„Алибаба“ (Alibaba) ја претстави новата верзија на својот водечки модел на вештачка интелигенција (ВИ), Квен (Qwen), продолжувајќи го темпото на развој карактеристично за кинеската ВИ-сцена по успехот на компанијата „Дипсик“ (DeepSeek). Во вторникот „Алибаба“ ја претстави серијата модели Квен 3 (Qwen3), за кои тврди дека можат да се натпреваруваат со „Дипсик“ во повеќе области - вклучувајќи математика и програмирање. Дополнително, серијата Квен 3 наводно е значително поевтина за користење во споредба со другите главни модели, соопшти компанијата.
Серијата Квен вклучува два таканаречени модела „микс од експерти“ (mixture-of-experts / MoE), кои се обидуваат да достигнат ниво на хибридни системи за заклучоци - оние што го имитираат начинот на размислување на човекот при решавање проблеми - какви што неодамна претставија компаниите „Антропик“ (Anthropic) и „Алфабет“ (Alphabet), матичната компанија на „Гугл“. Техниката MoE ја користат и „Дипсик“ и други развивачи: методот ги дели задачите на помали групи податоци, слично како да имате тим експерти, при што секој се фокусира на својот дел од задачата, што ја зголемува ефикасноста.
Откако „Дипсик“ го засени „Опен еј-ај“ (OpenAI) со моќен модел, за кој тврди дека го создал со само неколку милиони долари, кинеските технолошки гиганти го преплавија пазарот со низа достапни услуги за ВИ. „Алибаба“ во 2025 година објави дека целосно влегува во трката за доминација во областа на вештачката интелигенција - пред само неколку недели издаде нов модел од серијата Квен 2.5 (Qwen 2.5), кој може да обработува текст, слики, звук и видео, а истовремено е доволно ефикасен да работи директно на паметни телефони и лаптопи. Во март ја претстави и новата верзија на својот ВИ-асистент Куарк (Quark).
Прочитај повеќе

„Алибаба“ сурфа на бранот од кинеска вештачка интелигенција
Хонгконшкиот технолошки индекс Hang Seng се движи кон повеќегодишен врв.
06.03.2025

„Епл“ воведува вештачка интелигенција во Кина со помош на „Алибаба“ и на „Баиду“
Компанијата ќе го редизајнира ајфонот до средината на годината според локалните регулативи.
14.02.2025

„Алибаба“: Имаме вештачка интелигенција што ги надминува „Опен еј-ај“ и „Гугл“
Нов играч во вештачката интелигенција – по „Дипсик“, сега „Алибаба“ најавува уште помоќен модел.
29.01.2025
„Опен еј-ај“, „Гугл“ и „Антропик“ во последните месеци исто така претставија низа нови модели. „Опен еј-ај“ неодамна најави дека планира во наредните месеци да претстави „отворен“ модел, кој ќе го имитира човечкото изнесување заклучоци - што значи промена во стратегијата откако „Дипсик“ и „Алибаба“ издадоа отворени системи на вештачка интелигенција. „Алибаба“ во вторникот соопшти дека сите нејзини модели Квен 3 се отворени.
„Алибаба“ ја гради својата ВИ-стратегија околу Квен. Во февруари извршниот директор Еди Ву изјави дека сега „примарната цел“ на компанијата е општата вештачка интелигенција (AGI), што во индустријата значи доста неодредена амбиција да се развијат системи со интелектуални способности на ниво на човек.
Оваа промена во насоката ѝ помогна на компанијата да закрепне по години на потреси, откако коосновачот Џек Ма се најде во спор со Комунистичката партија на Кина во врска со регулацијата на приватниот сектор. Ма, некогаш најистакнатиот бизнисмен во Кина, потоа исчезна од јавноста неколку години.
Во февруари Ма им се придружи на други угледни претприемачи на значајна средба со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, на која разговараа за новите технологии и иновации. Средбата беше знак на поддршка од Пекинг за долго запоставениот приватен сектор, кој е клучен за оживување на втората најголема економија во светот.