Владата и натаму замрзнува цени, бизнисот бара активирање на стоковните резерви
Владата вчера донесе одлука со која ги замрзнува цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни и на хигиенските влошки. Максималните цени по кои ќе се продаваат треба да се за 13 проценти пониски од цените што се применувале на 20 март во трговијата на мало. Се најавува замрзнување на цените и на некои земјоделски производи.
Бизнисот се противи на ваквиот пристап.
„Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви, кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам“, изјави извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев.
Тој вели дека економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Според него, подобро е да се субвенционира делот од населението на кое навистина му е потребно тоа, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање електрична енергија, со механизми што го прават домашното производство поконкурентно.
Раскажуваме наши стартап-приказни
Стартап-сцената во Македонија станува сѐ повидлива, а претприемачите сѐ погласни. Инволвираните во македонскиот екосистем велат дека инвеститори има, креативци исто така, но недостига локална финансиска и едукативна поддршка.
Македонските стартапи сега се поквалитетни од претходно, стануваат профитабилни многу порано, ‘се раѓаат’ со интернационални амбиции за раст и подготвени се за собирање инвестиции надвор од земјата.
Од друга страна, додека во светот бизнис-ангелите се признаени како една од клучните алатки за поддршка на стартапите, нема да згрешиме ако кажеме дека во Македонија овој тип култура на инвестирање е во зародок, а не е дека ги нема. Затоа, има уште многу работа за вивнување на македонската стартап-сцена на нивото што го заслужува.
Пишувавме и за тоа каде е македонскиот стартап-екосистем во глобалното рангирање. ИКТ-секторот во Македонија е активен, со многу талентирани работници, од кои многумина работат од далечина за странски компании.
Македонија се најде на 69. место на листата од 100 земји рангирани во новиот извештај Глобален стартап-екосистем за 2022 година, што е пад за 11 места во однос на претходната година. Од земјите во регионот Адрија, подобри од нас се Хрватска (45. место), Словенија (47. место) и Србија (52. место), а полошо е рангирана само Босна и Херцеговина (95. место).
Визи за дигитални номади: Ние доцниме во трката за привлекување
Вистинска трка има меѓу земјите од Европа и регионот Адрија за привлекување таканаречени дигитални номади, но Македонија заостанува бидејќи недостига регулатива што ќе им овозможи полесни процедури за подолг привремен престој на странците што сакаат да работат од далечина во земјава. Имено, тие сега можат да се задржат во земјава само 90 дена.
Иако Министерството за внатрешни работи уште кон крајот на 2021 година подготви измени на Законот за странци со кои се предвидуваат олеснувања за дигиталните номади, тие сè уште не се влезени во собраниска процедура. Во законските измени се предвидува дека на странец дигитален номад ќе му се одобри привремен престој во земјава ако е резидент на држава-членка на ЕУ или на ОЕЦД, остварува месечен приход во износ од минимум 1.500 евра во последните шест месеци пред поднесување на барањето за привремен престој и да приложи доказ дека најмалку една година е во работен однос и е пријавен во задолжително социјално осигурување, а доколку работи за странски работодавец, да приложи и потврда од работодавецот.
На берзите...
Азиските акции паднаа, американските фјучерси флуктуираа, а договорите за Европа незначајно пораснаа во денешното утринско тргување. Имено, индексот S&P 500 порасна за 1,4 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 ја зголеми својата вредност за 1,9 отсто. Европските фјучерси пораснаа за 0,4 отсто. Азиските акции, пак, главно се во негатива и нивниот пад се движи од 0,2 до 0,9 отсто.
Нафтата го забележа својот прв пад во три сесии на тргување, бидејќи намалената побарувачка за дизел во САД го засени прекинот на испораките од Турција. Цената на ВТИ за испорака во мај падна за 0,3 проценти, на 72,76 долари за барел, а исто толку загуби и нафтата брент, така што таа сега се тргува за 78,04 долари за барел.
Вредноста на еврото е сосема малку променета во однос на доларот и курсот на овие две валути е 1,0841 долар за едно евро. Цената на златото падна за 0,2 процента, на 1.961,21 долар.
На криптопазарот сликата е мешана. Биткоинот порасна за 0,5 отсто, искачувајќи се на 28.548,5 долари, а етерот падна за 0,5 проценти, на 1.793,7 долари.
Денеска читајте...
Цената на златните прачки порасна по турбуленциите на финансиските пазари со пропаѓањето на банката „Силикон валеј“ во САД и проблемите на швајцарската банка „Кредит Суис“. Само за една недела, на почетокот на март, цената порасна за 6,5 отсто, што е најголем неделен раст по пандемијата во 2020 година. Читајте колку златото е сигурна инвестиција во несигурни времиња.