Цените на недвижностите во Македонија годинава се очекува да останат на сегашното ниво или да имаат мал раст. Двоцифрените стапки на раст што ги забележавме од крајот на 2021 година до крајот на минатата година не се очекуваат. Ова се генерално очекувањата на Сашо Цветковски од агенцијата „Фортон Македонија“ и на Имер Селмани, сопственик на градежната компанија „Бисоил“, кои зборуваа во емисијата „Зум ин“ на „Блумберг Адрија“.
Во централното градско подрачје веќе имаме цени што надминуваат 2.000 евра за квадратен метар, односно достигнуваат до 3.000 евра.
„Споредбено со регионот, Белград, Тирана, Косово, Софија, станува збор за приближно исти цени што ние ги имаме во централното градско подрачје. Така што очекувањата се ако цените на материјалите се веќе стабилизирани и ако не се случи егзодус на работната сила што може да ја крене цената, дека во наредниот период цените веројатно ќе останат на ова ниво, со едно мало покачување“, вели Селмани.
Тој додава дека може да се очекува покачување меѓу 7 и 10 отсто, кое пред сè би се должело на затегнатата монетарна политика, а помалку на растот на цените на градежните материјали и на работната рака.
„Трендот на поскапување на градежните материјали забави. Раст имаме само во делот на цената на работната сила, затоа што таа работна сила едноставно секој ден ја имаме сè помалку и помалку“, вели Селмани.
Во четвртиот квартал од 2023 година становите поскапеле за седум проценти во однос на истиот период претходната година. Тоа може да се смета за забавување на растот, бидејќи осум квартали претходно цените на становите во Македонија имаа двоцифрен раст.
Дека цените ќе останат на сегашното ниво очекува и Цветковски.
„Цените на недвижностите ќе останат на едно релативно стабилно ниво, со одредени разлики од населба до населба и со одредени разлики во делот на квалитетот на градбата. Во секој случај, нема простор за некои поголеми зголемувања на цените, бидејќи на некој начин веќе е достигнат врвот и на тој начин ќе продолжи трендот со ова ниво што го има“.
Дополнително, тој посочува дека има сè поголем интерес за реиздавање станови.