Компании

'Мастеркард' гледа иднина во дигиталните валути

Извор: Lisa Abramowicz/Bloomberg News

04. Август 2022, 08:54

Дури 35 проценти од бизнисот на компанијата не е директно поврзан со платежните картички

Општествената одговорност е многу важна за „Мастеркард“

'Мастеркард' гледа иднина во дигиталните валути

Bloomberg Chartmaker

Сачин Мехра имал идеја да се врати во Индија по студирањето во САД и да се приклучи на семејниот бизнис. Сепак, неговиот брат го охрабрил да бара работа во финансискиот сектор во САД и сега, од 2019 година, тој е главен финансиски директор на „Мастеркард“ (Mastercard), компанија на која ѝ се придружил пред 12 години.

Бидејќи важноста и зачестеноста на користењето на кредитни и дебитни картички постојано се зголемува, а Mastercard е еден од главните глобални играчи во оваа сфера, јасно е дека не недостасува динамика во бизнисот на Мехра.

Во интервју за Bloomberg News, тој објаснува колку простор има за раст, кои деловни сегменти се исто така важни при обработката на трансакциите со картички и дали може да им се верува на криптовалутите.

Bloomberg
Сачин Мехра

 

„Сè уште има огромна можност во бизнисот со картички и ние сме во добра позиција да ја искористиме. Трендот е да се премине од готовина на опции за електронско плаќање и, ако гледате глобално, сè уште има тони готовина во оптек што може да се претворaт во електронска форма“, посочува Мехра.

Како што објаснува, Mastercard е многу повеќе од само трансакции со картички.

„Она што ние го нарекуваме услуги, исто така, вклучува обработка на податоци, анализа, консултации или борба против измами, а сè тоа сочинува околу 35 отсто од нашите приходи. Кога луѓето мислат на Mastercard, тие најмногу мислат на платежни картички, но има и други сегменти од бизнисот“, вели Мехра.

Зборувајќи за криптовалутите, чие постоење Mastercard практично го признава, наведува дека имаат своја вредност, но дека сепак се во сферата на еден од видовите средства.

„Сè што служи како средство за плаќање мора да развие свест во нашите умови како форма за чување на вредност. Ако вредноста на нешто се менува секој ден, како кафе од 'Старбакс' што чини три долари еден ден, девет долари следниот, а потоа се враќа на еден долар, има проблем од гледна точка на купувачот. Затоа, ние ги гледаме криптовалутите повеќе како имот. Како средство за плаќање, повеќе шанси имаат стејблкоините и дигиталните валути издадени од централните банки“, вели Мехра.

Сепак, тој додава дека луѓето користат Mastercard за да купуваат криптовалути и дека кога сопствениците сакаат да ги исплатат своите криптовалути компанијата им дозволува пристап да го прават тоа секаде каде што Mastercard е прифатена.

Bloomberg Mercury
Зграда на седиштето на Mastercard, Purchase, New York

 

Мехра објаснува дека за бизнисот на Mastercard е многу важно да внимава на мерењето на перформансите кога станува збор за заштита на животната средина, климатските прашања, општествената одговорност, управувањето, различноста и инклузијата.

„Мораме да бидеме подготвени да вложиме пари во она за што зборуваме. Мораме да бидеме лидер и да покажеме дека се грижиме. Тоа не значи секој од 20.000 вработени да се однесува и да размислува на ист начин, но финансиските стимулации влегуваат во игра“, вели Мехра.

Според него, здравото ниво на параноја е важно за деловниот успех на Mastercard.

„Мислам дека тоа е важно бидејќи понекогаш компаниите се самозадоволни. И кога ќе станете самозадоволни, тоа е почеток на вашиот пад. Затоа мислам дека здравото ниво на параноја е многу важно. Така, на пример, предизвик со кој можеме да се соочиме во развојот е да останеме вклучени во она што се случува во сферата на технолошките иновации и да бидеме лидери во тоа, а не да вртиме грб и да кажеме дека одиме во друга насока“, вели Мехра.

Како најголем предизвик во неговата улога во наредните години, тој ја гледа потребата брзо да препознава што нема да успее во бизнисот и потоа што поскоро да ја признае грешката и да се откаже наместо да троши ресурси за нешто што нема да се исплати.

„Тие предизвици само ќе се зголемат во средина со оскудни капитални ресурси“, вели Мехра.

Сите новости од рубриката Бизнис

Бизнис

сите новости од рубриката Бизнис