Зелена обврзница во 11 часот на аукција. Граѓаните и правните лица преку банките на денешната аукција ќе можат да даваат понуди за запишување на зелените обврзници до 12 часот. Обврзницата е со каматна стапка од 4,75 отсто и рок на достасување од две години, а парите ќе одат во Фондот за енергетска ефикасност, во рамките на Развојната банка.
Добро утро, ова се петте вести без кои не треба да го почнете денот.
Наша прогноза: Ќе има огромен интерес за зелената обврзница
Министерството за финансии веќе издаде граѓански обврзници, денеска првпат ќе издаде зелена обврзница и ќе остане уште да се издаде проектна обврзница.
Михаел Блажековиќ, аналитичар за макроекономија и за пазарот на капитал во „Блумберг Адрија“, вели дека издавањето зелени обврзници е во насока на натамошна диверзификација на јавниот долг на Македонија и додава дека ист интерес се очекува и за емисијата на зелените обврзници од повеќе причини.
Во регионот Адрија има позитивни примери за издавање зелени обврзници во последните години. Србија издаде зелени обврзници од милијарда евра уште во 2021 година, додека Словенија ја издаде втората одржлива обврзница оваа година, од 1,25 милијарда евра.
Европа погодена од ураган од американски обврзници
Европските пазари на обврзници закрепнуваат во четвртиот квартал, откако накратко ги достигнаа највисоките 10-годишни приноси во последната деценија.
Индексот на доларот порасна за шест отсто во однос на кошницата светски валути од средината на јули, при што приносите на 10-годишните американски обврзници се зголемија за 75 базични поени во исто време. Европа е немоќна да се спротивстави на тие сили, особено кога суровата нафта е непријатно блиску до 100 долари.
Долар и нафта: И во Македонија дизелот ќе биде поскап од бензинот?
Турбулентниот септември не се преслика на домашниот пазар. Минатиот месец цената на нафтата на светските берзи во два наврата ја премина границата од 95 долари за барел
Прогнозите одат во правец на тоа дека нафтата допрва ќе надмине 100 долари за барел. Ниските резерви во САД и намаленото производство во Саудиска Арабија и Русија веќе влијаат на цените.
Домашниот пазар на горива остана стабилен пред сè затоа што при пресметките на цените на горивата, Регулаторната комисија за енергетика не ги зема предвид берзанските цени на суровата нафта туку на нафтените производи, и тоа во минатите пет дена.
Производителите на автомобили купуваат „зелен челик“ што е далеку од „зелен“
Производителите на автомобили и на челик склучуваат договори за зелен челик и ги користат за да ги рекламираат своите еколошки акредитиви. Проблемот е што челикот сè уште се кове со фосилни горива и не е јасно колку брзо ќе се промени тоа.
Европските производители на челик бараат комбинација од електрични лачни печки и водород за да ја трансформираат индустријата, која сè уште согорува милијарди тони јаглен, генерирајќи околу седум отсто од глобалните емисии на јаглерод диоксид.
Што треба да знаете за лековите како „вегови“ што се користат за губење на тежината
Успехот на овие лекови предизвика бум во истражувањето. Сега има повеќе од 50 лека против дебелина во клинички развој од околу 40 компании, според „Блумберг“.
Бидејќи лековите од оваа категорија се користат речиси 20 години за лекување пациенти со дијабетес, нивниот безбедносен профил се смета за релативно добро воспоставен.
Годишната продажба на лекови против дебелина, која денес изнесува околу 2,2 милијарди долара, би можела да достигне повеќе од 40 милијарди долари на глобално ниво до 2030 година, според аналитичарите на „Блумберг“.