Високата инфлацијата ќе поскапи дел од продуктите во осигурителниот бизнис. Македонскиот осигурителен пазар, конкретно во здравството, има доста ниски цени, кои се под просекот во европските земји. Секако ќе има корекција на цените нагоре, но тоа нема да биде драстично зголемување, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Огнен Нелковски, координатор за развој на продукти и банкоосигурување во „Винер – Виена иншуренс груп АД Скопје“.
Тој посочува дека дигитализацијата на услугите ќе биде главен предизвик и приоритет за осигурителниот сектор.
„Процесот на телемедицина го воведовме одамна на нашиот пазар. Така им овозможивме на нашите осигуреници во кое било време и место да имаат достапност од лекар преку нивните уреди. Со самиот тој процес на дигитализација, нашите осигуреници ќе можат покомотно да контактираат со лекари, да добијат првична насока, дијагноза, да добијат валиден рецепт и да го скратат непотребно потрошеното време од одење во здравствени институции што не го бараат тоа по секоја цена“, вели Нелковски.
Нелковски посочува дека компаниите сè почесто склучуваат дополнително приватно здравствено осигурување за своите вработени.
„Компаниите го користат приватното здравствено осигурување како еден бенефиција за дополнителен стимул во процесот на аквизиција на нови кадри и во процесот на задржување на постојните кадри. Дури се оди чекор понатаму. Добар дел компании, особено во ИТ-индустријата, како втор чекор го преземаат тоа што оваа бенефиција, освен за своите вработени, ја обезбедуваат директно и за нивните членови на семејствата, каде што трошоците за тоа ги обезбедуваат самите компании“, вели Нелковски.
Тој заклучува дека сето тоа е со цел да се добие таа борбата за задржување или добивање квалитетни кадри во соодветните индустрии.