аеродром следната година да ја промени таа состојба).
Parilio, сместен на десет минути возење од популарното бело камено селце Науса, исто така добива надградба, со проширување на капацитетот од 33 на 46 сместувачки единици во јуни. Новите апартмани ќе располагаат со приватни базени и пространи тераси. А кога ќе ви здодее мирот – хотелскиот базен нуди забава, привлекувајќи уметничка елита.
Почетните цени на собите се движат од 700 евра.
Приказ на Avali на Крф
Фото: Avali
Avali
На само 300 метри од Јонското крајбрежје, на опуштената југоисточна страна на Крф, Avali ќе понуди интимна верзија на „all-inclusive“ ресорт кога ќе се отвори во август. Ќе има само 76 соби, декорирани во ладни тонови – некои со лежалки за дневен одмор и приватни базени – плус два ресторана и три барови, од кои неколку на отворено со поглед кон заливот по кој хотелот го добил името (Avali значи „мал залив“ на локалниот дијалект на Крф).
Мирните води на заливот ќе го направат Avali совршено место за релаксација или активен одмор. Спа-центарот ќе располага со надворешни кабини, а центарот за водени спортови ќе нуди даски за веслање и кајаци. Се разбира, секогаш можете да ги комбинирате и двете опции.
Цените на собите започнуваат од 289 евра по ден.