ОК ги олеснува правилата за имиграција на градежните работници
Поради недостиг од работници, Обединетото Кралство ќе ги олабави правилата за имиграција во обид да привлече повеќе странски градежни работници и да го реши недостигот од работна сила во индустријата.
Особено се барани професиите ѕидари, столари, гипсари, малтерџии и мајстори за покриви. Освен овие, на листата дефицитарни занимања веќе се здравствените работници, негувателите, градежните инженери, ветеринарите и архитектите.
Тикток се забранува на службени уреди: Светот стравува, а Тикток уверува во безбедноста на податоците
Додека САД, Канада, Обединетото Кралство и некои европски земји и институции на ЕУ, како Европската комисија, ја забрануваат апликацијата Тикток на сите службени уреди поради загриженост од можна злоупотреба на личните податоци и излевање службени податоци и информации, Македонија нема ниту конкретен закон за приватност. Експертите апелираат на поголема грижа околу заштитата на податоците и од страна на компаниите што нудат услуги во интернет-сферата, но и од страна на властите што треба да обезбедат поцврста регулатива. Секако, апелот се однесува и на самите корисници на услугите, кои како поединци мора да внимаваат на сопствената изложеност во интернет-просторот.
„При користењето на услугите од наведената социјална платформа постои можност да се случи злоупотреба на личните податоци, имајќи предвид дека свесно или несвесно граѓаните објавуваат голем број лични податоци за себе и за другите лица (на пример фотографии, видеоснимки, локација итн.). Ризик секогаш постои и е присутен при користење на сите социјални платформи“, вели Имер Алиу, директор на Агенцијата за заштита на лични податоци, во разговор за „Блумберг Адрија“.
Официјално, најмногу злоупотреби во Македонија се пријавени на Фејсбук и Инстаграм. Алиу вели дека и министерствата како предлагачи на закони не ја почитуваат доследно обврската за доставување до Агенцијата материјали, предлог-закони, подзаконски акти и други прописи што се на каков било начин поврзани со заштитата на личните податоци.
Во меѓувреме, Тикток најави дека размислува да се одвои од матичната кинеска компанија, доколку тоа претставува пречка да ја докаже својата висока посветеност на заштита и безбедност на податоците на корисниците. Имено, новите геополитички превирања се исто так една од можните причини за избивањето на скандалот кон крајот на минатата година, кога се обелодени дека голем број вработени во Тикток имале пристап до податоците на корисниците.
Ликвидноста на пазарот на обврзници се топи поради СВБ
Ликвидноста на најголемиот пазар на обврзници во светот падна и, се чини, најголем проблем е кризата предизвикана од колапсот на банката „Силикон валеј“ (СВБ), која би можела да ги доведе Федералните резерви (ФЕД) во тешка позиција.
Падот на ликвидноста укажува и на фактот дека следните одлуки на ФЕД веќе не може толку лесно да се предвидат. Причина за тоа е колапсот на три американски банки, што ги покажа негативните ефекти од повисоките трошоци за задолжување на банките.
На берзите...
Додека европските и американските фјучерси растат, акциите во Азија утрово се во пад. Европскиот индекс во денешното тргување е во позитива од дури 2,2 отсто, додека американскиот технолошки индекс Nasdaq 100 порасна за 0,4 отсто. Индексот S&P 500 е во негатива од 0,7 отсто, а сличен е резултатот и за шангајскиот индекс. Јапонските и хонгконшките акции во просек паднаа за 1,3 отсто, односно за 1,5 отсто.
Цената на нафтата се зголемува и ВТИ за испорака во април порасна за 0,7 проценти, на 68,11 долари, а вредноста на нафтата брент, пак, за испорака во мај, се покачи за 0,8 отсто, со што сега барел се тргува по цена од 74,27 долари.
Вредноста на доларот малку падна во однос на европската валута и сега евро се тргува за 1,0612 долар.
Цената на златото исто така е во мала негатива. Унца чини 1.915,91 долари, што е за 0,1 отсто пониско од вчера.
На криптопазарот најголемиот токен, биткоинот, порасна за 0,3 проценти и сега неговата вредност е 24.459,61 долари, додека етерот падна за 0,2 отсто, на 1.650,55 долари.
Денеска читајте...
Каматите растат, кредитирањето се намалува, банките стануваат сè попретпазливи, а клиентите воздржани. Ова е сублимат на движењата на банкарскиот сектор во земјава по последните потези и на европската и на домашната централна банка за затегнување на монетарната политика. Но циклусот на покачување на каматите не е завршен. Читајте ја нашата анализа на овој линк.
Со оглед на тоа дека на пазарот во Македонија се чини во моментов како да има своевидна тепачка за пари, во која главни актери се државата, банките и Народната банка, „Блумберг Адрија“ анализираше каде е најисплатливо да се вложат пари во услови на долготрајна висока инфлација, која ја донесе економијата на граница на рецесија.