Сакавте да купите тесла, но во меѓувреме Илон Маск го купи „Твитер“, се навреди од тролови, флертуваше со „Кјуанон“ (QAnon) и почна да забранува новинари. Сега веќе не сте толку сигурни?
Не сте сами во ова: Однесувањето на милијардерот натера некои луѓе јавно да се изјаснат (на „Твитер“, се разбира) дека никогаш нема да купат некое од неговите електрични возила. И анкетата која Маск ја организираше за корисниците на „Твитер“ покажа дека повеќето би сакале тој да се повлече од функцијата извршен директор на социјалната мрежа.
„Тесла“ е сè уште водечки производител на електрични возила во светот, но кинескиот BYD фаќа чекор. Компанијата стекна предност со раниот почеток во индустријата, при што во 2012 година од нула го разви првиот автомобил, Model S, што го привлече вниманието на јавноста и ги поттикна размислувањата за иднината на електричните возила со елегантен изглед, жестоки перформанси и врвна изведба.
Но, неодамнешниот силен настап од повеќе етаблирани брендови, како и дебитантските обиди од други стартапи, заземаат поголем дел од растечкиот пазар за електрични возила.
Фирмата за истражување на пазарот, „Хандред екс“ (HundredX), во последните месеци забележува пад на лојалноста кај сопствениците на тесла автомобили, кои се познати по нивната посветеност кон лидерот на компанијата и неговиот бренд.
Сепак, вие сте љубопитни за електричните возила и размислувате да се префрлите на струја... Можеби го почитувате Маск, но ве интересира што друго има на пазарот. Или можеби имате неодреден став за Маск - но не сакате тесли и се надевате дека ќе најдете нешто што повеќе одговара на вашите потреби.
Во овој текст правиме преглед на секој модел во линијата на „Тесла“ и кои возила би можеле да бидат соодветни алтернативи.
Наместо: Model 3
Ова е седанот од почетно ниво. Моделот со двоен мотор со долг опсег започнува од 57.990 долари, со опсег од 358 милји, но во моментот не е достапен за нарачка. Model 3 со погон на задните тркала започнува од 46.990 долари, има опсег кој се проценува на 272 милји и од 0 до 60 достигнува за 5,8 секунди. Помоќниот перформанс модел со двоен мотор има значително поголем опсег од 315 милји, од 0 до 60 забрзува за 3,1 секунди и започнува од 62.990 долари.
Алтернатви: BMW i4, Polestar 2 или Kia EV6
Влезот на BMW во сегментот на луксузни електрични возила дојде со неверојатниот i4. Нашето внимание го привлече неговото прецизно управување, суспензијата и моќните мотори, како и висококвалитетниот ентериер по кој е познат германскиот производител. Моделот со погон на задните тркала, i4 eDrive40, има опсег од 300 милји и почетна цена од 55.900 долари. i4 M50 од 0-60 забрзува за 3,7 секунди, има опсег од 245 милји и започнува од 67.300 долари. „Невозможно е за неколку години да се ископира германското производство со традиција подолга од еден век; компактноста и финишот на внатрешните кабини во електричните возила од Audi, Porsche, а сега и BMW е еден од аргументите што го докажува тоа“, се вели во нашата рецензија за i4.
Во меѓувреме, изгледот и квалитетот на конструкцијата на Polestar 2 се подобри од оние кај теслата со слични перформанси и опсег од 270 милји. Моделот со двоен мотор има почетна цена од 53.300 долари. Кросоверот Kia EV6, со почетна цена од 48.500 долари, има опсег од 310 милји со околу двојно повеќе багажен простор од седанот на „Тесла“.
Наместо: Model Y
Иако не изгледа како караван, Model Y ја игра таа улога во возниот парк. Личи на смален модел X, но сепак има многу повеќе багажен простор од седаните или може да се конфигурира да собере седум седишта. Model Y Long Range започнува од 65.990 долари, има опсег од 330 милји и забрзување 0-60 за 4,8 секунди.
Алтернативи: Audi Q4 e-tron или BMW iX
Почнувајќи од 49.800 долари, Audi Q4 e-Tron Premium има автономија од 265 милји и забрзување од 0 до 60 милји за 5,8 секунди. Внатрешноста и квалитетот на изработката се на исто ниво со BMW и се супериорни во однос на „Тесла“. Во меѓувреме, BMW iX започнува од 83.200 долари, има автономија од повеќе од 300 милји и забрзување од 0 до 62 за 4,6 секунди. Во нашата рецензија беше оценет како непривлечен и малку здодевен за возење, но се нагласува дека го нуди високиот квалитет што се очекува од BMW.
Наместо: Model X
Најблиското нешто што „Тесла“ го има до теренец е моделот X, со почетна цена од 120.990 долари, опсег од 333 милји и забрзување од 0 до 60 за 2,5 секунди.
Алтернативи: Porsche Taycan Cross Turismo
Ова порше навистина вози како порше. Неговото забрзување е глатко и беспрекорно, а возбудливи перформанси има при секоја брзина. Опсегот е само околу 235 милји, со почетна цена од 97.700 долари, но има одлична моќност надвор од асфалтот.
Наместо: Model S
Овој луксузен седан од „Тесла“ е брз, особено ако го купите моделот со дополнително засилување на моќноста кој достигнува 60 милји на час за помалку од 3 секунди. Моделот со двоен мотор започнува од 104.990 долари, со автономија од 405 милји и забрзување од 0-60 за 3,1 секунди.
Алтернатви: Mercedes EQS или Audi e-tron GT
За 104.400 долари, ќе го добиете технолошки најнапредниот автомобил што Mercedes-Benz некогаш го понудил за пошироката јавност. EQS одлично се справува со остри кривини и има неверојатен опсег од 485 милји. Има и луксузни погодности како Burmester 3D сараунд звук. Пространата, убава внатрешност, HEPA филтрите за воздух и предните седишта кои брзо се загреваат и имаат опција за масажа создаваат чувство како внатрешноста на автомобилот да е луксузна бања.