По еден месец полемики, се чини дека Европската Унија конечно се согласи за клучните правила што ќе бараат новите автомобили да бидат со нулта емисија по 2035 година, што ќе го означи крајот на ерата на автомобилите на фосилни горива.
Се очекува министрите за енергетика во вторник да потпишат правила со кои се намалуваат емисиите од автомобилскиот сектор, по договорот меѓу извршната власт на ЕУ и Германија околу одредбите што по 2035 година ќе дозволуваат возила што работат исклучиво на електрогорива (класа на синтетички горива што со употреба на електрична енергија се добиваат од обновливи извори, исто така познати како е-горива).
Откако министрите ќе го одобрат договорот, Европската комисија ќе ги претстави правилата според кои автомобилите со е-горивo ќе бидат дозволени на европските патишта, се вели во соопштение за печатот во кое „Блумберг“ имал увид.
Прочитај повеќе
ЕУ и Германија се договорија за емисиите на издувни гасови од автомобилите
Владата во Берлин се согласи да се откаже од своите приговори
25.03.2023
Германија и Франција во битка за иднината на автоиндустријата
Германија ја предводи групата земји кои поддржуваат мотори со внатрешно согорување.
18.03.2023
Зошто Германија ја задржува забраната на ЕУ за моторите со внатрешно согорување?
Андреас Клут од „Блумберг опинион“ ги образложува причините за потезите на Германија и можните последици.
17.03.2023
Шпанија контра Германија за европскиот договор за забрана на нееколошки возила
Договорот на ЕУ е од 2035 година постепено да се укинуваат новите автомобили со мотори со согорување.
08.03.2023
Доколку тој предлог биде одбиен од парламентот или земјите-членки, Комисијата посочи дека ќе продолжи со поинаков пристап кон е-горивата.
„ЕК е посветена на технолошки неутрална климатска регулатива, особено во однос на регулирањето на стандардите за емисија на CO₂ за автомобили и лесни камиони“, се вели во соопштението за печатот. „По консултациите со засегнатите страни, Комисијата исто така ќе предложи, во согласност со законските овластувања, делегиран акт во есента 2023 година, со кој ќе се утврди дека возилата што користат само е-гориво можат да придонесат за целта за намалување на CO₂“.
Договорот, објавен во саботата, беше доволен за Германија да се откаже од своето противење на предлогот. Италија сè уште се залага за планот да вклучи одредби за биогорива. Поради тоа, постапката беше одложена за најмалку две недели.
Електрогоривата, направени со користење обновлива енергија и јаглерод диоксид заробен од воздухот, не се сметаат за одржливо решение за повеќето автомобили, со оглед на нивната висока цена и моменталниот недостиг. Наместо тоа, најголемиот дел производители на автомобили во регионот се очекува да останат фокусирани на возилата на батерии.
„Ги гледаме е-горивата како корисен додаток на постојната флота на мотори со согорување и за специјални модели, како што се возила за итни случаи или ограничени серии, на пример ’порше 911’“, се вели во соопштението на „Фолксваген“ (Volkswagen). Најголемиот европски производител на автомобили порача дека останува посветен на електрификацијата на својата флота.