Од возачите лани наплатени патарини од 53,2 милиони евра
На наплатните станици во државава лани е остварен промет во износ од 3,2 милијарди денари (53,2 милиони евра), информираат од Јавното претпријатие за државни патишта. Ланските приходи се за 6,6 милиони евра повеќе во однос на тие во 2021 година, кога изнесуваа 46,4 милиони евра.
Најчест начин на плаќање патарина сè уште е со готовина, со нешто над 55 проценти од плаќањата, електронската наплата учествува со околу над 30 проценти, а на безготовинско плаќање, со користење платежни картички, отпаѓа околу 15 проценти од плаќањето.
„Хјундаи“ и „Киа“ повлекоа над 570.000 автомобили поради ризик од пожар
„Хјундаи мотор“ и „Киа корп.“ повлекоа повеќе од 570.000 автомобили од пазарот поради ризик од краток електричен спој што може да предизвика пожар. Возилата треба да се паркираат надвор и подалеку од домовите, дури и ако се исклучени, соопшти американската национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Агенцијата соопшти дека возачите треба да контактираат со својот локален застапник на „Хјундаи“ или „Киа“ за да закажат бесплатна поправка.
Најновото повлекување се однесува на моделите „хјундаи санта круз“ 2019-2023, „хјундаи санта фе“ 2021-2023, „санта фе хибрид“ 2022-2023, „санта фе плагин хибрид“ 2022-2023 и „киа карнивал“.
На берзите...
Фјучерсите на американските и европските акции се покачија, додека реперот на азиските акции флуктуираше во внимателно тргување, бидејќи инвеститорите ги одмеруваат ризикот од рецесија и неговото влијание врз каматните стапки.
Фјучерсите на индексот S&P 500 пораснаа за 0,5 проценти, додека тие на технолошкиот индекс Nasdaq 100 ја зголемија својата вредност за 0,4 отсто. Фјучерсите за европските акции пораснаа за еден процент. Во Азија сликата е мешана и поголемите берзански индекси се движат во опсег од негатива од 0,9 проценти до позитива од 0,1 отсто.
Откако минатата недела затворија речиси четири проценти повисоко, фјучерсите на ВТИ ги избришаа претходните добивки. Имено, утрово нафтата ВТА за испорака во мај се тргува по цена од 69,33 долари за барел. Слично реагираше и нафтата брент, чија цена за барел сега е 74,97 долари.
Вредноста на еврото сосема малку се промени во однос на американскиот долар и овие две валути сега се разменуваат по курс од 1,0767 долари за евро. Златото падна за 0,3 проценти, на ценовно ниво од 1.972,82 долари за унца.
На криптопазарот се шири мала позитивна атмосфера. Биткоинот порасна за 0,4 проценти, искачувајќи се на 27.929,43 долари, додека етерот ја зголеми својата вредност за 0,3 проценти и сега чини 1.766,35 долари.
Денеска читајте...
Почнува ли ценовна војна на пазарот на електрични автомобили, прашува германскиот автомобилски клуб АДАК (ADAC) откако „Тесла“ во два наврата годинава ги намали цените на своите возила, а овој чекор ќе го следи и „Фолксваген“. Анализиравме кои се причините за поевтинувањата на електричните автомобили.
Анализиравме и каква е состојбата во Македонија. Ако лани во земјава се возеле околу 150 електрични возила, очекувањата се дека до крајот на оваа година нивниот број ќе се зголеми најмалку двојно. Податоците од Царинската управа го докажуваат тој тренд. Лани во земјава влегле вкупно 52 електрични возила. Бројката е мала ако се спореди со вкупниот увоз на возила во земјава, но важен е трендот, кој е нагорен. Расте увозот и на хибридни возила, лани влегле 251 таков автомобил.
ББА-анализа: Чукни во дрво, мебелот носи профитабилност
„Пазарот за мебел покажа отпорност за време на пандемијата. Мебелот беше меѓу ретките трајни производи за широка потрошувачка што не забележаа пад на побарувачката во 2020 година. За наредниот период не гледаме простор за некое големо зголемување, туку стагнација или дури повремено намалување на продажните бројки и маржите на ЕБИТДА“, се вели во извештајот на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“, кој неделава се фокусираше на производителите на мебел и на трговците на мало во регионот.
За причините за ваквиот тренд и очекувањата за наредниот период читајте ја анализата на „Блумберг Адрија“.