Во приватните пензиски фондови во Македонија има 1,8 милијарда евра. Најголем дел од парите е инвестиран во домашни државни хартии од вредност.
Коста Ивановски, член на управниот одбор во „Сава пензиско друштво“, во разговор за „Блумберг Адрија ТВ“ вели дека високата инфлација имаше ефекти врз остварените реални приноси на пензиските друштва, но смета дека врвот на инфлацијата е зад нас и растечките трошоци на живот ќе се стабилизираат, а тоа ќе им дозволи на пензиските фондови да остваруваат и позитивен реален принос.
„Ако се спореди седумгодишниот период што завршува на 31.12.2021 година, просечната реална стапка на принос остварена на домашниот пазар изнесува 4,5 проценти, додека за седумгодишниот период што завршува на 31.12 2022 година оваа стапка изнесува 0,50 отсто, каде што се гледа вистинскиот ефект на инфлацијата врз остварените реални приноси“, вели Ивановски.
Очекувањата се дека до крајот на годинава ќе забави експанзивната монетарна политика, односно ќе се намалат инфлаторните притисоци.