text size
Вработен во „Опен еј-ај“ (OpenAI) бил уапсен и обвинет за користење скриен уред за снимање во една од канцелариите на компанијата во Сан Франциско, според соопштенијата на компанијата за вештачка интелигенција и Министерството за правда на САД.
Абдулрахман Алфозан, државјанин на Саудиска Арабија, бил уапсен на 9 октомври, повеќе од една недела откако вработените во „Опен еј-ај“ откриле уред за аудиоснимање во задниот дел на телевизор во конференциска сала за раководители, соопшти Министерството за правда во вторникот. Алфозан, за кого се тврди дека го поставил уредот, моментално е во федерален притвор и во вторникот се појавил пред суд во Сан Франциско.
Алфозан започнал да работи во „Опен еј-ај“ во јули 2025 година и работел во тимот за производи на компанијата; бил отпуштен истиот ден кога бил уапсен, според компанијата.
Прочитај повеќе
Како треба да изгледаат заштитните механизми за ВИ? Ова се досегашните предлози
Идеите се движат од едноставно барање компаниите да пријавуваат безбедносни инциденти, па до целосна забрана за „суперинтелигентна“ вештачка интелигенција.
пред 22 часа
„Опен еј-ај“ тргнува по 30 милијарди долари во нова рунда на финансирање
Компанијата цели кон вредност од неверојатни 1,4 билион долари, додека плановите за ИПО се одложуваат.
30.09.2026
„Опен еј-ај“ го спречи лансирањето на нов ВИ-модел поради проблеми со безбедноста
Компанијата го стопира пуштањето на моделот ГПТ-6.1 Астра поради безбедносни проблеми.
29.09.2026
Се очекува инцидентот да ја зголеми загриженоста за безбедноста во водечките технолошки компании во време кога државите агресивно се натпреваруваат во развивањето помоќни системи за вештачка интелигенција.
„Во овој момент немаме никакви индикации дека ова лице несоодветно пристапило до критични податоци за моделите, изворниот код или податоците на клиентите, или дека ги изнело од системот“, објави компанијата во вторникот на социјалната платформа X.
Слика од Абдулрахман Алфозан, според соопштение на Министерството за правда на САД
US Department of Justice
„Опен еј-ај“ соопшти дека еден од нејзините безбедносни тимови го открил уредот на 30 септември, за време на проверка на конференциска сала на компанијата. Според деталите и сликите објавени од Министерството за правда, уредот бил приклучен во УСБ-влезот на задниот дел од телевизор во просторијата и бил покриен со тоалетна хартија за да се прикрие.
На една слика објавена од Министерството за правда бил прикажан мал црн уред со натписот „сиид студио“ (Seeed studio); агенцијата соопшти дека „Опен еј-ај“ утврдила дека тој бил поставен околу 28 септември.
„Опен еј-ај“ соопшти дека ги користела своите модели за вештачка интелигенција за да го разбере уредот и да утврди кој го поставил во нејзината канцеларија.
Алфозан немал одобрение за пристап до конференциската сала, во која обично се одржувале состаноци што вклучувале „високодоверливи технички, комерцијални и стратешки информации“, според обвинителната претставка, во која се споменува неименувана компанија за вештачка интелигенција со канцеларии во Сан Франциско.
Компанијата соопшти дека открила докази оти Алфозан планирал да користи и други уреди за снимање со цел тајно да снима состаноци и во други делови од канцеларијата. На почетокот на октомври, според Министерството за правда, вработени во безбедносниот тим на „Опен еј-ај“ пронашле друг уред за снимање, сличен на првиот, во торба што тој ја оставил во една од корпоративните згради на компанијата.
Според профил на Линкдин за кој е утврдено дека му припаѓа на Алфозан, тој работел како инженерски раководител во „Опен еј-ај“ на софтвер за агенти со вештачка интелигенција. На профилот пишува дека од 2025 година работи со скратено работно време како партнер во компанијата за ризичен капитал РВ (Raed Ventures), со седиште во Саудиска Арабија, а претходно работел како виш системски инженер во „Мета“ (Meta Platforms Inc). Алфозан студирал компјутерски науки и инженерство на Технолошкиот институт во Масачусетс од 2011 до 2016 година, а од 2023 до 2025 година студирал на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, каде што магистрирал наука за податоци, се наведува на профилот.
„Опен еј-ај“ соопшти дека го известила ФБИ и дека истрагата сè уште е во тек.
Според кривичната пријава на ФБИ, уредот бил Seeed Xiao ESP32-S3 Sense, опишан како „плочка со големина на палец, со отстранлив сензор за камера, дигитален микрофон и простор за складирање микро СД-картичка“. Уред со тоа име и опис се продавал за 14 долари на веб-страницата „Сиидстудио“ (seeedstudio.com).
Ленарт Купман, основач на компанијата за сајбер-безбедност „Ензајм“ (Nzyme), изјавил дека уредот што Алфозан наводно го користел изгледа дека е изграден врз „електронска плочка наменета за ентузијасти“, посочувајќи ги карактеристиките како микрофонот и можноста за зачувување на снимките на мемориска картичка и безжично испраќање аудио на кратки растојанија преку вифи (Wi-Fi).
„Тоа го прави евтин и лесен за прикривање, а откривањето на таков уред бара или опрема што ги следи радиобрановите за да пронајде непознати уреди или, ако неговата безжична функција е исклучена, некој физички да ги пребара просториите“, изјавил Купман.
Алфозан треба повторно да се појави пред судија во федералниот суд за Северниот округ на Калифорнија, во Сан Франциско, на 19 октомври.