Град Скопје попладнево соопшти дека денеска е раскинат договорот со здружението на приватни превозници „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврските што произлегуваат од договорот.
„Во случајов, станува збор за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал, 'Слобода превоз' повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска, со што поради непочитување на договорот, тој е раскинат“, информираат од Град Скопје.
Оттаму ги повикуваат сите приватни превозници да се пријават на јавниот повик што ќе биде објавен во текот на следната недела.
„Сметаме дека овој модел, склучување директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници, ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно решавање на потенцијалните проблеми“, додаваат од Град Скопје.
Тие информираат дека градскиот јавен превоз функционира непрекинато, а, како што велат, ЈСП-Скопје во моментот има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани.
„Апелираме до 'Слобода превоз' да ја ревидира одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигне решавање на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува. Скопјани не се должни да бидат колатерална штета поради нерационалните барања“, порачаа од градските власти.
Приватните превозници повеќе од една недела не се дел од јавниот автобуски превоз во Скопје и бараат исплата на заостанатите долгови од Град Скопје. Од друга страна, градските власти ги отфрлаат наводите дека им должат пари.
„Слобода превоз“ и „Макекспрес“ за утре најавија дека ќе го блокираат булеварот Илинден, на потегот од зградата на Владата до крстосницата кај спортскиот центар „Борис Трајковски“. Протестот ќе почне од 6 часот, а со околу 200 автобуси ќе биде блокирана само десната лента на булеварот. Доколку и по оваа блокада градоначалничката Данела Арсовска не ги повика на средба за да се најде решение, се заканија дека в понеделник ќе блокираат три клучни крстосници во градот.