„Спејс екс“ (SpaceX) оди чекор понатаму со интерна продажба на акции што ја вреднува компанијата на Илон Маск за производство на ракети и сателити на околу 800 милијарди долари, со што се поставуваат темелите за она што би можело да биде најголемата иницијална јавна понуда (ИПО) на сите времиња.
Во порака на компанијата, во која Bloomberg имал увид во петокот, „Спејс екс“ наведува дека се подготвува за можна јавна понуда во 2026 година, чија цел би била финансирање на „лудото темпо на летови“ на развојниот ракетен систем „Старшип“ (Starship), вештачката интелигенција (ВИ) и дата-центрите во вселената, како и база на Месечината.
Цената по акција од 421 долар во најновата секундарна понуда, која во допис до акционерите ја изложи главниот финансиски директор Брет Џонсен, е речиси двојно повисока во однос на 212 долари по акција утврдени во јули, кога компанијата беше вреднувана на 400 милијарди долари.
Прочитај повеќе
„Емирати“ потпиша договор со „Спејс екс“ на „Старлинк“ за вај-фај за време на лет
Авиокомпанијата „Емирати“ (Emirates) потпиша договор со „Спејс екс“ (SpaceX) на „Старлинк“ (Starlink) за имплементација на вај-фај (Wi-Fi) во целата флота на авиони со широк труп.
17.11.2025
„Спејс екс“ на Илон Маск проценет на 400 милијарди долари
Станува збор за најголема проценка досега за приватна американска компанија, надминувајќи го претходниот рекорд на „Спејс екс“ од 350 милијарди долари.
09.07.2025
Ваквата процена го надминува претходниот рекорд од 500 милијарди долари, кој „Опен еј-ај“ (OpenAI) – сопственикот на ChatGPT – го постави во октомври. Со тоа „Спејс екс“ повторно станува највредната приватна компанија во светот.
Доколку Маск одлучи да продолжи со ИПО, тоа би бил уште еден впечатлив потфат, но би зависел од низа амбициозни и ризични планови што „Спејс екс“ би морал да ги реализира во наредните години. „Спејс екс“ веќе напредува со плановите за излегување на берза, во чии рамки е предвидено прибирање значително повисок износ од 30 милијарди долари – во трансакција што би претставувала најголемо котирање на сите времиња, пренесе Bloomberg претходно оваа недела.
Компанијата што ја предводи Маск цели кон вкупна процена на вредност од околу 1,5 билиони долари, со што „Спејс екс“ би се приближил до пазарната вредност што СА (Saudi Aramco) ја оствари за време на рекордната јавна понуда во 2019 година. Времето на ИПО и соодветната процена на вредноста се неизвесни, а компанијата може да одлучи и да не продолжи со тој план, наведе Џонсен во електронска порака.
Претставник на „Спејс екс“, не одговори на барањето за коментар.
Компанијата двапати годишно организира тендери, овозможувајќи им на акционерите, вклучувајќи ги и вработените, да земат пари за своите акции или да купат дополнителни. Во овој случај, „Спејс екс“ ја утврди фер-пазарната вредност како вовед во потенцијално ИПО во 2026 година.
Како најпродуктивен лансирен систем во светот, „Спејс екс“ доминира во вселенската индустрија со ракетата „Фалкон 9“ (Falcon 9), која во орбита подига сателити и луѓе. „Спејс екс“ е исто така лидер во обезбедувањето интернет-услуги од ниската Земјина орбита преку системот „Старлинк“ (Starlink), мрежа од илјадници сателити што опслужува милиони корисници.