Високите температури ќе се задржат низ Северна и Западна Европа во наредните недели, со особено екстремни температури што ќе го погодат Пиринејскиот Полуостров до крајот на јуни. Живата во Севилја, на југот на Шпанија, месецов се прогнозира да достигне максимум од близу 45 Целзиусови степени, според податоците собрани од „Блумберг“. Постои опасност од суша, а високите температури наметнуваат и поголема употреба на енергија за ладење. Што се однесува до нашиот регион, да поуживаме во пролетните температури додека можеме. Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
Единствениот систем за наплата на патарини не почна со работа на 1 јуни
Доцни електронскиот систем за наплата на патарини во две од земјите од Отворен Балкан. Уникатниот систем што требаше да овозможи граѓаните од Македонија и Србија од 1 јуни да поминуваат низ наплатните рампи без застанување сѐ уште не е ставен во функција.
Ваквиот систем, кој требаше да ги намали редиците на патарините со почетокот на туристичката сезона, беше најавен уште во март, но од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) велат дека сѐ уште се прават последните подготовки и не прецизираат кога ќе почне примената.
Инфлацијата во САД забавува, ФЕД може да одмори
Инфлацијата во САД забави во мај, што е важен аргумент за функционерите на Федералните резерви (ФЕД), кои пред денешниот состанок најавуваа дека сакаат да ги паузираат зголемувањата на каматните стапки, по повеќе од една година покачување.
Со 4 отсто, инфлацијата на годишно ниво сега е на најниско скалило од март 2021 година, според податоците што ги објави Бирото за статистика на трудот.
Европска компанија ќе инвестира во „Атом стил“
„Атом стил“ (Atom Steel) од Кочани објави дека почнува соработка со голема европска компанија, поради што во следните три-четири години ќе се остварат над 300 вработувања.
„Веќе сме во финална фаза на склучување договор со партнерски инвеститори од една европска земја, кои заедно со ’Атом стил ЛТД’ треба да инвестираат во постојните погони, како и да градат нови погони“, соопштија од компанијата.
„Наедно, ќе се инвестира во нови машини за подобрување на капацитетот и квалитетот на производството на челичните структури што треба да се извезуваат во повеќе европски земји“, се наведува во соопштението.
Малку се подобри довербата на инвеститорите во германската економија
Довербата на инвеститорите во германската економија неочекувано се подобри, иако не сигнализира силно закрепнување по првата рецесија од почетокот на пандемијата.
Индексот на очекувањата на институтот ЗЕВ (ZEW) се искачи на -8,5 во јуни, од -10,7 во мај. Економистите анкетирани од „Блумберг“ очекуваа пад на -13,5.
„Експертите не очекуваат подобрување на економската ситуација во втората половина од годината“, рече претседателот на ЗЕВ, Ахим Вамбах, во вторникот. Сепак, падот „генерално не се смета за особено загрижувачки“.
Изненадување од кинеската централна банка
Кинеската централна банка ги изненади повеќето економисти и учесници на пазарот со намалувањето на својата краткорочна каматна стапка, знак дека официјалните лица сè повеќе се загрижени за забавувањето на растот и ги засилуваат стимулациите за да поттикнат закрепнување.
Народната банка на Кина ја намали реверзната репо-стапка за 10 базични поени, на 1,9 отсто, се наведува во соопштението. Ова е прво намалување на стапката од август 2022 година, пишува „Блумберг“.