Нарушената независност на судството го симна Хонгконг од првото место на листата најслободни економии. Оваа азиска земја половина век важеше за најслободна економија во светот. Сега е на втората позиција, а Сингапур е лидер на листата. Швајцарија, Нов Зеланд и САД остануваат во првата петорка.
Добро утро, ова се преостанатите пет важни вести што треба да ги знаете за почетокот на денот.
Трошиме по 3.000 денари на „Амазон“ и 700 денари на „Алиекспрес“
„Амазон“ (Amazon), „Алиекспрес“ (Aliexpress) и АСОС (ASOS) им се омилени е-продавници за пазарење на Македонците. За купување производи и услуги кон странски е-трговци, Македонците лани потрошиле 156,2 милиони евра.
Просечната вредност на пазарењето онлајн на Македонците чини 3.000 денари. Ако се има предвид дека европското седиште на „Амазон“ и на „Алиекспрес“ е регистрирано во Луксембург, кон оваа земја има речиси 900.000 трансакции, но со многу помала вредност за разлика од Обединетото Кралство, каде што се наоѓа е-продавницата за облека АСОС и, секако, „Амазон“. Во просек Македонците трошат по 688 денари по трансакција во Луксембург, додека најмногу пари се трошат во Унгарија и Холандија, каде што се наоѓаат компаниите на „Визер“ и на пример „Букинг“ (Booking.com), каде што во просек се трошат 8.733 денари.
Омиленото традиционално македонско јадење во Охрид е кај Холанѓанец
Охрид е еден од македонските градови со најмногу иселени граѓани. Речиси нема семејство што нема свој близок во странство. И додека дури две третини од луѓето овде не гледаат можности за развој и се песимисти да отворат сопствен бизнис, Брајан Јансен мисли поинаку. Овој млад Холанѓанец и сопругата Кети одлучиле да продадат сè во татковината и од нула да почнат да ја градат иднината овде, во Балканскиот Ерусалим.
Лаунџ-ресторанот „Д лајон“ (The Lion) го отвориле пред две години. По неколку дена поминати во Охрид и детално разгледување на менијата, кои најчесто транспарентно се истакнати пред угостителските објекти, најголемо внимание ми привлече токму нивната понуда, и според изборот на јадења и според цените.
Раст на вкупните депозити и кредити во август
Во август вкупните депозити остварија месечно зголемување од 0,2 процента, што во целост се објаснува со растот на депозитите на корпоративниот сектор, при пад на депозитите на домаќинствата, соопшти Народната банка. Годишниот раст изнесува 10,1 проценти, како резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
„Вкупните кредити во август се повисоки за 0,3 проценти споредено на месечно ниво во целост поради зголеменото кредитирање на секторот домаќинства. Годишниот раст од 6,4 проценти е резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства“, информираат од Народната банка.
Банката на Англија не ги промени каматните стапки за првпат по речиси две години
Банката на Англија го затвори најагресивниот циклус на покачување на каматните стапки во повеќе од три децении во услови на пад на инфлацијата и зголемени стравови од рецесија.
Централната банка ја задржа основната стапка на 5,25 отсто, завршувајќи со серијата од 14 последователни зголемувања од декември 2021 година, кога стапките беа само 0,1 отсто. Пет члена на Комитетот за монетарна политика гласаа за да се остават стапките непроменети, а четворица сакаа да се зголемат на 5,5 отсто.
Русија привремено го ограничува извозот на дизел и на бензин
Русија, главниот снабдувач со дизел на светските пазари, привремено го ограничи извозот на ова гориво во обид да го стабилизира домашниот пазар по растот на цените на горивата за автомобили.
„Привремените ограничувања ќе помогнат да се засити пазарот на гориво, што пак ќе ги намали цените за потрошувачите“, соопшти владината прес-служба на својата веб-страница. Документот потпишан од премиерот Михаил Мишустин ќе биде објавен подоцна. Мерката се однесува и на бензинот, кој Русија помалку го извезува.