Останато

Колку доцни поевтинувањето на храната во Македонија

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

15. Септември 2022, 07:00

Цените на храната во светот во август паднале за 1,9 отсто, во земјава пораснале за 2,9 отсто

На глобалните пазари цените нагло пораснале во март и тогаш бил достигнат врвот

Во Македонија највисоките цени се измерени минатиот месец

Колку доцни поевтинувањето на храната во Македонија

Bloomberg

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

Ќе го следат ли цените на храната во земјава светскиот тренд? Во последните пет месеци, светските индекси покажуваат поевтинување на основните прехранбени продукти, додека во истите тие месеци цените во земјава уриваа рекорди. Анализираме кои се можните ценовни тенденции, откако во август кога беше измерена рекордна инфлација во земјава од 16,8 отсто, цената на храната поскапе за околу 26 проценти. 

На глобалниот пазар цените на храната нагло пораснале во март и тогаш бил достигнат врвот. Според ФАО (Организација за земјоделство и храна при Обединетите нации), индексот на цените на храната тогаш изнесувал 159,5. Од тогаш, пет месеци по ред е во континуиран пад.

Во земјава пак, цените на храната највисокото ниво го достигнаа токму минатиот месец, но во ниту еден момент не растеле толку нагло како на светскиот пазар. Во август во однос на јули, според ФАО, цените се намалиле за  1,9 отсто, во земјава пораснале за 2,9 отсто.

Заради ваквото доцнење, прогнозите во земјава се дека уште извесно време, цените на храната ќе растат, посебно по истекот на септември кога завршува владината мерка за ограничување на маржите на основните прехранбени производи. Аналитичарите сметаат дека дел од ценовните поместувања овде не се должат исклучиво на пазарни движења.

Владата летово ја замрзна маржата на пет отсто во трговијата на големо и мало за белиот леб – сечен на парчиња или цел, за белиот шеќер и сончогледовото масло за јадење (не се однесува на ладно цедено масло). За брашното од пченица – тип 400 и тип 500, макароните, шпагетите од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто како и јајца од кокошки се утврдува маржа од 10 отсто за трговија на големо и мало.  

ЛЕБ И ЖИТАРКИ

Цената на житарките на глобалниот пазар во август е пониска за 1,4 отсто споредено со јули. Најголем пад има кај пченицата за над пет отсто заради подобрените прогнози за производство во Канада, САД и Руската федерација, потоа заради поголемите колични на пазарот по годинашната жетва, како и заради извозот од украинските престаништа за прв пат по пет месеци. 

Во земјава цената на лебот и житарките во август е за 6,4 отсто повисока во однос на јули годинава. Токму летово растот на оваа категорија е најинтензивен. 

МАСЛО ЗА ЈАДЕЊЕ

На глобалниот пазар, маслото за јадење поевтини за 3,3 отсто на месечна основа. Падот се должи на пониските цени на палминото и на сончогледовото масло. Цената на палминото масло паѓа заради пониските извозни давачки во Индонезија, а маслото од сончоглед поевтини заради воспоставениот извоз од Украина.

Во земјава, цената на маслото за јадење е единствена која минатиот месец забележа пад. Пикот го достигна во јули, а во август цената паднала за 4,1 отсто.

МЛЕКО И МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ

Цените на млечните производи на светскиот пазар, мерени преку ФАО индексот во август се за два проценти пониски споредено со претходниот месец.

Во август на глобално ниво падна побарувачката за путер и млеко во прав заради високото ниво на залихи кај производителите. Цената на сирењето и натаму расте.

Во земјава во август овие цени биле за 3,5 отсто повисоки споредено со јули.

МЕСО

Цената во август на светскиот пазар е пониска за 1,5 отсто споредено со јули. Кај месото, падот на цената почна подоцна во однос на останатите прехранбени производи. Минатиот месец беше измерено второ последователно намалување. Поевтинувањето се должи на помалата побарувачка во земјите кои се најголеми извозници на месо.

Растот на цената на местото на месечно ниво во земјава изнесува 2,5 отсто.

ШЕЌЕР

Шеќерот во август поевтинил за 2,1 отсто во споредба со јули и на светкиот пазар има најниска цена во последните 13 месеци. Падот на цената се должи на зголемениот извоз од Индија, но и раната берба заради неповолното време во Бразил.

Во земјава, минатиот месец забави растот на цената на шеќерот – во однос на јули е повиска за само 0,6 отсто.

И Советот на Народната банка на Македонија констатира дека на глобално ниво „во изминатите неколку месеци кај цените на храната се забележуваат поизразени надолни приспособувања на светските берзи, што во следниот период може да доведе до надолни приспособувања и кај домашните цени“.

„Воедно, надолни се и ревизиите и на очекувањата за раст кај дел од овие цени. Сепак, неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите е нагласена поради воените случувања во Украина“, стои во вчерашното соопштение од седницата на Советот на НБРМ.

Сите новости од рубриката Анализа

Алкалоид АД Скопје
Компании

Алкалоид АД Скопје

„Алкалоид“ AД Скопје е компанија која работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи.

28.06.2022

КОСТАЛ Македонија
Компании

КОСТАЛ Македонија

КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА е една од водечките компании на глобално ниво за производство на електронски и мехатронски компоненти за автомобилската индустриј

27.06.2022

Анализа

сите новости од рубриката Анализа