Компанијата за производство на електрични автомобили „Тесла“ планира да инвестира повеќе од една милијарда долари во проектот „Доџо“ (Dojo), за да стане еден од играчите во креирањето суперкомпјутери. Извршниот директор Илон Маск им објасни на инвеститорите дека суперкомпјутерот е дизајниран да обработува огромен број податоци, вклучувајќи и видеа од автомобилите на „Тесла“ што се потребни за создавање софтвер за автономно возење. Додека во светот почнува сериозна трка во креирањето суперкомпјутери, во Македонија сè уште не знаеме како правилно да ги искористиме и онака скромните ресурси.
Добро утро, подолу се петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Срамежливи обиди за циркуларна економија во Македонија
Земи, направи, употреби и фрли - со децении тоа е пристапот кон производите и потрошувачката или концепт на линеарна економија. Компаниите земаат суровини за да создадат производи, кои подоцна ги купуваат потрошувачите, за на крајот, по употребата, да ги исфрлат, создавајќи отпад што во голема мера ја загадува животната средина.
Како одговор на климатските промени се појави концептот на циркуларна економија, кој вклучува повторна употреба, поправка, повторно производство и рециклирање, за да се создадат нов систем и долготрајни производи. Во време кога има нагло зголемување на нестабилноста на глобалната економија и исцрпување на ресурсите, повикот за нов економски модел станува сè погласен. Анализираме дали македонските компании го следат примерот од европските земји и кои се придобивките од циркуларната економија.
Еврозоната сепак избегна зимска рецесија
Економијата на еврозоната сепак избегна зимска рецесија, бидејќи ревидираните податоци покажуваат дека на почетокот на годинава нејзината економија стагнирала, па не се остварени два последователни месеца на пад на бруто-домашниот производ.
Производството во 20-члената монетарната унија останало непроменето во првиот квартал, според ажурираните податоци објавени од „Евростат“ во четвртокот. Ова е повисоко од првично проценетите -0,1 отсто, поради што беше пресметано дека еврозоната влезе во првата техничка рецесија по пандемијата.
Инфлацијата во еврозоната падна на 5,5 проценти, на потег е ЕЦБ
Стапката на инфлација во Европската Унија во јуни годинава изнесува 6,4 проценти, што е намалување во однос на истиот месец минатата година, кога таа изнесуваше 9,6 проценти, покажуваат податоците на „Евростат“. Растот на цените во ЕУ падна и во однос на мај годинава, кога стапката на инфлација изнесуваше 7,1 проценти.
Во еврозоната, инфлацијата во јуни изнесува 5,5 проценти, што е намалување во однос на истиот месец минатата година, кога хармонизираниот индекс на потрошувачки цени односно таканаречената ХИЦП-инфлација изнесувала 8,6 проценти. И во еврозоната во јуни има намалување на инфлацијата во однос на мај годинава, кога таа изнесувала 6,1 проценти.
Цената на пченицата расте, руски закани за бродовите упатени кон Украина
Цената на пченицата продолжи да расте - по најголемиот дневен пораст во една деценија во средата - бидејќи руските закани кон бродовите што пловат кон украинските пристаништа го засилија конфликтот околу извозот на жито од регионот на Црно Море.
Фјучерсите во Чикаго пораснаа за 1 отсто откако напредуваа за речиси 9 отсто во еден момент од претходната сесија, што е најголем пораст од 2012 година. Руското министерство за одбрана предупреди дека сите бродови во Црно Море што се упатуваат кон украинските пристаништа ќе се сметаат за потенцијални превозници на воен товар почнувајќи од четврток. Предупредувањето дојде само неколку дена откако Русија му стави крај на договорот за жито преку Црно Море, со кој украинскиот извоз минуваше низ коридорот.
Македонија може да биде привлечна за дигиталните номади, но потребна е промоција
Македонија има ниско ниво на дигитална писменост и потребни се инвестиции за да се сменат состојбите, бидејќи светските трендови налагаат дека без дигитална писменост во модерниот свет младите тешко ќе можат да се снајдат.
„Официјалните податоци на ’Евростат’ покажуваат дека само 32 отсто од македонското население имаат барем основно или средно ниво на дигитални вештини, а тој процент во ЕУ е 54 отсто“, вели Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на организацијата „Македонија 2025“.
Таа посочува дека она што загрижува е дека истото тоа се однесува и кај младите. „Имаме погрешна перцепција дека младите постојано се на социјални медиуми и сметаме дека се дигитално писмени. Меѓутоа, дигиталната писменост се мери на друг начин - дали знаете да испратите документ преку мејл, дали знаете да се заштитите во интернет-просторот и слично“, појаснува Мојсоска Блажевски.