Њујорк и Сингапур заедно станаа најскапи градови за живеење, според најновото светско истражување. Трошоците за живот во 172 најголеми града во светот пораснаа во просек за 8,1 отсто во текот на минатата година, поттикнати од војната во Украина и застојот во синџирот на испорака, се забележува во извештајот од „Економист интелиџенс јунит“ (Economist Intelligence Unit Worldwide Cost of Living).
Тел Авив, кој минатата година беше на врвот на оваа листа, падна на третото место, додека Хонгконг и Лос Анџелес ги заокружуваат првите пет најскапи места за живеење.
Азиските градови, кои се склони да го избегнат вртоглавиот раст на цените, што беше случај на други места, имаат просечно зголемување на трошоците за живот од 4,5 отсто, иако резултатите на поединечните земји варираат поради владините политики и движењето на валутите.
Токио и Осака паднаа на 24-то, односно на 33-то место, главно бидејќи каматните стапки таму останаа ниски. Сирискиот главен град Дамаск и либискиот Триполи се најевтини во светот за живеење од анализираните 172 града. Сиднеј се искачи во првите десет, бидејќи силниот извоз го зајакна австралискиот долар. Сан Франциско скокна на осмото место, од 24-то минатата година. Шесте најскапи кинески града се искачија погоре на листата, а Шангај влезе меѓу 20-те најскапи.
Упасана Дат, раководителка за трошоците на живот во светот во „Економист интелиџенс јунит“, рече дека војната во Украина, западните санкции кон Русија и кинеската политика на нулта ковид, предизвикаа проблеми во синџирот на испорака, што во комбинација со растечките камати и промените на тековите резултира со криза на трошоците на живот во целиот свет.
„Влијанието може да го видиме во годинешниот индекс, каде што просечниот раст на цените во 172 града во нашето истражување е најсилен во последните 20 години откако ги имаме дигиталните податоци“, вели Дат.
Истражувањето, кое е спроведено во август и септември оваа година, споредува повеќе од 400 поединечни цени на над 200 производи и услуги во 172 града во светот.