Ниските каматни стапки негативно влијаеа на осигурувањето на живот, бидејќи тоа подразбира акумулација на средствата на осигуреникот кои потоа оплодени се враќаат кај него, но во услови на ниски каматни стапки не можевме да гарантираме големи добивки за клиентите и затоа отидовме во друг сегмент, односно во банкарскиот и во фондовскиот дел со креирање нови производи, вели во интервју за „Блумберг Адрија“, Зоран Стојановски, извршен член на одборот на директори на „Граве осигурување“ и додава дека во последнава година, високите каматни стапки се повторно на сцена, односно не се близу нула или еден процент и со тоа се создава поголема атрактивност за класичното животното осигурување.
Изминативе децении животното осигурување станува сè поатрактивно, а постои и простор за натамошен развој.
„Изминатите 16 години, колку што постои Граве животно осигурување во Македонија, стартувавме со многу мала база, односно зародиш и почеток на животното осигурување. Целокупното животно осигурување учестуваше со 1 отсто или околу 300 до 400 илјади евра годишна бруто полисирана премија. Тоа е премијата којашто се собира од корисниците на осигурителни услуги во Македонија. Во 2022 година завршивме со повеќе од 30 милиони евра. Што значи партиципираме веќе со 20 отсто, односно, компаниите со животно осигурување партиципираат со 20 отсто од севкупната премија на осигурувањето што е во Македонија“, вели Стојановски.
Тој додава дека сè уште не е постигнат целокупниот раст и развој и дека и натмау постојат големи простори.
„Банките се еден составен дел. 'Граве осигурување' почна со банка осигурување уште во 2011 година. Како прва компанија којашто започна со банкарските производи во животното осигурување. Додека денеска во 2023 година, фактички не постои банка којашто нема поткрепа на компанија за осигурување за живот“, вели Стојановски.
Појаснува дека тој сегмен сè уште ќе расте, а притоа исклучително ќе биде важна и дигитализацијата, но и пензиските реформи.
Целиот разговор погледнете го во видеото во рамки на објавата.