Федералните резерви на САД (Фед) вчера одлучи да не ја промени стапката на референтната камата и да ја задржи во опсег од 5,25 до 5,5 проценти, одлука што се очекуваше. Ова е највисоко ниво на основната камата во САД во последните 22 години, но на денешниот состанок сите членови на Федералниот комитет за отворен пазар едногласно одлучија да паузираат во промените на стапката. Сепак, Фед остави простор за ново зголемување на еден од следните состаноци, само доколку е потребно.
Добро утро, подолу вестите што ги одвоивме за почеток на денот.
Народната банка повторно ја зголеми каматната стапка
Народната банка повторно ја зголемува референтната каматна стапка. Советот на НБРСМ одлучи и ова зголемување да изнесува 0,15 процентни поени и сега каматата на благајничките записи изнесува 6,30 отсто. На седницата беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити прекуноќ и на седум дена, за по 0,15 п.п., и сега тие ќе изнесуваат 4,20 отсто и 4,25 отсто. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува десет милијарди денари.
„Заради зајакнување на досегашните позитивни ефекти врз валутната структура на штедењето, како и за поддршка на процесот на монетарна трансмисија, Советот на Народната банка донесе одлука за дополнително зголемување на стапката на задолжителна резерва на девизните обврски на банките од 20 на 21 отсто, а зголемен е и процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута што се исполнува во евра, од 80 на 81 отсто. Овие измени ќе се применуваат од 20 декември 2023 година“.
Од Нова година задолжително е собирањето на текстилниот отпад
Фрлањето на текстилниот отпад е сериозен проблем од еколошки аспект. Домаќинствата се едната страна, текстилните фабрки се другата, многу поопасна страна на приказната. Текстилниот сектор во земјава има годишен извоз од над 600 милиони евра, вработува над 35.000 луѓе, но создава и околу 700 тони отпад годишно.
Само во македонскиот Манчестер или општина Штип има околу 80 текстилни фабрики и таму се создава најголем дел од отпадот за кој во моментов нема решение. Можно решение е Законот за посебни текови на отпад кој стапува на сила од Нова година. Со него се уредуваат барањата за заштита на животната средина и здравјето на луѓето преку спречување или намалување на негативните влијанија од создавањето и постапувањето со отпаден текстил, гуми, масла и возила.
Климатските промени може да ја поскапат облеката и во Македонија
Климатските промени го земаат данокот во производството на памук, чијашто цена расте, а според прогнозите наведени на терминалот на „Блумберг“ уште долго време ќе се задржи над границата од 80 центи за фунта. Меѓу главните причини за тоа е намалувањето на производството во САД поради сушата која го зафати Тексас, каде се произведува околу 40 проценти од американскиот памук.
САД до неодамна покрај Кина и Индија беа меѓу трите топ држави-најголеми производители на памук во светот, но поради временските неприлики кои го намалуваат родот и квалитетот на памукот, тие го загубија третото место кое годинава го зазеде Бразил. Тоа е голем удар за САД, кои во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век беа светски лидери во производство на памук. Инаку, САД и Бразил важат за најголеми извозници на памук во светот, покривајќи речиси половина од вкупните извезените количини.
Силен раст на продажбата на автомобили во ЕУ
Во август 2023 година пазарот на автомобили во Европската Унија (ЕУ) порасна за 21 отсто, достигнувајќи 787.626 регистрирани возила, што претставува тринаесетти последователен месец на раст, се наведува во најновиот извештај на Европската асоцијација на производители на автомобили (АЦЕА).
И покрај тоа што август е традиционално полош месец за продажба на автомобили, двоцифрениот пораст покажува дека пазарот на ЕУ закрепнува од минатогодишниот недостиг од компоненти. Двоцифрен процентуален раст е забележан на повеќето пазари, вклучувајќи ги и трите најголеми: Германија (+37,3 отсто), Франција (+24,3 отсто) и Италија (+11,9 отсто). Од јануари до август 2023 година регистрациите на нови автомобили во ЕУ значително се зголемија (+17,9 проценти), на вкупно 7,1 милиони возила.
Следната недела намалување и на цените на пијалаците
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера на својот фејсбук-профил информира дека цените на безалкохолните и алкохолните пијалаци ќе се намалат за 10 отсто во наредниот период. Тој соопшти дека добил неколку писма од домашни производители на минерална вода, сокови и пиво, кои го известиле дека доброволно се вклучуваат во кампањата „Гарантирана цена“.
„Намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци! Денеска добив неколку писма од нашите домашни производители на минерална вода, сокови, пиво, кои ме известија дека доброволно се вклучуваат во кампањата ’Гарантирана цена’ со намалување на цените од минимум 10 отсто“, наведува Бектеши во својата објава на социјалната мрежа.