„Еуростат“ ги објави најновите податоци за употреба на смарт технологии во компаниите во Европа кои покажуваат дека во земјите од Балканот има најслаба искористеност на технолошките можностите што ги нуди времето во кое што живееме.
Анализирана била употребата на вештачка интелигенција (artificial intelligence - AI), која им дава на машините и системите способност да учат и да донесуваат одлуки со одреден степен на автономија за постигнување конкретни цели, како и употребата на паметна средина (Internet of things - IoT), каде што машините, уредите, сензорите или системите се меѓусебно поврзани и можат да комуницираат едни со други преку интернет.
Во 2021 година, 8 проценти од претпријатијата во ЕУ користеле барем една од следниве технологии за вештачка интелигенција:
-
технологии кои го анализираат пишаниот јазик
-
кои го претвораат говорниот јазик во машински читлив формат
-
кои генерираат пишан или говорен јазик
-
за идентификација на предмети или луѓе врз основа на слики
-
за машинско учење
-
кои автоматизираат различни работни текови или помагаат при донесување одлуки
-
кои им овозможуваат на машините физички да се движат со набљудување на нивната околина и преземање автономни одлуки.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, Данска бележи најголем удел на претпријатија кои користеле некоја од овие седум технологии за вештачка интелигенција во 2021 година (24 проценти). Други земји со релативно високо прифаќање на технологии за вештачка интелигенција беа Португалија (17 проценти) и Финска (16 проценти).
Во меѓувреме, најмал удел на претпријатија кои користеле некоја од овие седум технологии за вештачка интелигенција во 2021 година се забележани во Романија (1 процент), Полска, Унгарија, Кипар, Естонија и Бугарија (сите 3 проценти). За Северна Македонија нема податоци за употреба на технологии со вештачка интелегинеција бидејќи се водат како доверливи.
Во 2021 година, 29 проценти од претпријатијата во ЕУ користеле меѓусебно поврзани уреди или системи кои може да се следат или контролираат од далечина преку интернет (IoT). Меѓу претпријатијата кои пријавиле дека користат IoT, огромното мнозинство го користеле за безбедност на просториите (на пр. паметни алармни системи, паметни камери и други паметни уреди – 72 проценти).
Во помала мера, претпријатијата користеле IoT за управување со потрошувачката на енергија (на пр. паметни броила, паметни термостати – 30 проценти) или за одржување базирано на услови (на пр. сензори за следење на потребите за одржување на машините или возилата – 24 проценти).
Меѓу земјите-членки на ЕУ, повеќе од половина од претпријатијата во Австрија (51 проценти) користеле IoT во 2021 година. После Австрија следат Словенија (49 проценти), Финска и Шведска (и двете по 40 проценти). Спротивно на тоа, најниски проценти се забележани во Романија (11 проценти), Бугарија (15 проценти), Естонија, Северна Македонија и БиХ (17 проценти).