Германија има нови правила за увоз, погодуваат и фирми од земјава
Германските компании во земјава први ќе ги имплементираат строгите ЕСГ-стандарди (од англиски ESG - enviromental, social and governance), кои сe однесуваат на почитување на добрите корпоративни практики, човековите права и заштитата на животната средина.
Во моментов законот важи само за големи компании што вработуваат над 3.000 лица. Во Македонија има само две такви: „Дрекселмаер“ од Кавадарци и „Кромберг и Шуберт“ од зоната Жабени кај Битола. Но од 1 јануари 2024 правилата ќе важат за сите германски компании, нивните фирми во други земји, нивните доставувачи... што вработуваат над 1.000 лица. Повеќе за ова читајте во анализата на „Блумберг Адрија“.
Минималната плата во земјава отсега е 20.175 денари
Минималната плата што досега изнесуваше 18.000 денари од овој месец ќе биде повисока за 2.175 денари и ќе изнесува 20.175 денари. Во согласност со новата методологија, минималната плата се усогласува со 50 отсто од трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.
Владата, бизнис-секторот и синдикалците заеднички го усвоија износот според направените пресметки и апелираат до компаниите, соодветно на растот на минималецот, да ги покачат и другите плати на работниците.
Актуелности во врска со СВБ
Колапсот на единствената комерцијална банка фокусирана на Силициумската Долина, „Силикон валеј банк“ (SVB / СВБ), и стартапите предизвика превирања и во технолошката и во финансиската индустрија.
Стравувајќи дека ситуацијата може да ја потресе индустријата, американската централна банка (ФЕД), Министерството за финансии и Федералната агенција за осигурување депозити дејствуваа брзо во текот на викендот за да ги заштитат депозитите на клиентите и да ја зајакнат довербата во банкарскиот систем. Деталите за ова читајте ги на овој линк.
Главниот извршен директор на СВБ, Грег Бекер, продал акции на компанијата во вредност од 3,6 милиони долари, нешто помалку од две недели пред банката да ги обелодени големите загуби што доведоа до нејзин колапс.
Во меѓувреме „падна“ и првата тужба против СВБ за измама на акционери поради колапсот. Банката е обвинета за лошо управување со настаните што доведоа до нејзин колапс. Главниот извршен директор на СВБ, Грег Бекер, како и главниот финансиски директор Даниел Бек, се именувани како обвинети во тужбата.
На берзите...
Шокот од пропаѓањето на банката од Силициумската Долина, СВБ, ги бранува берзите низ светот и не се одразува само на акциите и берзанските индекси, туку ги погодува и суровините, односно сите сегменти од тргувањето.
Индексот S&P 500 вчера падна за 0,2 отсто, додека технолошкиот индекс Nasdaq 100, пак, порасна за 0,8 проценти. Но утринава во рамките на азиското тргување владее црвенило на берзите, со пад на индексите меѓу еден и 2,5 проценти.
На нафтениот пазар, по вчерашниот пад од 2,5 проценти, ВТИ утрово го продолжи тргувањето со негатива од 1,2 отсто и сега барел чини 73,91 долари. Нафтата брент, пак, бележи пад од 1,1 отсто и барелот се тргува за 79,85 долари.
Доларот зајакна во однос на еврото и сега овие две валути се тргуваат по курс од 1,0699 долари за евро.
Откако во претходните три сесии златото ја покачи својата вредност за повеќе од пет проценти, утрово и овој благороден метал е во негативната зона со пад од 0,6 отсто. Со тоа, унцата сега вреди 1.901,80 долари.
Единствена светла точка е криптопазарот, каде што биткоинот порасна за еден отсто и се тргува за 24.487,47 долари, а етерот е во плус за 0,6 проценти и чини 1.681,45 долар.
Денеска читајте...
Повеќе од 190 компании низ светот што добиле заеми од пропаднатата „Силикон валеј банк“ (Silicon Valley Bank) - СВБ (SVB) би можеле да бидат во потрага по нови кредитори.
Во нашата анализа пишуваме за тоа дали и колку македонските, но и европските компании и банки може да бидат погодени од колапсот на оваа банка.