Ако сакате да му се придружите на најбогатиот еден процент во Монако, ќе ви треба богатство со осум цифри.
Според истражувањето на „Најт Френк“ (Knight Frank), потребни се 12,4 милиони долари за да ги исполните „квотите“ на малото медитеранско кнежевство, каде што жителите милијардери, како што се британскиот индустријалец Џим Ретклиф и претседателот на „Волгринс бутс алајанс“ (Walgreens Boots Alliance), Стефано Песина, обично не плаќаат даноци на приход или давачки за капитална добивка.
Швајцарија и Австралија ги имаат следните највисоки влезни точки кон „едниот процент“, при што е потребна нето-вредност од 6,6 милиони долари и 5,5 милиони долари, соодветно, според податоците објавени во средата. Во САД, 5,1 милиони долари ќе ве пренесат преку прагот.
Наодите нагласуваат дека пандемијата и повисоките животни трошоци го зголемуваат јазот меѓу богатите и сиромашните нации. Влезната точка за најбогатите во Монако е над 200 пати поголема од 57.000 долари потребни за да му се приклучите на „едниот процент“ на Филипините, што е една од најниско рангираните од 25 локации наведени во студијата на „Најт Френк“.
Домаќинствата со пониски приходи низ светот го чувствуваат товарот на инфлацијата, што ги принудува да трошат многу поголем дел од својот приход на храна и домување, според Светската банка. Во меѓувреме, 500-те најбогати луѓе во светот годинава додадоа речиси 600 милијарди долари на нивното комбинирано богатство, според индексот на милијардери на „Блумберг“, а најмногу заработи основачот на „Мета“ (Meta Platforms Inc.), Марк Закерберг.
„Растечката нееднаквост на глобално ниво би можела да резултира со поголем фокус на оваа група - особено во поглед на поголеми оданочувања на средствата, па дури и на емисиите“, вели „Флора Харли“, партнер во истражувачкиот тим на „Најт Френк“.