Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потврди дека утрово имало дојави за поставени експлозивни направи во девет училишта и во Нaродната банка, според истиот модус што е дел од т.н. хибридна војна, која, како што кажа, се води не само кај нас.
„Ова е класичен пример на хибридни закани. За среќа, тоа се напади што доаѓаат по електронски пат, односно дојави, па, така, безбедноста апсолутно не се нарушува, особено ако се земе предвид дека Народната банка е 24 часа обезбедена“, изјави Спасовски, откако денеска беше објавено дека околу 10.10 часот на електронска адреса на централната банка била упатена закана за поставена експлозивна направа.
Тој е дециден дека со помош на стратегиските партнери се преземаат максимални мерки, за, како што посочи, да се обезбеди доказ за каков било аспект.
„Загриженоста е голема, меѓутоа и целта на ваквите хибридни напади е токму тоа. Да се воспостави немир кај граѓаните, да има несигурност, да се влијае на институциите, да се трошат безбедносните служби во државата. Ефикасно се работи од страна на полицијата и сите служби што се вклучени во тој дел. Имаме брзи проверки и напатствија веќе не само во училиштата туку и во другите институции како се постапува во таков случај“, појасни Спасовски.
Напоменувајќи дека веќе во многу земји се променети протоколите во кои степенот на реалноста на заканата се утврдува пред да се преземат мерки, министерот Спасовски информира дека веќе е разговарано со Националниот комитет за борба против тероризам и насилен екстремизам и очекува да се преземат активности со кои ќе се сменат протоколите.
„Но сега се такви протоколите и ќе мора да се почитуваат. Треба сите да бидеме апсолутно претпазливи, особено менаџерите на институциите во делот на обезбедувањето, но проверките мора да се реализираат“, порача Спасовски.