За поттикнување на зелената транзиција на бизнис-секторот се потребни финансии, но и свесност кај компаниите. Предизвиците на компаниите што инвестираат во зелени иновации, пак, не се мали, а меѓу нив е и малата свесност на потрошувачите за зелените продукти.
„Во моментов нема доволно свест кај купувачите, потребни се голема едукација и развој на свеста за тие да сакаат да бидат дел од зелената економија и да консумираат зелени производи. Не можам да кажам дека од почетокот на иновацијата досега патот беше лесен. Предизвици има на секој чекор. Сега, последнава година, можеби има некаков напредок за развој и помош на бизнисите, но, сепак, позиционирањето на ваков зелен производ бара многу финансии и соодветен тим. Големите компании не сакаат да бидат партнери за инвестиција за пласман на еден нов производ од овој аспект, но со различни нови дигитални алатки, маркетинг, се обидуваме да дојдеме поблиску до купувачите“, вели Сања Лазаревска, сопственичка на компанијата „Фор лејди“, која инвестираше во производство на биоразградливи хулахопки.
Текстилната индустрија е една од најзагадувачките индустрии и зад себе остава големи количества отпад и последици врз околината. Лазаревска смета дека со зелените иновации овој импакт од текстилниот сектор може да се промени.
„Развојот на биоразградливите хулахопки решава повеќе проблеми. Првиот се загадувањето и намалувањето на времето за разградување на материјалот во природата. На овој начин целокупно се затвора и кругот на циркуларната економија и може да се користи како биомаса за енергија. Производот го пакуваме и во рециклирана хартија, скративме и голем дел од употребата на нови ресурси, инволвиравме зелени технологии итн.“, вели таа.
Но, финансиите се проблем и за почеток на зелено инвестирање и за негово одржување на долг рок. Од тој аспект, како што истакнува Лазаревска, потребна е и државна поддршка.
„Државата има неколку механизми за финансирање на бизнисите, но главниот проблем за претприемачите е брзината на постапките. Губењето време за апликација и обучување тим е нешто што многу чини. Државата треба да најде начин да го забрза процесот од аплицирање до добивање средства“, вели Лазаревска.