Босанци, Срби, Македонци - најмногубројни сезонски работници во Хрватска
Директорот на хрватскиот завод за вработување Анте Лончар изјави дека најголем број странски работници на хрватскиот пазар се од БиХ, од каде што има околу 30 илјади, а потоа од Србија. Тој додаде дека потоа следуваат работници од Блискиот Исток и посочи дека и покрај растот на бројот на украинските бегалци, бројот на вработени Украинци останал речиси ист како и пред почетокот на војната. Македонците се четврти на списокот најмногубројни работници во Хрватска.
„Издадени се приближно 121.000 одобренија, а годинава веќе 38.000, што е зголемување за 57 проценти. Од есеноска преземаме мерки за зајакнување на персоналот и спроведување дополнителна обука на службениците и ажурирање на информациите за постапката за издавање живеалиште и работни дозволи“, рече Дарио Дудас, началник на Секторот за странци и меѓународна заштита при МВР.
Дудас додаде дека во тек се измени на Законот за странци и дека целта на тој закон е да се олесни постапката за издавање дозволи.
Намалување на пестицидите - грижа за европските земјоделци
Колку може животната средина во Европа да ја издржи изложеноста на земјоделски хемикалии? Спорот околу употребата на пестициди ферментира уште од објавувањето на плановите за значително намалување од страна на Брисел. И поддржувачите и опонентите тврдат: Доколку не сме слушнати, се доведува во опасност снабдувањето со храна.
Во летото 2022 година, Европската комисија претстави предлог-законодавство што меѓу другото овозможува намалување на употребата и ризикот од хемиски пестициди до 50 проценти до 2030 година.
Предлогот на Европската комисија е пречекан со отпор од неколку земји-членки на ЕУ. Додека едни го препознаваат значењето на мерките како заштита на животната средина, други алармираат околу влијанието врз нивните земјоделски индустрии и сигурноста на храната во Европа во целина.
На берзите...
Повеќето азиски акции паднаа бидејќи инвеститорите се фокусираа на слабостa во економските податоци на Кина, иако целокупната слика за таа земја е солидна. Кинеската економија минатиот квартал порасна со побрзо темпо отколку што прогнозираа економистите, бидејќи потрошувачите ги зголемија трошоците, но закрепнувањето беше нерамномерно, со релативно придушена индустриска активност.
Утрово индексот S&P 500 порасна за 0,3 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 е сосема малку променет. Главните азиски индекси се во негатива со најмногу 0,7 отсто.
Вредноста на нафтата брент утрово порасна за 0,2 отсто, искачувајќи се на 80,98 долари за барел. Еврото забележа само мала промена во однос на американскиот долар и тие две валути се тргуваат по курс од 1,0935 долар за евро. Златото, пак, ја зголеми својата вредност за 0,2 отсто и сега унца чини 1.999,31 долар.
Позитивна е сликата и на криптопазарот, каде што биткоинот забележа раст од 0,2 отсто и се тргува по цена од 29.518,2 долари, а етерот порасна за 0,3 отсто и чини 2.084,16 долари.
Денеска читајте...
Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новиот извештај се фокусира на франшизите за брза храна во регионот. Тие навлегуваат во двигателите на растот, предизвиците и карактеристиките на регионалните франшизи и ги мерат нивните перформанси во однос на глобалните играчи.
Во споредбената група преку која во анализата се доловува пејзажот на франшизи во регионот Адрија доминираат двајца играчи – „Мекдоналдс“ и КФЦ. „Мекдоналдс“ има вкупно 97 ресторани во регионот, додека КФЦ има 28. Хрватска има најголем број франшизирани ресторани во регионот.
Правата на франшизата тешко се одржуваат и може да се изгубат поради различни причини. Како пример за тоа е наведена „Глисе581г“ (Gliese 581g), која ги загуби правата за франшиза за „Мекдоналдс“ во БиХ, а „Мекдоналдс“ ја напушти и Македонија.
Брзата пруга ќе стигне до Ниш - во земјава Вардар е пречка
За пет години, возовите од Ниш до Љубљана ќе се движат со брзина од 200 километри на час. Србија, Хрватска и Словенија влегуваат во сериозна инвестициска активност за реконструкција на пругите по должината на паневропскиот коридор 10. Овој коридор се протега од Австрија, преку Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, до Грција.
Директорот на јавното претпријатие „Железници на Република Северна Македонија - инфраструктура“, Хари Локвенец, во изјава за „Блумберг Адрија“ вели дека главна пречка за модернизација на македонските пруги е конфигурацијата на теренот. Читајте ја анализата на овој линк.