Американските конгресмени планираат да го забранат „Тикток“ (TikTok) на мобилните телефони на официјални лица бидејќи ја загрозува националната безбедност, додека многу сојузни држави веќе го сторија тоа, ставајќи ја социјалната мрежа во чувствителна позиција во САД каде нејзината употреба сè повеќе се доведува во прашање.
По Сенатот минатата недела, Претставничкиот дом може уште оваа недела да усвои текст со кој се забранува преземањето и користењето на „Тикток“ на службените уреди на вработените на сојузно ниво, додека речиси 20 американски држави веќе донесоа слични мерки за своите вработени.
„Тоа не е прашање за демократите или републиканците, тука се работи за националната безбедност“, изјави за АФП Рајан Мекдугл, сенатор од Вирџинија.
Прочитај повеќе
На „Тикток“ од Македонија 110.000 корисници: Забава, зараза и смрт?
Само во последните 18 месеци животот го загубиле 20 деца помали од 14 години, најмалото имало само пет години
13.12.2022
Производителите доаѓаат по младите генерации на Тикток
Со само едно видео на Тикток, продажбата на шери-домати за една недела пораснала за 29 отсто.
20.11.2022
„Главниот проблем е што 'Тикток' е во сопственост на 'Бајтденс' (ByteDance), која и самата е под контрола на Кинеската комунистичка партија“, изјави во неделата за Си-ен-ен републиканецот, Мајк Галагер.
За ова прашање, кое долго време беше црвен аларм само за републиканците, се постигнува сè поширок консензус, па претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, во петокот изјави дека е за тоа текстот да се гласа веќе оваа недела.
Во друг предлог-закон поднесен минатата недела од претставници на двете партии, кратко и јасно се бара забрана на „Тикток“ во САД, што Доналд Трамп неуспешно се обиде да го направи при крајот на неговиот мандат во 2020 година.
„Тикток“ презеде неколку мерки за да ги убеди американските власти дека податоците на американските корисници на платформата се заштитени, особено преку складирање на сервери во САД, иако призна дека неговите вработени во Кина имаат пристап до овие податоци, кој е многу ограничен.
„Кинеската комунистичка партија не бара од нас да ги споделиме овие податоци“, редовно посочуваат од „Тикток“ и нагласуваат дека на партијата не ѝ пренесуваат информации за американските корисници и оти нема да го сторат тоа дури и доколку им биде побарано.