Криптосветот ја почна 2025 година со голем залет. Еден месец откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, вредноста на биткоинот за првпат надмина 100.000 долари, што поборниците за криптовалути го протолкуваа како увертира во уште поголем раст.
Тоа навистина изгледа различно од циклусите на бум и пад што ги обележија првите години на криптовалутите. На чело на САД за првпат е претседател што отворено ги поддржува криптовалутите, па дури и промовираше свој токен. Трамп веќе се подготвува да назначи поддржувачи на криптовалути на клучни позиции во администрацијата. Бидејќи тој вети, меѓу другото, на годишната конференција за биткоин во јули 2024 година дека ќе воведе стратегиски национални резерви на биткоинот, аналитичарите сериозно размислуваат дали САД можат и да го спроведат тоа.
„Блекрок“ (BlackRock Inc.) и другите финансиски гиганти лансираа фондови со кои се тргува на берза (ЕТФ) уште пред изборите, за да нудат криптовалути преку традиционални брокерски сметки, што би ги направило криптовалутите достапни за поширок опсег на купувачи. Криптоиндустријата, која отсекогаш нагласуваше дека е против владите и естаблишментот, сега стана дел од естаблишментот.
Прочитај повеќе

Како да избегнете трагедија при купување биткоин?
Секакви видови на ужасни сведоштва може да се прочитаат на интернет, каде што поединци останале без своите пари поради губење на криптографски клучеви на биткоини или поради измама и злоупотреба.
12.02.2025

„Блекрок“ ќе го претстави својот прв биткоин ЕТФ во Европа
„Блекрок“, најголемиот управител на средства во светот, се подготвува да листира производ поврзан директно со биткоин во Европа.
06.02.2025

Криптопазарот надолу, доминацијата на биткоинот нагоре
Додека биткоинот падна под 100.000 долари во понеделникот, неговиот процентен пад беше најмал меѓу главните криптовалути.
04.02.2025

Криптопазарот крвави: етерот загуби четвртина од вредноста, биткоинот е под сто илјади
По најавените царини од страна на Трамп, реагираше и криптопазарот. Дури 188 милијарди долари се избришани од криптопазарот само за 24 часа.
03.02.2025

Трамп за својата инаугурација собра милионски донации од криптокомпании
Фирмите во индустријата за криптовалути веќе добиваат посебно внимание од администрацијата на Трамп.
31.01.2025

Давос: Што мисли финансиската елита за крипто?
Финансиската елита во Давос се надева дека Трамп ќе донесе закон што ќе им олесни на нивните компании да влезат на крипто-пазарот.
23.01.2025

Криптоменувачници во регионот Адрија - од пионери до искусни играчи
Истраживме како работат криптоменувачниците во регионот Адрија, меѓу кои некои се најстари во светот.
24.01.2025

Трамп веќе на големо заработува од крипто
Пред доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, возбудата за промена на власта ја почувствува индустријата за криптовалути.
20.01.2025
Темелите за ова неочекувано враќање на криптовалутите на сцената се поставуваа со години. Додека интересот за криптовалутите слабееше како што паѓаше нивната вредност, директорите и стратегиските планери во рамките на индустријата работеа тивко. Тоа не го вклучуваше развојот на долго ветуваната клучна апликација, која конечно ќе ја докаже практичната цел на блокчејн-технологиите. Наместо тоа, тие ги поставија темелите за кампања за политичко влијание каква што досега не била видена. Повеќе од 130 милиони долари беа потрошени за политички кампањи во изборниот циклус во 2024 година, заедно со интензивна пиар-кампања дизајнирана да ги убеди кандидатите дека не можат да си дозволат да ги отуѓат гласачите наклонети кон крипто на кои, пак, само тоа прашање им е важно – тоа се групи на гласачи што стратегиските планери главно ги измислија.
Промоторите на криптовалутите исто така дополнително ширеа приказни дека федералните агенции започнале општа војна против криптовалутите и дека организирале неофицијални кампањи за да ги казнат иновативните стартапи што не направиле ништо лошо. Тоа му звучи познато на секој што ги слушнал Трамп и неговите поддржувачи како зборуваат за регулирање на технолошката индустрија, иако тоа нема никаква врска со реалноста, а реалноста е дека криптоиндустријата постојано ги игнорира постојните регулативи додека тврди дека властите треба да донесат поповолни закони.
„Криптоиндустријата е изградена врз основа на непочитување на прописите“, вели Хилари Ален, професорка по право на Американскиот универзитет и авторка на книгата за новите технологии во светот на финансиите, „Финансии без возач“ (Driverless Finance).
Недостигот од регулатива доведе до спектакуларни измами, кои сепак имаа релативно ограничени последици. Финансиските кризи прераснуваат во катастрофи од огромни размери дури откако колапсот на еден сектор ќе почне да предизвикува сериозна штета на сè друго. (На пример, не мораше да имате голема хипотека на куќа што одеднаш падна во вредност за да ги почувствувате ефектите од финансискиот крах во 2008 година.) Светлата точка во падот на криптовалутите во 2022 година, кој збриша безброј мали инвеститори, како и многу големи криптофирми, беше тоа што луѓето што не подлегнаа на еуфоријата беа поштедени од големи финансиски загуби. Сепак, безбедносната бариера што ги раздвојува нестабилните и склони кон измами пазари на криптовалути од традиционалните финансиски пазари може да не издржи до крајот на мандатот на Трамп и да не успее да нѐ заштити во случај на нов пад на пазарот на криптовалути.
Заговорниците на индустријата како Пол Аткинс, кандидатот на Трамп за претседател на американската Комисија за хартии од вредност (SEC), имаат намера да ги преземат водечките федерални агенции, што значи дека веројатно ќе се престане со и онака недоволната примена на регулативата, која досега ја имаше колку-толку.
Наместо тоа, новата администрација ја објави својата намера да ги ограничи или елиминира агенциите и регулативите што ги штитат потрошувачите и ја зачувуваат довербата во компаниите и пазарите. Тоа може да доведе до поголема поврзаност на криптоиндустријата со сè друго. „Најголемата иронија е што криптоиндустријата се обидува да се интегрира во финансискиот систем на начин што ќе има поддршка токму од централните банки против кои всушност и беше осмислена“, вели Ален.
Регулативите, и покрај протестите во криптосветот, ги обесхрабрија водечките банки да се вклучат премногу во криптовалутите, заштитувајќи ги од крахот што следуваше. Колку е важна оваа бариера се покажа во март 2023 година, кога пропаднаа две банки што беа силно поврзани со пазарот на криптовалути. Во тоа време последиците врз повеќето пензиски фондови беа минимални, делумно затоа што регулаторните насоки ги спречија менаџерите што управуваат со средствата во име на своите клиенти да нудат вложувања во криптовалути во рамките на американските пензиски планови, 401 (к), затоа што криптосредствата всушност не беа достапни на традиционален начин, преку брокерски фирми.
Некои од заштитните мерки веќе го изгубија своето значење бидејќи КХВ, и покрај нејзината репутација како непријател на криптоиндустријата, одобри финансиски производи со кои се тргува на берза, а поврзани со биткоин и етер, што им олесни на традиционалните инвеститори и фондови да учествуваат во тоа. Сега веќе има администратори на пензиските сметки, вклучувајќи ги и оние што управуваат со плановите 401(k) понудени од работодавците, кои нудат инвестиции во криптовалути.
Индустријата напорно работи на отстранување на ограничувањата што ги спречуваат банките, од кои се бара да ги следат регулаторните правила, да се вклучат во светот на криптовалутите. Криптоиндустријата лобира за укинување на насоките на КХВ за сметководствени практики за криптовалути (SAB 121), што бара од банките да ги обелоденат криптосредствата што ги чуваат во име на клиентите и да имаат доволно средства за обезбедување на овие инвестиции. Индустријата ги осуди овие насоки, велејќи дека тие практично ќе им оневозможат на банките да поседуваат криптовалути. Претставници на индустријата ги убедија членовите на Конгресот да донесат закон во февруари 2024 година што не само што ќе ги поништи упатствата на регулаторите туку и ќе спречи воведување слични заштитни мерки во иднина. Обидот да се поништат насоките помина во Конгресот, но сега веќе поранешниот американски претседател Џо Бајден на крајот стави вето. Бајден изрази загриженост дека овој закон може да ја загрози благосостојбата на клиентите и инвеститорите и да ја попречи КХВ во нејзината работа.
Малку е веројатно дека Трамп ќе искористи такво вето за да ја запре одлуката на Конгресот да ја ограничи моќта на КХВ, имајќи предвид дека сѐ повеќе членови на законодавното тело ги поддржуваат криптовалутите. Може да се очекува Конгресот повторно да се обиде да ѝ ги одземе регулаторните овластувања на Комисијата за тргување со фјучерси на стоки (CFTC), многу помало регулаторно тело со ограничено финансирање и значително помало искуство што ги надгледува пазарите што се составени претежно од мали инвеститори. Оваа промена, како и фактот дека на чело на CFTC најверојатно ќе биде назначено лице наклонето кон криптовалутите, ќе ја згасне секоја надеж за воспоставување целисходен надзор над криптоиндустријата.
Администрацијата што дојде сега на власт, најверојатно, ќе цели и на Бирото за заштита на потрошувачите во финансискиот сектор (CFPB), кое беше формирано по кризата во 2008 година за да се спречи предаторското однесување во финансиската индустрија. Коосновачот на фондот за ризичен капитал и од неодамна голем политички донатор, Марк Андреесен, остро ја критикуваше CFPB, погрешно тврдејќи дека токму тоа тело стои зад кампањата против криптовалутите и фирмите што користат технологии во финансиските услуги, а со цел незаслужено да се ускратат банкарските услуги. (Патем, директорот на CFPB, Рохит Чопра, ги осуди сомнителните практики во компанијата „Синапс“ (Synapse), во која инвестираше фирмата на Андреесен, ‘Андреесен Хоровиц’ (Andreessen Horowitz)).
(Depositphotos)
Кога „Синапс“ поднесе барање за банкрот во април 2024 година, десетици илјади луѓе не можеа да пристапат до нивните пари. По изборите, Илон Маск рече дека владата треба да ја „збрише CFPB“. Ако тоа се случи, тоа може драстично да ја ограничи, дури и да ја спречи, способноста на властите да обезбедат правичност за потрошувачите во финансискиот сектор, вклучувајќи ги областите за кои властите веќе изразија загриженост, како што се дигиталните платежни системи и видеоигрите што користат криптовалути.
Лобирањето на индустријата неверојатно потсетува на она што го правеше поранешниот извршен директор на ФТХ“(FTX), Сем Бенкмен-Фрид, кој одлежува казна во федерален затвор. Пред да пропадне неговата компанија и да излезе на виделина големата измама, Бенкмен-Фрид се дружеше со членовите на Конгресот за да им претстави законска иницијатива што, како што тврдеше, ќе ги пополни празнините во правната рамка и ќе ѝ овозможи на криптоиндустријата да цвета. Тој официјално потроши околу 40 милиони долари за финансирање на кампањата. Подоцна се покажа дека тој потрошил близу сто милиони долари, пренасочувајќи пари преку нелегални канали и лажни донатори.
Иако Бенкмен-Фрид и другите во светот на криптовалутите тврдеа дека неговиот предлог ќе биде од корист и за индустријата и за потрошувачите, критичарите сметаа дека тој сето тоа го прави за лична корист, односно дека се обидува да ги поткупи законодавците исклучиво за да ги унапреди деловните интереси на ФТХ. Всушност, тие предлози би го намалиле регулаторниот надзор над криптофирмите, а во некои случаи би ја оставиле индустријата да се регулира самата себеси или да ги следи самонаметнатите стандарди. Никакви самонаметнати правила не го спречија Бенкмен-Фрид да прокоцка милијарди долари на своите клиенти, оставајќи милиони луѓе без пристап до нивните пари повеќе од две години.
Криптоиндустријата објави дека е подготвена да влезе во главните текови и да стане дел од системот, но малку е направено за да се спречат измамите што и понатаму се распространети во секторот. Членовите на Конгресот што ветија дека ќе спречат повторување на случајот ФТХ не донесоа ниту еден закон за таа цел. Некои од нив се зближија со индустријата и се договорија да дејствуваат против воведувањето заштитни мерки. Извршните директори на криптокомпаниите, иако ги осудија настаните од 2022 година и изразија жалење за штетата нанесена на нивниот углед, се спротивставија на секоја идеја за донесување закон што подобро ќе ги заштити потрошувачите.
Влогот никогаш не бил поголем, бидејќи сѐ повеќе институции го насочуваат своето внимание кон криптовалутите, додека малите инвеститори сѐ повеќе се во искушение поради порастот на вредностите на криптовалутите да инвестираат во нив со надеж дека ќе заработат огромен профит. Цените би можеле да продолжат да растат, поттикнати од ентузијазмот околу доаѓањето на истомисленици на клучните позиции. Сепак, обемната кампања за влијание врз јавното мислење не смени ништо кога станува збор за суштинските проблеми или за прашањето на широкораспространетите измами со кои се соочува индустријата. Нов неуспех може да погоди уште повеќе луѓе и да ги загрози пензиските фондови и заштедите, па дури и поширокиот банкарски систем и економија.
Постои можност, ако се случи тоа, криптовалутите да бидат толку меѓусебно поврзани со остатокот од финансискиот свет, што колапсот на некогаш периферните шпекулативни дигитални средства ќе мора да се спречи по секоја цена. Дали владата на крајот ќе мора да прибегне кон спасувачки пакети, платени од даночните обврзници што можеби немаат никаква изложеност на криптовалути, за да ги ублажи последиците од некаква ендемична појава на измами и ризични потфати во индустријата? Се чини дека жестоките поддржувачи на криптовалутите што пристигнуваат во Вашингтон се на чекор од остварување на нивната цел да го преземат финансискиот систем. Кога ќе дојде тој момент, тие може да бидат премногу силни за да кикснат.