„Опен еј-ај“ (OpenAI) ја направи својата алатка ЧетГПТ (ChatGPT) достапна за компаниите да ја вградат во сопствените апликации како комерцијална намена за веќе многу популарниот четбот.
Компанијата, која во ноември ѝ го претстави ЧетГПТ на јавноста, сега нуди платен пристап за бизнисите и програмерите што сакаат да ја користат способноста на софтверот за да одговараат на прашања и да генерираат текст во сопствените апликации и производи.
Клиентите ќе може да ги закачат своите апликации во апликацискиот интерфејс за програмирање на ЧетГПТ, давајќи им ја истата верзија на моделот ГПТ 3.5, која самиот „Опен еј-ај“ ја користи по цена десет пати пониска од постојните модели на „Опен еј-ај“.
„Шопифај“ (Shopify Inc) и „Снеп“ (Snap Inc) се меѓу компаниите што веќе го користат ЧетГПТ во своите производи, објави „Опен еј-ај“, чие седиште е во Сан Франциско. Во јануари „Опен еј-ај“ преговараше за проширување на инвестицијата на „Мајкрософт“ (Microsoft Corp) во компанијата, зголемувајќи ги пријавените 10 милијарди долари.
Минатиот месец „Опен еј-ај“ започна листа на чекање за компании и програмери што сакаат да користат ЧетГПТ во сопствените апликации и им продава премиум-верзија на поединци.
Истражувачката компанија за вештачка интелигенција призна дека ЧетГПТ во последно време паѓа премногу често и рече дека ќе им даде приоритет на компаниите и корисниците што користат јавни апликации на платформата.
„Во изминатите два месеца нашето време на работа не ги исполни нашите очекувања, ниту тие на нашите корисници. Главниот приоритет на нашиот инженерски тим сега е стабилноста“, напишаа од „Опен еј-ај“.
„Инстакарт“ (Instacart), најголемата американска компанија за испорака на производи преку интернет, ќе го додаде ЧетГПТ во својата апликација за купување, комбинирајќи ја со сопствената вештачка интелигенција на „Инстакарт“ и каталогот за достапни производи. Клиентите ќе може да побараат од апликацијата некои работи, како да предлага здрави опции за децата и да дава инструкции како да се направат некои рецепти, велат од компанијата. „Шопифај“ исто така ќе го користи четботот за својата апликација за корисници и кога купувачите ќе бараат производи, ЧетГПТ ќе нуди препораки.
„'Квизлет' (Quizlet Inc), компанија за електронски алатки за учење, гради искуство за туторство со вештачка интелигенција каде што се користи стилот на прашања и одговори на ЧетГПТ“, рече главниот извршен директор Лекс Бајер.
„За учење странски јазици, ЧетГПТ може да направи приказна на јазикот што се изучува и да тестира читање со разбирање или да преземе список со вокабулар и да го претвори во пасус. Тоа е употреба на четботот што може да биде подобредојдена за наставниците, кои главно беа фокусирани на загриженоста дека учениците го користат за мамење и автоматизирање на домашните задачи.
„Со секоја нова технологија ќе има одредено стравување. Ние постојано ги поместуваме границите на технологијата и ја користиме на вистински начин, кој е навистина конструктивен за студентите“, рече Бајер.
Во понеделникот, „Снеп“, производител на апликацијата за споделување фотографии „Снепчет“ (Snapchat), објави дека е меѓу новите клиенти на ЧетГПТ, објавувајќи четбот со вештачка интелигенција за членовите на „Снепчет плус“ (Snapchat Plus), кои плаќаат 3,99 долари месечно за претплатата. Обучен да прикажува уникатен тон и личност, „Мај еј-ај“ (Mu AI) на „Снепчет“ може да се користи за да препорача идеи за роденденски подароци или рецепти за вечера, велат од компанијата. На крајот ќе биде достапна за сите членови на „Снеп“.