Како што се приближува Европската Унија (ЕУ) кон трговски договор со САД, нејзините преговарачи се фокусираат на заштита на клучните индустрии од огромните царини што треба да го погодат извозот на блокот веќе на 1 август.
Европската комисија, која се занимава со трговските прашања за ЕУ, се приближува кон прелиминарен договор што би ги ослободил комерцијалните авиони од некои царини. Тоа може да биде стимул за „Ербас“, информираат луѓе запознаени со ова прашање. Исто така, би се создале отстапки за некои - претежно германски - производители на автомобили, давајќи им олеснување на компании како што се БМВ и „Мерцедес-Бенц“.
Други производители на автомобили, како што е италијански „Ферари“, може да пропуштат какви било придобивки бидејќи отстапките може да се од помош само за компаниите со фабрики во САД, објави претходно „Блумберг“.
Прочитај повеќе

Трамп објави нови царински стапки, но останува отворен за преговори
Трамп објави писма до разни нации на социјалните мрежи во понеделникот, почнувајќи со неговата намера да воведе царини од 25 проценти за стоки од Јапонија и Јужна Кореја.
08.07.2025

Во светот на Трамп, авионите се клучни за политичко додворување
Претседателот слета во Саудиска Арабија со „ер форс уан“, авион стар речиси 40 години, за кој се потсмеваше дека итно му е потребна надградба.
14.05.2025
Тоа кои сектори се поштедени - се очекува и индустријата за алкохол да добие олеснување - зборува за политичката моќ на клучните земји членки, кои индустрии ги смета ЕУ за критични, како и областите во кои САД имаат личен интерес да ги заштитат сопствените производители. Во случајот со „Ербас“, има по малку од сето споменато.
„Ова е апсолутно пресвртница за европското производство на авиони“, рече во едно интервју Џон Стрикланд, аналитичар за авијација во „Џеј-ел-ес консалтинг“ (JLS Consulting). Царините што се пренесуваат на клиентите „потенцијално би влијаеле на значително намалување на побарувачката, а со тоа и на целиот финансиски успех на ‘Ербас’“, рече тој.
Bloomberg
Акциите на „Ербас“ пораснаа дури за 1,5 отсто во Париз. Акциите на БМВ се искачија за 1,8 отсто во Франкфурт, а на „Мерцедес“ само малку се променија. Акциите на производителите на автомобили „Порше“ и „Ферари“- компании на кои им недостига фабрика во САД - паднаа дури за 1,7 и 1 отсто, соодветно.
„Ербас“ е повеќе од само најголем светски производител на комерцијални авиони – компанијата ги склопува своите авиони преку комплицирана кореографија на делови и фабрики и стана симбол за индустриска соработка на континентот.
Главното седиште на „Ербас“ е во Тулуз во јужна Франција, каде што има таканаречени финални линии за склопување на своите различни производи, заедно со другиот главен објект во Хамбург. Но, со текот на годините, производителот на авиони го прошири своето глобално производствено присуство за да ги вклучи Тијанџин во Кина, Мобил во Алабама и Мирабел во Канада.
Тоа му даде на „Ербас“ моќна алатка за продажба на локално произведени авиони на клиенти во САД и Кина, двата најголеми пазари за авијација. „Боинг“, пак, ги произведува своите авиони само во САД, што не ѝ дава на компанијата можност да го приспособи своето глобално влијание на потенцијалните даноци на некои пазари.
Во преговорите, ЕУ стави приоритет на заштита на производителот на авиони. Шефот на индустријата на блокот, Стефан Сежурн, минатиот месец за „Блумберг“ изјави дека „Ербас“ не може да биде предмет на „нефер конкуренција“ од „Боинг“, чие седиште е во Арлингтон, Вирџинија, бидејќи европскиот производител на авиони се соочува со дополнителна царина од 10 проценти.
„Ако не направиме ребаланс, ќе оставиме некои водечки сектори незаштитени, па затоа постои економски интерес да се однесуваме вака“, рече тој.
Останува да се види какви царински ослободувања ќе ѝ одобрат САД на ЕУ за авиони, делови за авиони и алкохолни пијалаци додека разговорите продолжуваат неделава, рекоа лица што зборуваа под услов за анонимност.
На Парискиот воздушен саем минатиот месец, најголемиот годишен собир во индустријата, американскиот министер за транспорт Шон Дафи изјави дека го поддржува враќањето на условите од трговскиот договор од 1979 година, со кој се ослободува од царини прекуграничната трговија со авиони и делови од авиони.
Дафи призна дека воздухопловството генерирало трговски суфицит за САД поради повеќедеценискиот договор, велејќи им на новинарите на состанокот дека „воздухопловството треба да се тргне од преговарачката маса преку враќање во 1979 година, а тоа само ни помага да одземеме некои алатки од нашите трговски партнери каде што тоа би можело да ни биде од корист“.
Според процените на ЕУ, американските царини сега покриваат 380 милијарди евра (445 милијарди долари), или околу 70 проценти од нивниот извоз во САД. Како резултат на трговската војна, во својата последна прогноза во мај Европската комисија значително ја ревидираше надолу својата процена за раст за годинава, очекувајќи умерено зголемување од 1,1 отсто. За споредба, во ноември се проектираше стапка на раст од 1,5 проценти.
ЕУ има рок до 1 август да постигне прелиминарен трговски договор со кој би се обезбедила царинска стапка од 10 проценти за сите производи, додека преговарачите се обидуваат да постигнат траен договор. Неуспехот да се постигне договор до тој датум значи дека царините за речиси целиот извоз на ЕУ во САД ќе скокнат на 50 отсто.
Блокот исто така врши притисок врз САД за квоти и исклучоци за ефикасно намалување на царината од 25 проценти на Вашингтон за автомобили и делови за автомобили, како и царината од 50 отсто за челик и алуминиум, според изворите. Но, напредок во врска со овие давачки уште не е видлив.
Царините за автомобили додадоа трошоци и сложеност за европските производители, кои се потпираат на профитабилниот американски пазар за продажба на нивните поголеми и поскапи спортски возила. Ситуацијата е особено критична за германските фирми, кои се под притисок да го заштитат пазарниот удел во САД, бидејќи уште повеќе заостануваат во Кина, каде што локалните брендови предводени од БЈД преземаат голем дел од пазарниот удел.
„Порше“ и „Мерцедес“ неделава објавија пад на продажбата на автомобили поради пониските испораки во Северна Америка и Кина.
Bloomberg
Сепак, ЕУ и САД разговараат за таканаречен механизам за компензација што би им овозможил на европските компании што произведуваат автомобили во САД да извезуваат одреден број автомобили без царина, според изворите.
Тоа би им користело на компании како БМВ, „Мерцедес“ и брендот со исто име „Фолксваген“. „Порше“ и „Ферари“ немаат фабрики во САД и сите свои автомобили ги увезуваат од Европа.
„Ауди“ на „Фолксваген“ моментално размислува за започнување на производство во САД, а од компанијата во мај изјавија дека годинава ќе ја изберат локацијата. Неговиот најпродаван американски модел, теренецот Q5, се увезува од Мексико. Продажбата на моделот во вториот квартал се намали за 29 проценти. „Мерцедес“ од 2027 година ќе го префрла производството на својот теренец GLC - неговиот најпопуларен увоз во САД - во својата фабрика во Алабама.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатиот месец ја поддржа идејата за правило за компензација за да се обезбеди олеснување на царините за некои европски производители на автомобили. Но, преговорите оттогаш стануваат сè поитни.
„Сакаме договор со Американците“, им рече вчера германскиот министер за финансии Ларс Клингбеил на пратениците во Берлин. „Но договорот мора да биде фер - и ако не успееме да постигнеме фер договор со САД, тогаш ЕУ ќе мора да преземе контрамерки за да ја заштити нашата економија“.
— Текстот е напишан со помош од Кејт Дафи, Ентони Палацо, Камил Ковалце и Алберто Нардели.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...