ЕУ ѝ попушти на Германија во однос на е-горивата
По еден месец полемики, се чини дека Европската Унија (ЕУ) конечно се согласи за клучните правила што ќе бараат новите автомобили да бидат со нулта емисија по 2035 година, што ќе го означи крајот на ерата на автомобилите на фосилни горива.
Се очекува министрите за енергетика денеска да ги потпишат правилата со кои се намалуваат емисиите од автомобилскиот сектор, по договорот меѓу извршната власт на ЕУ и Германија околу одредбите што по 2035 година ќе дозволуваат возила што работат исклучиво на е-горива.
Договорот, објавен во саботата, беше доволен за Германија да се откаже од своето противење на предлогот. Италија сè уште се залага за планот да вклучи одредби за биогорива. Поради тоа, постапката беше одложена најмалку за две недели.
Се наѕира ценовна војна на пазарот на електрични автомобили
Почнува ли ценовна војна на пазарот на електрични автомобили, прашува германскиот автомобилски клуб АДАК откако „Тесла“ во два наврата годинава ги намали цените на своите возила, а овој чекор ќе го следи и „Фолксваген“. Анализиравме кои се причините за поевтинувањата на електричните автомобили.
Меѓу губитниците од ценовната борба на пазарот на електрични возила се најдоа и дилерите на автомобили и сопствениците на „тесла“, кои моментално ги продаваат своите користени возила. Цените на половните автомобили „тесла“ паѓаат пропорционално со намалувањето на цената на новите возила.
Анализиравме и каква е состојбата во Македонија. Ако лани во земјава се возеле околу 150 електрични возила, очекувањата се дека до крајот на оваа година нивниот број ќе се зголеми најмалку двојно. Податоците од Царинската управа го докажуваат тој тренд. Лани во земјава влегле вкупно 52 електрични возила. Бројката е мала ако се спореди со вкупниот увоз на возила во земјава, но важен е трендот, кој е нагорен. Расте увозот и на хибридни возила, лани влегле 251 таков автомобил.
Продавачите во земјава не очекуваат силни ценовни осцилации во текот на оваа година и покрај тоа што сите очекувања на глобалниот пазар одат во насока на ценовна стабилизација, па и корекција надолу. Според нив, исто како што ќе се зголемувале цените на моделите со мотор со внатрешно согорување, тоа ќе важело и за електричните. Но ќе има е-автомобили и со пониски цени, затоа што се очекува во наредниот период понудата да биде зголемена.
ББА-анализа: Чукни во дрво, мебелот носи профитабилност
„Пазарот за мебел покажа отпорност за време на пандемијата. Мебелот беше меѓу ретките трајни производи за широка потрошувачка што не забележаа пад на побарувачката во 2020 година. За наредниот период не гледаме простор за некое големо зголемување, туку стагнација или дури повремено намалување на продажните бројки и маржите на ЕБИТДА“, се вели во извештајот на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“, кој неделава се фокусираше на производителите на мебел и на трговците на мало во регионот.
Тие ги идентификуваат главните двигатели на растот, вклучувајќи го и проширувањето на секторите за недвижности и угостителство и зголемувањето на цените на мебелот. Исто така, нашиот тим ги наведува главните кочници за растот на секторот што се рефлектираат во силната конкуренција, прекините на синџирот на снабдување, структурните проблеми и влошувањето на расположението на потрошувачите.
На берзите...
Трговците претпазливо се насочуваат кон ризично држење, бидејќи нервозата поради банкарскиот сектор стивнува. Финансиските фирми и производителите на енергија го предводеа вчерашниот раст на Волстрит.
Индексот S&P 500 порасна за 0,2 отсто, но технолошкиот индекс Nasdaq 100 по вчерашниот раст од 0,2 отсто, утрово падна за 0,7 отсто. Во Азија денешната сесија на тргување е различна, па индексите се движат од благ пад до раст од еден отсто.
Нафтата вчера го доживеа најголемиот дневен раст од октомври, бидејќи прекинот во снабдувањето од Турција придонесе да се намали загриженоста за банкарската криза. Фјучерсите на ВТИ вчера скокнаа за повеќе од пет проценти. А утрово цената на ВТИ за испорака во мај е малку променета и барел се тргува за 72,76 долари, додека нафтата брент падна за 0,4 отсто, на 77,79 долари за барел.
Еврото ја зголеми својата вредност во однос на доларот за 0,1 отсто и сега нивниот курс е 1,0813 американски долари за евро. Златото се тргува стабилно.
На криптопазарот расположението на трговците е различно, во зависност од токените. Најголемата криптовалута, биткоинот, падна за 0,2 отсто, на 26.985,8 долари, додека етерот порасна за 0,5 проценти, на 1.716,35 долари.
Денеска читајте...
Годинава производството на пченица на глобално ниво ќе се намали споредено со ланските рекордни приноси, но сепак ќе остане високо. Според мартовската процена на Организацијата на обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО), производството на житарки вкупно, како и на пченица, ќе се намали за 1,3 отсто споредено со лани. За разлика од житарките, за маслото за јадење постои поголема неизвесност.
Иако важи за земјоделска земја, Македонија за многу производи е увозно зависна, а тоа особено дојде до израз лани, кога војната во Украина предизвика проблеми со снабдувањето со храна во светот. Интервентно увезувавме пченица, пченка и сончогледово масло за да ги пополниме празните полици во маркетите. Земјава најде спас во Србија.
И покрај сите тие случувања, властите уверуваат дека Македонија има доволно стоковни резерви за да се надмине каква било пречка во трговијата и дека сме имале дури и резервен план.