Луксузот кај нас е ништо за развиените држави: Што купуваме за 700 евра?
Единствена институција во земјава што прави такви пресметки е Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Оттаму се согласуваат дека елементите на кошничката не ги одразуваат реалните потреби, особено во делот на храната. Во нивната кошничка во моментов недостигаат многу работи – нема ставка за образование, која би ги вклучила курсевите за децата, нема рекреација и спорт, ниту една лименка пиво или чашка ракија, нема хигиенски влошки и влажни марамчиња, нема бербер или фризер, нема ставка ниту за храна за домашните миленичиња.
И без сите овие ставки, минималната потрошувачка кошничка за едно четиричлено домаќинство надминува 700 евра месечно или 150 евра повеќе од просечната исплатена плата во земјата. Или за една година, во текот на инфлациската 2022 година, основните трошоци на семејствата се зголемиле за над 7.800 денари, а просечната државна нето-плата за 4.000 денари.
И ваквите минимални потреби поради инфлацијата станаа преголем залак за голем дел од македонските домаќинства, особено за тие чии примања се под просечната плата, а такви се најголем дел од работниците што работат во стопанските дејности.
Патики чинат цело богатство иако статистички обувките поскапеле 1 отсто
Државниот завод за статистика пресмета дека во март цените пораснале за 14,7 проценти на годишно ниво, што е значително помалку од највисоката стапка на инфлација од 19,8 проценти, која земјава ја забележа во октомври лани. Тоа што ни падна во очи е дека обувките речиси не настрадаа во овој циклус на раст на цените. Барем не статистички. Иако реалните цени во продавниците баш не го потврдуваат тоа, ниту, пак, производителите на чевли велат дека е така.
Менаџерите на фабриките за обувки со кои разговаравме велат дека низата на кризи неизбежно се одрази и на нивното работење и тоа е повеќе од видливо. Инпутите во производството се поскапени, а тоа се одразува и на крајната цена на производите.
Чевларските компании велат дека и покрај поскапувањето на малопродажната цена од 10 до 15 отсто, тие работат речиси без маржа, односно работат само колку за да опстанат, со надеж дека ќе ги надминат кризите и повторно ќе се врати сјајот во нивната дејност.
На берзите...
Сликата на берзите е релативно позитивна, иако промените не се драстични. Индексот S&P 500 порасна за 0,1 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 претрпе сосема мала промена. Фјучерсите за европските акции се зголемија за 0,6 отсто. На азиските пазари утрово берзанските индекси главно се движат во позитивната зона, со добивка меѓу 0,1 и 0,9 отсто, освен шангајскиот индекс, кој загуби 0,4 отсто од својата вредност.
Цената на нафтата расте додека трговците очекуваат голем број пазарни податоци што ќе ги расветлат трендовите на понудата и побарувачката откако ОПЕК+ го намали производството. Имено, ВТИ за испорака во мај поскапе за 0,7 проценти и сега се тргува по цена од 80,32 долари за барел, а за исто толкав процент порасна и нафтата брент за испорака во јуни, така што оваа нафта чини 84,75 долари.
Вредноста на еврото се зголеми за 0,2 отсто во однос на американскиот долар и нивниот курс на размена сега е 1,0882 долар за евро. Златото се покачи за 0,3 отсто, доближувајќи се до границата од 2.000 долари. Поточно, во моментов унца чини 1.997,68 долари.
Позитивата е присутна и на криптопазарот. Биткоинот ја зголеми својата вредност дури за 3,6 отсто и чини 30.177,56 долари, надминувајќи со тоа нова психолошка граница. Етерот, пак, порасна за два отсто, на 1.923,25 долари.
Денеска читајте...
Индустријата за домашни миленици во последната деценија постојано расте, а тековните промени во демографијата и начинот на живот ги поддржуваат очекувањата за нејзин понатамошен раст, посочуваат аналитичарите на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа за трендовите во оваа индустрија. Тие додаваат дека пандемијата на ковид-19 и работата од дома особено го поттикнаа растот на индустријата.
„Во однос на изгледите за индустријата за домашни миленици во регионот Адрија, очекуваме забавување на нагорниот тренд на раст на продажбата, бидејќи луѓето постепено (но не целосно) се враќаат на работа од канцеларијата, а има дополнителен притисок од постојано високата инфлација и слабеењето на куповната моќ на потрошувачите. Очекуваме дека употребата на премиум-производи за домашни миленици ќе биде помала, при што производите од помалите приватни брендови ќе имаат корист, бидејќи клиентите се свртуваат кон поевтини производи. Иако обемот би можел да биде помал, продажбата сепак се очекува да биде на слично ниво поради надуените цени“, велат нашите аналитичари.
Го тестиравме ЧетГПТ: Добивме план за инвестиција од 100.000 евра!
За да видиме какви се можностите на вештачката интелигенција, го замоливме ЧетГПТ да ни напише неколку бизнис-плана за инвестиции во Македонија со буџет од 100.000 евра.
„Секако, еве неколку различни бизнис-планови за инвестиции во Македонија“, ни одговори ЧетГПТ.
Го замоливме ЧетГПТ за неколку други совети, меѓу кои и за одговор на прашањето „каде да се инвестираат 100.000 евра на Македонската берза“.
„Како модел на јазик за вештачка интелигенција, не можам да дадам инвестициски совети, бидејќи тоа бара големо знаење и искуство во областа на инвестициите. Сепак, можам да ви дадам некои општи информации за Македонската берза и да предложам некои чекори што можете да ги преземете за истражување на потенцијалните можности за инвестирање“, напиша ЧетГПТ. Читајте ги советите на вештачката интелигенција во нашата анализа.