Нова инвестиција се најавува во технолошко-индустриските развојни зони.
„Следната недела ќе потпишеме нова инвестиција со компанија од Југоисточна Азија, која е активна во делот на електрониката и тежи над 200 милиони евра“, вели за „Блумберг Адрија“ Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ. Дополнително, Деспотовски вели дека се реализираат нови инвестиции од среден обем, а веќе во мај ќе биде објавена првата голема инвестиција на голема домашна компанија во ТИРЗ.
„Отвораме целосно нов фронт на работа, со домашните големи и средни компании, но и компаниите во регионот ќе бидат опфатени со ваква кампања, каде што ќе се обидеме да ги поттикнеме да вложуваат во нашите зони“, вели Деспотовски.
Во однос на најавите за увоз на работна сила, тој смета дека прво треба да се искористат домашните резерви, како и фактот дека преку иницијативата Отворен Балкан има непречен пристап за пазарите на трудот од Албанија, Србија и Македонија.
„Прво би погледнал во резервите и потенцијалите во регионот затоа што верувам дека се значителни, а потоа секако и во јавниот сектор, каде што динамиката на растот на платите во приватниот сектор значително ја надминува динамиката на растот на платите во јавниот и тука може да се појави интерес за трансфер“, вели Деспотовски.
Извозот во зоните во првиот квартал годинава има раст од 12 отсто во однос на претходната, но иако паралелно расте и увозот, Деспотовски смета дека динамиката на растот на увозот е побавна од таа на извозот, што значи дека поголем дел од додадената вредност останува во Македонија.