„Нетфликс“, „Гугл“, „Фејсбук“ ќе мора да плаќаат ДДВ во Македонија
„Нетфликс“ (Netflix), „Гугл (Google)“, „Мета“ (компанијата што стои зад Фејсбук и Инстаграм), „Епл“ (Apple) ќе плаќаат данок на додадена вредност (ДДВ) во земјава. Ова е предвидено во измените во Законот за ДДВ, кои се во собраниска процедура. Според текстот на Законот, данокот во име на овие компании ќе го плаќаат даночни застапници, и тоа од 1 јули годинава.
На пример, досега за да ги гледате омилените серии на „Нетфликс“ плаќавте електронски. Од тие пари компанијата што нуди услуга во земјава не ѝ плаќаше данок на државата. Слично е и со некоја апликација што сте ја симнале од „Плеј стор“ (Play store) и за тоа сте ѝ платиле на компанијата, но таа не ѝ платила данок на Македонија.
Ова треба да се смени од 1 јули годинава, до кога овие компании имаат обврска да изберат даночен застапник што во нивно име ќе плаќа данок кон македонската Управа за јавни приходи (УЈП).
Конкуренцијата ќе донесе пад на провизиите за безготовински плаќања
Индустријата за обработка на плаќања бележи големи промени, со зголемена побарувачка за безготовински плаќања од страна на клиентите, посочуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на „Блумберг Адрија инсајт“ (Bloomberg Adria Insight).
Дигитализираното опкружување донесе зголемување на конкуренцијата на традиционалните банки, и тоа не само од дигиталните стартап-банки туку и од небанкарските финансиски институции, финтек-секторот и големите технолошки гиганти.
„Во вакво конкурентно опкружување, очекувањата на клиентите се сменија - сега тие бараат поиновативни производи и подобра услуга“, велат аналитичарите. Целата анализа е на овој линк.
Пишувавме и за тоа дека растат апетитите на банките за освојување на регионот. Унгарската „ОТП банка“ ја презеде словенечката „Нова кредитна банка Марибор“ (НКБМ), словенечката „Нова љубљанска банка“ (НЛБ) ја презеде српската „Комерцијална банка“, српската „АИК банка“ ја презеде „Еуробанк директна“, а пред тоа и словенечката „Горење банка“. И сопственикот на „АИК банка“, Миодраг Костиќ, се приклучува на австриската „Адико банка“.
Читајте како досега се консолидираше банкарскиот пазар во регионот и како ќе се консолидира.
На берзите...
Најновиот стрес на пазарите во светот е најавеното намалување на производството на нафта од страна на Организацијата на земји извознички на нафта и нивните сојузници (ОПЕК+). Тие во неделата рекоа дека ќе ги намалат испораките за еден милион барели на дневно ниво, што веќе два дена се одразува речиси на сите пазари на тргување.
Индексот S&P 500 утрово порасна за 0,4 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 падна за 0,3 отсто. Азиските индекси се движат меѓу зоните на загуба и добивка, со тоа што најслаб резултат утрово бележи хонгконшкиот индекс, чиј пад е 0,8 отсто, додека јапонскиот, кинескиот и австралискиот имаат мал раст од 0,2 проценти.
Во текот на вчерашниот ден нафтата ја постигна својата најголема добивка во една година откако ОПЕК+ најави значително намалување на производството што ќе го затегне глобалниот пазар. Цената на ВТИ вчера се зголеми за повеќе од шест проценти. Утрово ВТИ за испорака во мај продолжи да расте, па ја зголеми вредноста за 0,5 проценти, со што барел се тргува по цена од 80,81 долари. За исто толкав процент порасна и нафтата брент за испорака во јуни во рамките на денешното тргување и сега барел од оваа нафта чини 85,33 долари.
Вредноста на еврото малку се промени во однос на американскиот долар и валутите се тргуваат по курс од 1,0896 долар. Златото падна за 0,3 отсто, на 1.979,65 долари за унца.
На криптопазарот е позитивно, така што биткоинот порасна за 0,9 отсто, на 27.825,68 долари, а вредноста на етерот се зголеми за 1,4 отсто, на 1.804,65 долари.
Денеска читајте...
Најновите бројки за показателите за економското расположение, како за регионот Адриjа, така и за земјите од ЕМУ и ЦИЕ, дополнително го поткрепуваат нашето очекување за материјален пад на економските трендови оваа година, при што Хрватска и Словенија ќе стагнираат, додека остатокот од регионот Адрија ќе има ниски едноцифрени стапки на реален раст на БДП, велат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Анализирајќи земја по земја, тие констатираат дека економското расположение во Хрватска и Словенија се лизна во март 2023 година, додека малку се подобри за Србија и Македонија.
Централните банки продолжија со затегнувањето на монетарната политика во првото тримесечје од 2023 година со цел да спречат понатамошно разгорување на инфлацијата. Тоа може негативно да влијае врз економскиот раст и меѓународните пазари на капитал и да ја доведе светската економија до рецесија.
Со тоа што се очекува прво замирање на инфлацијата, па пресврт на берзите, прашавме кои се прогнозите, кога би се случило тоа.
Стрес-тест: Што ако најголемите штедачи ги повлечат парите?
Недовербата кон банкарскиот сектор, стравот и паниката, се уверивме, може да бидат погубни за банките. Не помина многу време од случајот со американската банка „Силикон валеј“ (Silicon Valley Bank), а за можните реакции сè уште се зборува. Поради последиците, Федералните резeрви (ФЕД) на САД ја преиспитуваат свoјата идна монетарна политика. На европско тло стравот го донесе „Кредит Суис“(Credit Suisse), а турбуленциите сè уште не се завршени.
Во оваа анализа носиме сведоштво на банкар што бил во високото раководство на една регионална банка со странски капитал, чиј идентитет ни е познат, кој ни раскажа што се случува во банката откако кај неа се лоцирани извесни проблеми. Однесувањето на регулаторот односно на централната банка е во согласност со строго утврдени критериуми и слично во сите земји.
Од Народната банка уверуваат дека нема повлекување депозити.