Во текот на септември Црна Гора ќе биде домаќин на два настана што, иако различни по природа, укажуваат на иста стратегија: користење луксузни и престижни манифестации за привлекување туристи со висока платежна моќ, продолжување на сезоната и зајакнување на локалната економија.
Прво, на 6 септември, Будва ќе биде обоена во розовата палета на фестивалот „Розе дејс“ (Rosé Days), а потоа, од 15 до 21 септември, во Тиват ќе заплови „Оушн рејс Европа“ (The Ocean Race Europe), правејќи го Бокакоторскиот Залив завршна дестинација на една од најпрестижните едриличарски регати во светот.
Вргорац, дестинација на вино и песни, открива скриени бисери – полиња, водопади и езера што ги мамат истражувачите и љубителите на авантури.
24.08.2025
Во најпрестижните делови на Црна Гора цените упорно растат.
14.08.2025
Најновата регионална кулинарска атракција е комбинација од клуб на плажа и софистициран ресторан.
14.08.2024
Белград предводи во луксузот, а Хрватска во бројките.
24.07.2025
На пат долг повеќе од 4.000 наутички милји, „Оушн рејс Европа 2025“ почна на 10 август во Кил, Германија, а рутата води низ најпознатите европски води: Портсмут (Велика Британија), Матосинјош–Порто во Португалија, Картагена (Шпанија), Ница (Франција) и Џенова (Италија), пред првпат да влезе во Јадранско Море и да пристигне во Бокакоторскиот Залив.
Фото: Vincent Curutchet/The Ocean Race Europe
Економија на гламурот
„Розе дејс“ и „Оушн рејс“ не се само спектакли за социјалните мрежи туку имаат мерливи економски ефекти. Организаторите го опишуваат летниот фестивал „Розе дејс“ како „комбинација од луксуз, забава и хедонизам, но и како платформа што ги поврзува глобалните брендови со дестинациите“. На секоја локација организаторите соработуваат и со локални производители на вино и крафт пиво, кулинари и занаетчии, создавајќи не само автентична содржина и доживување туку и видливост за домашните брендови. Но, освен што нуди добра забава, овој концепт истовремено е и сериозен економски генератор.
„‘Розе дејс‘ е истовремено приказна и за заедницата, и за забавата. Економскиот ефект се мери со шестцифрени, па и седумцифрени износи, благодарение на трошоците на посетителите за сместување, локални и угостителски услуги“, истакнува Шериф Шијати, маркетинг-експерт и основач на фестивалот. „Цените на влезниците од 30 до 1.600 евра го одразуваат профилот на посетителите – меѓународна и домашна публика со висока платежна моќ, која директно придонесува за приходите на локалниот туризам и угостителство.“
Тони Браун, директор на марината Порто Монтенегро, нагласи дека се радува на организацијата на настан од светска класа во соработка со Владата на Црна Гора и општината Тиват, кој ќе инспирира акција за заштита на морето.
Фото: Charles Drapeau Guyot/Оушн рејс Европа
Слично на тоа, „Оушн рејс“ привлекува екипажи, тимови, новинари и гости што престојуваат во градовите-домаќини за време на регатата. Покрај туристичкиот ефект, регатата носи повеќекратен придонес за локалната економија преку различни услуги и производи. „Секој град на рутата има клучна улога во поттикнувањето на еколошкиот, општествениот и економскиот напредок“, истакнува Ричард Брисијус, претседател на трката.
Видливост и позиционирање на дестинацијата
Луксузните настани како овие не само што го привлекуваат вниманието за време на нивното одржување туку и значајно придонесуваат за долгорочна препознатливост на дестинацијата. Преку медиумската покриеност и социјалните мрежи, локациите остануваат видливи и долго по завршувањето на манифестациите. Овој таканаречен хало-ефект се огледа во ширењето позитивни асоцијации преку фотографии и приказни за ексклузивните доживувања.
Фотографиите, видеоснимките и објавите од инфлуенсерите за самиот настан оставаат траен впечаток врз глобалната публика и дополнително ја зајакнуваат репутацијата на дестинацијата, поттикнувајќи траен интерес и повторно враќање на посетителите.
Покрај тоа, а како што покажуваат истражувањата, одржливоста и еколошкиот одговорен пристап ја зајакнуваат перцепцијата на луксузните услуги, правејќи ги настаните и дестинациите што го комбинираат луксузот со високи еколошки и културни стандарди поатрактивни во очите на туристите со висока платежна моќ. „Локацијата е сè“, вели Шијати: „Избираме дестинации познати по природните убавини, шармантната архитектура и автентичниот локален дух, а потоа креираме искуство во нашата препознатлива розова палета.“
По ексклузивните локации во Лисабон и Торонто, Лагуна бич во рамките на „Дукли хотел и ресорт“ е новата адреса за престижниот „Розе дејс“.
Во исто време, „Оушн рејс Европа“, освен што нуди спектакл во едрењето, во рамките на придружните програми има едукативни содржини за здравјето на океаните и одржливите практики. Финалето на регатата, кое за првпат се одржува во Јадранско Море, дополнително ќе ја позиционира Црна Гора како клучен актер во наутичкиот туризам и глобалните иницијативи за одржливост.
Продолжување на сезоната
Незанемарлив ефект од двата настана е продолжувањето на туристичката сезона. И „Розе дејс“ и „Оушн рејс“ пристигнуваат во септември, месец кога традиционалниот туристички бран опаѓа и кога приморјето почнува да мирува. Ваквите настани ги поттикнуваат посетителите да останат подолго и да ја истражуваат дестинацијата надвор од шпицот на сезоната, со што се генерираат дополнителни приходи и се зајакнува одржливиот развој на локалната заедница.
Црна Гора преку овие настани покажува дека луксузот, спортот и културата не се изолирани сегменти, туку стратешки алатки за економски раст, глобална видливост и зајакнување на брендот на дестинацијата. Розовата сценографија во комплексот „Дукли хотел и ресорт“ и едрата на хоризонтот на Тиват не претставуваат само престиж – тие се темел на новата приказна за поинаков туризам на јадранското крајбрежје.
Прочитај повеќе
Скриени туристички бисери покрај автопатот од Загреб кон југ
Богатите со години вложуваат на црногорскиот брег - во што е тајната
Првиот „Сумосан“ во регионот Адрија е на брегот на црногорското приморје
ББА-анализа: Регионот Адрија станува магнет за луксузни хотелски брендови
Повеќе од самослик и забава во розовата палета.
Фото: Rosé Days Montenegro
Луксузните настани како нова туристичка валута.
Фото: Rosé Days Montenegro
Фото: Rosé Days Montenegro
Поглед низ розово Foto: Rosé Days Montenegro
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...