На глобалната технолошка сцена инвеститорите и аналитичарите често го користат изразот Mag7 (англ. magnificent seven - величествена седумка) за да ги означат седумте најголеми и највлијателни технолошки компании чија акција има големо влијание на глобалните пазари на капитал.
Овие компании сочинуваат значителен дел од вредноста на индексот S&P 500 и често диктираат трендови во инвестициите и развојот на технологијата. Еден од главните двигатели на растот во последно време е вештачката интелигенција.
Многу од членовите на величествената седумка ги зголемуваат инвестициите за да се позиционираат како лидери во областа на вештачката интелигенција, но не и „Епл“ (Apple).
Прочитај повеќе
„Епл“ влегува на пазарот на евтини лаптопи
Тековниот проект, со кодно име Џ700 (J700), веќе е во активни тестирања во самата компанија и во рана продукција со доставувачи од странство, а ќе биде опремен со процесор од паметните телефони „ајфон“...
06.11.2025
„Епл“ преговара за договор од милијарда долари годишно со „Гугл“ за надградба на Сири
„Епл“ е во завршна фаза на договор со „Гугл“ вреден милијарда долари годишно за користење на моделот Џемини во новата верзија на Сири, што ќе дебитира следната пролет.
06.11.2025
„Епл“ треба да претстави апликација во стилот на ЧетГПТ
„Епл“ тајно развива четбот - дали ќе го направи достапен за сите и ќе го промени својот пристап кон вештачката интелигенција?
29.09.2025
„Епл“ следи поинаков пат од своите конкуренти, фокусирајќи се на интеграција на технологијата во својот екосистем на производи.
За разлика од остатокот од величествената седумка, „Епл“ останува смирен и избира поинаков пристап. Компанијата во 2025 година инвестираше 12,72 милијарди долари, што претставува зголемување од 35 отсто во однос на претходната година, но сè уште е многу помалку од другите членови на величествената седумка.
Во извештајот се наведува дека компанијата очекува продолжен раст на инвестициите, но не во обем каков што имаат нејзините конкуренти.
Клучот на компанијата од Купертино е хибридниот модел: дел од компјутерската моќ гради сама, додека остатокот го изнајмува од партнерски центри. Финансискиот директор Кеван Парех објасни дека компанијата „не планира да се откаже од комбинираниот пристап, каде што користи сопствени капацитети и капацитети на надворешни партнери“.
Овој пристап се развива во период кога цената на акциите на „Епл“ бележи силен раст. Во последните шест месеци вредноста на акциите порасна за повеќе од 35 проценти. Тоа е еден од најдобрите резултати во технолошкиот сектор.
Како функционира „тивкиот модел“ на развој на вештачка интелигенција
Додека другите ја забрзуваат изградбата на големи центри за податоци, „Епл“ се фокусира на оптимизација на сопствените процесори, програми за сигурна обработка на податоци и развој на функции што корисниците веднаш можат да ги применат.
Важен дел од овој пристап е „Епл интелиџенс“ (Apple Intelligence), сет на функции на вештачка интелигенција претставен минатата година. Функциите опфаќаат резиме на известувања, креирање визуелна содржина и напредно проследување сложени барања кон услуги како ЧетГПТ (ChatGPT).
Во исто време, „Епл“ започна да испорачува свои сервери за безбедна обработка на податоци во сопствените центри. Системот ПКК (Private Cloud Compute) користи сопствени чипови на „Епл“, а не процесори на „Енвидија“ (Nvidia) или АМД (AMD). „Епл“ со ова ја штити архитектурата, ги намалува трошоците и ја задржува контролата врз податоците на корисниците.
Сето ова влијае и на финансиската слика. Дел од трошоците преминува во оперативни расходи, бидејќи компанијата понекогаш изнајмува капацитети од надворешни центри. Оперативните расходи на „Епл“ се зголемија за 11 проценти и изнесуваат околу 15,91 милијарди долари, но поголемиот дел од овој раст е резултат на инвестициите во истражување и развој.
„Епл“ не се натпреварува во брзината на изградба на инфраструктура, туку во ефикасноста. Додека другите компании градат сè поголеми системи, „Епл“ гради селективно. Таа ги распределува средствата за развој на сопствени чипови, сопствен софтвер и хибридна архитектура, каде што не мора сè да биде „гигантско“ за да биде ефикасно.
Тоа им носи на корисниците воедначено искуство: моделите ајфон 17 (iPhone 17) имаат изразена побарувачка, а компанијата очекува раст на приходите меѓу 10 и 12 проценти во последниот квартал. Како што изјави претседателот на компанијата Тим Кук, реакциите на новиот модел ги „надминале сите очекувања“.
Инвестициите во вештачка интелигенција стануваат важен дел при купувањето телефон. „Епл“ смета дека таа улога ќе расте, бидејќи корисниците сакаат поинтелигентни функции, но и поголема приватност, подолготрајна батерија и стабилност на уредите.
Хибриден модел што носи успех на долг рок
Стратегијата на „Епл“ не е најгласна, но е најконзистентна. Додека најголемите компании ги зголемуваат инвестициите во гигантски инфраструктури, „Епл“ внимателно гради хибриден систем, кој му овозможува да ги контролира технологијата, трошоците и искуството на корисниците. „Епл“ со тоа ја штити маргината, стабилноста на бизнисот и сопствената позиција во време кога пазарот преминува кон нови форми на вештачка интелигенција.
На долг рок, способноста да се интегрира вештачката интелигенција во производи што веќе ги користат стотици милиони луѓе може да стане најголемата предност на „Епл“ во однос на другите членови од величествената седумка.
Depositphotos