Во светот на дигиталните плаќања се води борба за територија - и традиционалните играчи се најдоа во дефанзива.
Технолошките компании и криптостартапите навлегуваат на територија во која долго време доминираа „Виза“ (Visa) и „Мастеркард“ (Mastercard), потпомогнати од нов вид валута - стабилни коини - и понуда што трговците тешко ја игнорираат: пониски провизии, побрзо порамнување и можност целосно да се заобиколат двете големи компании.
Станува збор за технолошка и финансиска закана. Дигиталните токени, кои обично се врзани за доларот, им овозможуваат на потрошувачите директно да им плаќаат на трговците од нивните криптопаричници - без да минуваат преку банка или картична мрежа. Само минатата година американските бизниси платиле околу 187 милијарди долари во провизии за трансакции, најголем дел преку системите на „Виза“ и „Мастеркард“. Стабилните коини ветуваат значително намалување на тие трошоци - или нивно целосно укинување.
„Јасно е дека целата оваа област може да стане закана за традиционалните финансиски провајдери“, вели Кристијан Каталини, основач на „Криптоекономикс“ (MIT Cryptoeconomics Lab). „Но мрежите на кредитни картички не седат со скрстени раце. Тие ќе се обидат да соработуваат со многу стабилни коини за да ја задржат својата централна улога“.
Овој притисок ги тера „Виза“ и „Мастеркард“ да се претстават не како застарени собирачи на провизии, туку како основа за сите видови дигитални трансакции - вклучувајќи ги и оние што првично беа дизајнирани да ги заобиколат. Со претседателот Доналд Трамп подготвен да потпише закон за федерална регулација на издавачите на стабилни коини, двете компании ги истакнуваат своите напори во области како порамнување со стабилни коини и картички поврзани со крипто. „Виза“ и „Мастеркард“ исто така ги нагласуваат своите иницијативи за прекугранични плаќања - една од најпопуларните примени на стабилните коини.
Нивното влијание функционира во двете насоки. „Виза“ и „Мастеркард“ имаат долга историја на неутрализирање конкурентски закани преку нивно апсорбирање во сопствените мрежи, често на начин што ја зачувува нивната ценовна моќ. Приближувањето кон стабилните коини може да биде само уште еден пример за тоа, особено со оглед на тоа што пазарот на стабилни коини сега вреди 253 милијарди долари - и се очекува да достигне 2 трилиони во следните неколку години, според министерот за финансии Скот Бесент.
Bloomberg
Фактот што стабилните коини се дел од приказната за финансиска трансформација претставува ретка отстапка од репутацијата на криптоиндустријата како место за шпекулации и коцкање. Во тој контекст, стабилните коини нудат нешто радикално: алатка што навистина може да ги подобри финансиските системи, давајќи ѝ на криптозаедницата конечно и општествено корисна функција.
Овој замав почнува да го менува и корпоративното однесување. Гиганти како „Волмарт“ (Walmart) размислуваат за пилот-проекти со стабилни коини, според „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal). Месецов технолошкиот провајдер за банки „Фајсерв“ (Fiserv) воведе сопствен токен поддржан од фиат-валута за да им помогне на помалите финансиски институции да останат во чекор со иновациите во плаќањата.
Сепак, замената на картичните мрежи нема да биде лесна, особено во САД, каде што потрошувачите се навикнати на награди, заштита од измами и пристап до кредит - поволности што тешко се заменуваат. Стабилните коини нудат ограничени предности на каса, а за многумина криптовалутите сè уште се непознати или сомнителни. Балансите во стабилни коини најверојатно нема да бидат осигурани од FDIC, а заштитата на потрошувачите може значително да се разликува од онаа кај обичните картички. За трговците, новата технологија може да донесе регулаторни, даночни и оперативни ризици.
Сепак, дигиталните поддржувачи продолжуваат напред. „Шопифај“ (Shopify) неодамна се здружи со „Страјп“ (Stripe) и „Коинбејс“ (Coinbase) за да им овозможи на трговците да прифаќаат USDC - стабилни коини поврзани со долар од компанијата „Сркл“ (Circle). Плаќањето се извршува целосно преку блокчејн-протокол, без да се допре картична мрежа. Трговците можат директно да примаат USDC во своите криптопаричници или веднаш да го конвертираат во локална валута на нивната банкарска сметка.
„Шопифај“ ќе нуди 1 отсто поврат на средства за клиентите што плаќаат со USDC, а наградите исто така ќе се исплаќаат во USDC. „Коинбејс“ лансира сопствена платформа за плаќања за да овозможи прифаќање на стабилни коини кај повеќе е-трговски провајдери.
„Тешко е да се променат навиките на потрошувачите кога станува збор за плаќање, но за разлика од минатото, сега веќе се движиме кон драматична промена“, вели Ричард Крон, извршен директор на консултантската фирма КК (Crone Consulting).
Овој притисок ги тера „Виза“ и „Мастеркард“ - кои заедно држат над 85 отсто од вкупната потрошувачка со картички во САД - да преминат во офанзива. Двете компании ја промовираат својата глобална мрежа на трговци, заштитата од измами, приватноста на потрошувачите и довербата во брендот. Нивната технологија за токенизација, на пример, ги прикрива чувствителните информации за сметките за да ги заштити потрошувачите при онлајн купување.
„Ние токенизираме пристап до вредност веќе долго време“, вели Џек Форестел, главен директор за производи и стратегија во „Виза“. „Денес вредноста зад тие токени најчесто се банкарски сметки или кредитни линии, дебитни и кредитни картички, но апсолутно нема причина тоа да не биде стабилен коин или друга криптовалута“.
Дигитална иднина
И „Виза“ и „Мастеркард“ експериментираат со интеграција на стабилни коини во нивните екосистеми уште од 2021 година, но обновениот интерес за оваа технологија повторно ги става тие напори во фокус и поттикнува поголеми инвестиции. На пример, „Виза венчрс“ (Visa Ventures) годинава инвестираше во БВНК (BVNK) - провајдер на инфраструктура за стабилни коини. Финансиските институции можат да користат платформа од мрежата за издавање дигитални токени поддржани од фиат-валута.
„Мастеркард“ неодамна објави дека се приклучува на ПГДН (Paxos Global Dollar Network), што му овозможува на „Паксос“ да им помага на институциите во својата мрежа да го издаваат и откупуваат стабилниот коин USDG. Исто така, „Мастеркард“ обезбедува поддршка за стабилни коини како FIUSD на „Фајсерв“ , PYUSD на „Пејпал“ и USDC на „Сркл“.
Мрежата им овозможува на корисниците детална контрола врз тоа како се насочуваат плаќањата. Трансакција под 100 долари може да се повлече од тековна сметка, поголемите од кредитна линија, а кај одредени трговци - од криптопаричник, сето тоа поврзано со единствена платежна идентификација.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...