Зборувавме дека производствените капацитети во целиот регион се застарени и во наредниот период се потребни нови производствени капацитети што ќе ги одржуваат сигурноста и стабилноста на енергетскиот сектор.
„’Чебрен’ е една од таквите инвестиции, која е клучна не само за Македонија туку и за целиот регион во делот на сигурноста и стабилноста на електроенергетскиот сектор. Дали треба да се гради ’Чебрен’ како пумпно-акумулациска хидроцентрала, секако дека треба и тука нема дилема“, вели универзитетскиот професор Драган Миновски.
Тој додава дека дилемата помеѓу експертите и помеѓу инженерите во Македонија е дали „Чебрен“ треба да го гради државата или странски партнер.
„Сметам дека ние треба да собереме сили како држава да го изградиме ’Чебрен’ сами, затоа што ’Чебрен’ во понатамошниот период ќе овозможи големо вклучување производствени капацитети од обновливи извори на електрична енергија, особено оние варијабилни капацитети како што се фотоволтаичните и ветерните електроцентрали“, вели Миновски.
Тој смета дека „Чебрен“ ќе игра клучна улога за сè поактивно вклучување на таквите обновливи извори на електрична енергија во електроенергетскиот сектор и за сè поголема стабилност и сигурност и на нашиот и на регионалниот електроенергетски систем.
„Мислам дека треба да се направат напори државата сама да го изгради ’Чебрен’, бидејќи ’Чебрен’ навистина е профитабилен проект, проект што сам ќе се исплати во наредниот период и ќе ги врати вложените средства и да се направат анализи, нормално да се направат напори ние сами го изградиме како држава“, додава Миновски.
Тој е сигурен дека државата може да го изгради тоа.
Сè поголем интерес за обновливи извори на енергија
Дополнително, Миновски посочува дека во македонскиот електроенергетски систем во согласност со стратегиите, односно во согласност со анализите може да се приклучат варијабилни производствени капацитети на некој ранг од 1.000 мегавати инсталирана моќност. Во моментов секојдневно расте инсталираниот капацитет на фотоволтаичните електроцентрали, исто така и на ветерните централи.
„Постои сè поголем интерес. И доколку сакаме стабилност на електроенергетскиот систем и сигурност во делот на снабдувањето со електрична енергија, мора да се реагира и во делот на балансните капацитети, односно на капацитети за складирање на вишокот електрична енергија и на капацитети што во одреден момент кога имаме недостатоци ќе помогнат во стабилизирањето на електричната енергија, како што се батериските системи“, вели Миновски.
Тој додава дека, за жал, во Македонија сè уште нема пумпно-акумулациска електроцентрала. „Чебрен“ е една од тие што треба да се градат во наредниот период. Во регионот постојат такви капацитети за складирање електрична енергија.
„Се надевам дека Регулаторната комисија за енергетика за брзо време ќе излезе со предлог-решенија во делот за системи за складирање што ќе овозможат сè повеќе нови и обновливи извори на електрична енергија во електроенергетскиот систем и кај нас и во регионот и ќе овозможат сè поголем вишок на електрична енергија што ќе може да се пласира на регионалните и на домашните пазари. Нормално, со тоа би се зголемиле сигурноста и стабилноста во делот на снабдувањето со електрична енергија“, заклучува Миновски.